1. Овој народ, дефинитивно, треба да се смени. Што му требаше да гласа за промени, кога можевме да си имаме вечна власт? Бадијала си ја чукаме главата “кој ќе биде што ќе биде… “, па дали Доста ќе станела прва полицајка, па дали Кипријанова на Љубчо ќе му викала “Слушај млади човече”, дали Саво ќе ја сече лентата на повторното отворање на универзитетот во Мала Речица, или Реган ќе ја обновува изградбата на пругата кон Бугарија. Малку Љубчо и Циле си имаат проблеми, па уште и ние мора да се заморуваме.
А убаво ни викаа немојте да гласате за нив. Вака излезе дека народот гласал за поделба на Македонија, за спојување кон Бугарија, за промена на името… Под итно треба да се распишат нови избори. Да се смени народот.
2. И претседателот на Републиката Киро Глигоров се однесува несериозно. Уште не е разгледана уставната можност за промена на народот, а тој веќе ги почнал неофицијалните консултации за составот на новата влада. Ајде што зборувал со Љубчо, ама што мајка го викал и Цилета. Крајно неодговорно е од Глигоров да се сретнува со Васил Тупурковски. На дигнитетот на шефот на државата не му одговара да разговара со предавник што го продавал името, а згора на тоа уште е и српски, македонски и американски шпион во исто време.
Среќа што уште на времето, претседателот му купил на Циле клавир. Благодарејќи на тоа, избегнат е уште еден претседателски скандал, па шефот на државата не се сретна со шпионот со конспиративните имиња Јанг и Хоуп. Циле бил многу дисциплиниран кај учителката по музика и не сакал да бега. Токму во терминот кога претседателот го поканил, Циле земал часови по клавир, па не можел да оди на гости.
3. Верувам дека и на Љубчо и на Циле им беше многу тешко за време на кампањата. Ама, сепак, мислам дека убедливо најтешко му беше на Циле, во неделата ноќта, кога се славеше на плоштадот Македонија во Скопје. Излезе дека “освојувањето на слободата” е ништо во однос на операцијата “Освојување на камионот”. Колкава мака виде Циле, додека ја качи целата своја политичка тежина на камионот, самиот си знае. Да не си му во кожата. За маката на камионот, пак, ич да не зборуваме.
Операцијата “Освојување на камионот” е вежбовна активност во функција на подготовка за завршниот удар што се вика “Освојување на шлеперот”. Го посматрав Љубчо, лесно се искачи врз камионот. Малку помош од долу, малку влечење од горе, два-три вешти потези и опа – може да го јавне шлеперот. Туку, што правиме со Циле? Тој ќе се качи некако, туку да не настрада камионот. Со програмата за обнова и развој на ДА се предвидени нови транспортери, ама никаде не пишува дека треба да се уништуваат и старите.
В година Циле се подготвува пак да ја “освојува слободата” на претседателски избори. Кога го видов со мегафонот, качен врз трошниот камион, малку ми заличи на Елцин, од пред неколку години. Само што Елцин во Москва беше качен врз тенк. А Циле во Скопје врз валкан камион, донесен во центарот на градот од некое скопско предградие.
Тука треба да му се упати сериозна забелешка на Лазар Китановски. Прво, не успеа да обезбеди како подарок ниту еден тенк, барем од Првата светска војна. И второ, попушти со организациските способности и не им ја направи прославата на опозиционите лидери позабавна. Тие славеа во “Хард рок”, а на Лазе тој диско-клуб му е специјалност.
За една година, ВМРО-ДПМНЕ треба да му обезбеди на Циле барем еден тенк, а не да го резили со камиони што само што не се распаднале. Да има на што да се качи, ако победи. Нека не се грижат, ќе се снајде. Има искуство со тенкови.
4. Единствен проблем може да биде тоа што од цело Скопје, само во центарот на градот, во две изборни единици победија кандидатите на СДСМ. Отсега натаму, Општината нема да го носи името Центар. Ќе се прекрсти во “Париска комуна”.
5. Кој рече дека на Циле не може да му се верува? Кога ја формираше Демократската алтернатива тврдеше дека настапува Македонска пролет. И навистина, деновиве толку е топло, чиниш навистина е пролет. Се случија промени, па и времето се сврти наопаку.
Само нешто како да не е во ред во победничката коалиција. Лидерите не се усогласени. За да нé увери дека пред зимата ни дошла пролет, Циле шета со маичка со куси ракави. Ама Љубчо не му верува на Циле. Тој упорно си ја носи црната блуза со ролка.
6. Кога се појави Љубчо на Дневникот на Македонската телевизија веќе беше јасно дека “денот на жалост” што го прогласи националната радио-ТВ куќа завршил. Немаше веќе сериозна музика со која радиото нé разбуди дента по изборите, ниту џез на телевизијата. Удри на народно, дојде новиот Бранко! А Љубчо, насмеан од уво до уво, чиниш устата ќе му се расцвета, како ослободител на куќата што само три-четири дена пред тоа емитуваше коментари и цели емисии за освестување на народот и поуки за кого треба да се гласа.
Македонија е позната како подрачје во кое виреат сончогледи.
7. Во рамките на Силите за брза интервенција на НАТО во Македонија ќе дојдат и Германци.
Добро е што Бугарија не ја примија во НАТО. Со Германците некако ќе излеземе на крај, ама со Бугарите – тешко.