ЉУДМИЛА ЖИВКОВА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:104:"ПолаКабинетвоСкопје,полавоОхрид,аЛамбевоИдризово

    1. Сега ми е многу полесно. Претседателот Ѓорге Иванов им се извини на граѓаните за грешката со помилувањето на Ламбе Арнаудов. Не знам како реагирал Ламбе, ама јас му го прифатив извинувањето. Оти претседателот беше ептен уверлив кажувајќи ни како се случила грешката во указот за помилување затвореници објавен во Службен весник да го има и Ламбе. Пола од луѓето од Кабинетот му биле во Скопје, а пола во Охрид. И на печатење отишол потпишан список што не требало да се печати.
    Полесно ми е и кога ќе се сетам дека Македонија не е нуклеарна сила. Оти, ако имавме атомска бомба, а пола Кабинет е во Скопје, пола во Охрид, на претседателот можеше да му се случи летово да притисне некое копче. Па после да се премисли. Пак ќе требаше да ни се извинува.
    Може баш затоа и не сме нуклеарна сила.

    2 Каква што ни е државната администрација може и ќе поверувавме дека навистина била направена грешка. Ќе се посмеевме со Ѓоле, ќе го пожалевме Ламбе, ќе го сменевме каналот на телевизија кога некој од СДСМ држи прес конференција и ќе си заминевме во Грција на продолжен викенд.
    Арно ама, ВМРО-ДПМНЕ секогаш има нешто да каже. И кога кажува ВМРО-ДПМНЕ тогаш мора да биде нешто историски многу важно. Па излезе Александар Бичиклиски и ни откри дека за грешката на Иванов, виновен е Бранко Црвенковски.
    Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ го рече следново: “Искористувањето на државните служби доживува кулминација со тоа што беа доведени во заблуда службите во Кабинетот на претседателот Иванов и на крајно дрзок и безобразен начин во листата беше додадено лице за кое очигледно претседателот Иванов никогаш не дал согласност да биде помилувано”.
    Се слушаат ли овие од ВМРО што зборуваат? Или, кога е во прашање Бранко им се кочи мозокот. Губат 90 отсто од интелигенцијата само на помислата на неговото име.
    Некој им упаѓа во системот, им менува потпишани документи, ги вади во јавноста и за тоа е крив Бранко. А тие се на власт. И не само тоа, туку од каде знаат во партијата дека “очигледно претседателот Иванов никогаш не дал согласност тоа лице да биде помилувано”?
    Овие од ВМРО-ДПМНЕ или се занимаваат со психоанализа, или толку му го контролираат умот на Иванов кога се толку сигурни што е очигледно во мислите на претседателот. А очигледно е само тоа што е излезено во Службен весник. Го има името на Ламбе. Го има и потписот на Ѓоле. Одма под Ламбе, оти тој е последен на списокот. Поочигледно амин.

    3 Си замислувам како некоја дактилографка од Кабинетот на шефот на државата, тајно вљубена во Бранко, на привремена работа во Охридскиот кабинет на Иванов, чека да падне ноќ за преправена како ВМРОвка да тргне на пат за Скопје. Се прикрадува во Скопскиот Кабинет на Иванов, вкучува компјутер и додава имиња на затвореници за помилување. И потоа исчезнува во мракот на жешката скопска ноќ и го фаќа првиот автобус за Охрид да се врати во другата половина од Кабинетот.
    И сето тоа се случува додека Владата на Груевски остварува до раните утрински часовви, а најстрашно од се е што ни Бичиклиски не е информиран за мрачната завера.
    Претседателот Ѓорге Иванов непредизвикан од никого, си доаѓа сабајлето на работа, си потпишува документи без да прочита што потпишува и потоа тие одат на печатење во Службен весник.
    А Бранко си пие виски, си ја троши пензијата што вчера му ја дадоа и сигурен дека ВМРО-ДПМНЕ напорно и упорно работи за него си вика: “Ш’о им праам. Три години се на власт, а битен сум како јас уште да владеам”.
    Да не ни се случува навистина, ќе си мислев дека е сцена од “Ало, ало”.

    4 Владата ги објави имињата на новите кандидати за амбасадори. Претседателот Иванов треба да ги потпише указите.
    Бичиклиски уште сега може да излезе со прес конференција. Да каже дека Иванов “очигледно” ќе ги одобри сите амбасадори. И кога ќе ги потпише, “очигледно” нема да се предомисли. Освен ако Бранко пак не му подметнал некого на списокот.

    5 Ова ме потсети на еден виц од пред триесетина години кога ќерката на бугарскиот комунистички диктатор Тодор Живков, Људмила возела брзо низ Софија и ја фатила полиција. Полицаецот не знаејќи која е жената за казна и направил дупка на возачката дозвола. Кога и ја враќал видел дека се презива Живкова, па се сетил: “Вам Тодор Живков што ви е?”. Таа рекла дека е и татко. Тогаш полицаецот пак и ја зел возачката и покрај дупката напишал “Тази дупка не е дупка”.

    6 Кога правевме мајтап со покојниот претседател Борис Трајковски некако му стоеше мајтапот. Човекот бил секретар на молерска задруга. Плус, во ВМРО-ДПМНЕ кога го предложија за претседател не глумеа некоја демократија. Го избра Доста, го донесе во Универзална сала, седна до него и делегатите го изгласаа.
    Си викам, на Ѓоле ни мајтап не му стои. Ај што не е секретар на молерска задруга. Туку е професор на факултет. Еееј, претседателот ни е доктор Ѓорге Иванов, и тоа доктор по правни науки. Плус, не беше ВМРОвски кандидат. Едно чудо професори, академици, ректори, студенти, писатели и независни интелектуалци се испотпишаа на неговата кандидатура.
    Којзнае колку се горди сега на својот потпис.

    7 Еден совет како да ги избегнете турканиците на Скопскиот аеродром. Штом ќе влезете во терминалот почнете да кашлате. Ако може нека ви солзат и очите. Веднаш преку ред ќе ве пренесат преку граница. Ќе заштедите и на пари за такси. Со амбулантна кола ќе ве донесат до Скопје. И куферите ќе ви ги пратат без да чекате и да се потите. И згора на се ќе ви направат и крвна слика без пари.
    Ако се посомневаат дека имате свински груп, имате шанса и да ги избегнетеи новите четири рампи на паркингот. За кои се чудев зошто се ставени. Па ми текна дека се за да вработат уште некој партиски интелектуалец на главната рампа, на кого ќе му го дадеш ливчето за тој да му го покаже на автоматот.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира