1. Не знам што е толку смешно тоа што министерот за образование Ненад Новковски во гимназијата во Неготино се криел во клозет? Министерот отишол да спасува заложници. Значи тие од неговото присуство имале голема нужда. А кога е некој во голема нужда, нормално е да оди в нужник. И министрите го прават тоа.
Директорката се вика Орданка Бајатова. Но, тоа што го носи таквото презиме, за неа воопшто не е хендикеп. Иако бајата, таа има свежи идеи за реформа на образовниот систем. Нејзината педагошка практика таа ја темели на старата изрека дека стапот е излезен од рајот. Впрочем, стапот навистина може да биде најкус пат до рајот. Кога некого ќе го отепаш од тепање, душата му оди директно во рај.
Скраја да е, учениците во неготинската гимназија не добиле таков ќотек. Всушност, тие не добиле никаков ќотек. Тоа што имаат модринки по телата и главите и по некоја лонгета на рацете не било од тепањето, туку од бегањето по скалите. Бидејќи полицијата не можела да воспостави ред, дошол братот на директорката и учениците почнале сами да си ги кршат коските и да се удираат по глава. Примале наредби од СДСМ. “Ослободителите” на професорката велат дека од СДСМ постојано биле во контакт со професорите и учениците по мобилни телефони и дека “тоа може многу лесно да се провери”. Е, како така? Белким не ги прислушувале мобилките. Нели Доста веќе ја нема.
2. Ич да си немате грижа. Допрва ќе гледаме глупости. Кога тие со тепање си ги бранат директорите, можете да замислите како ли ќе си ги бранат министерските и пратеничките места. Кај и да е, очекувам и Жан Митрев некој ден со “ослободители” да ги натепа тоа непрофесионалните лекари од Воената болница, за да си земе три ката, како што му ветила владата. Ако може Бајатова, зошто не би можел некој позаслужен ВМРО-вец од неа. И после луѓето велат, внимавајте што зборувате, ќе не тепаат по улици.
Е па ќе не тепаат. Гледам, освен оние родители на децата од неготинската гимназија, никој глас не дигна. А и професорите се покажаа. Освен неготинчани, на другите професори им е супер.
Е па нека не тепаат. Какви сме, сами ќе им се наместиме за поарно да удрат. Само ќе ги замолиме: “Удри, само не по глава”. Колку за да ни остане бистар умот. Да можеме да размислуваме на тема: Тие ли се луди, или нас не прават будали.
3. Еве, на пример, пратениците не се воопшто луди. Напротив. Како што неодамна ги пофали Стојан Андов, тие биле најздравиот елемент во државата. Затоа и си донесоа закон со кој си ја легализираат сета своја аздисаност. А ние нездравите елементи во државата и на идните избори ќе гласаме за нив. Нели три пати гласавме за предлагачот Слободан Даневски. Е, па кој е сега луд, а кој будала?
Еден интелект како Амди Бајрам, еден воспитан како Томислав Стојановски, патриот како Хисни Шаќири, образован како водоводџијата Трпевски, или чесен како Алија Шакиќ, цел живот ќе можат да шверцуваат со дипломатски пасоши, а илјадници припадници на средна класа, интелектуалци, универзитетски професори, напредни студенти, уметници од светски ранг ќе висат како мајмуни пред конзулатите, со купишта документи кои го навредуваат достоинството.
Ако. Така ни треба. Ако не се навредуваме од однесувањето на власта, зошто тогаш да им се лутиме на странците што не понижуваат. Толку сме заслужиле.
4. Премиерот Љубчо Георгиевски деновиве стана шеф на Координативното тело за справување со кризи. Тоа е истото тоа тело за кое Љубчо пред десетина дена рече дека е театар и шминка. Така, премиерот насмеан, како што си го знаеме, стана директорот на театарот.
А бе Љубчо, што стана со лигушите?
На премиерот му се советува, каде и да е, постојано да биде во близина на прозорец. Оти, Новковски во Неготино се спаси бегајќи низ прозорец, и со полициска придружба. Затоа Љубчо, држи си го пенџерчето отворено. А и брат Љубе нека биде постојано со тебе. Може ќе ти се најде.
5. Над 40 луѓе од власта деновиве се шетаат низ Америка. Темата на прошетката им е економска. Бараат пари за Македонија. Сигурно ќе донесат купишта долари, штом толку многу заминаа за Њујорк и Вашингтон. Мора некој да им ги носи и торбите.
Претседателот прво ќе биде во Њујорк. Потоа ќе оди во Вашингтон. Таму ќе биде на молитвениот појадок. Во меѓувреме веројатно ќе оди на шопинг.
На појадокот ќе одат и неколку парламентарци. Нема да јаде само Радмила Шеќеринска. Само што се врати од Пекинг каде што заедно со лидерот Црвенковски беше 10 дена. Многу е кус периодот да се привикне од ориз на хамбургер.
6. Бранко се врати од Кина и не ни кажа како си поминал. Веднаш почна да се жали на државен тероризам. Навикнат на кинеска демократија, тука доживеа демократски шок.
А ние цело време очекувавме другарките и другарите од Пекинг да пристигнат со кинески плочки, што другарите од НР Кина им ги доделиле во знак на благодарност и почит кон СДСМ и херојското дело на другарката Илинка што му рече историско “Не” на Тајван. Плочките би биле со изгравирана петокрака и со инспиративна мисла на Мао Це Тунг.
И нема смисла што Бранко не и дозволи на Радмила да оди на појадок во Америка. Кога е веќе преку Атлантикот – ене кај е Куба. Ќе тркнеше набрзина, да направи чест. Ако веќе мисли дека Либија на Гадафи е за фрлање, барем Кастро нека не го навредува.
7. Според извештајот за конкурентноста во 20 земји од југоисточна Европа, на Македонија и недостигал пазарен менталитет.
Значи ова странците немаат поим. Ние цела држава ја продадовме, а тие ќе ни кажуваат дека сме немале пазарен менталитет. Само нека ни дојдат тука. И нив ќе ги продадеме