МАГАРЕШКА СМОТРА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:99:"ХрватскасемерисоЕвропа,ниесигимеримевоБрезово

    1 Европската комисија и испрати на македонската влада уште девет нови прашања. И тоа многу конкретни. Во ЕУ ги интересира се за договорите склучени во четири очи.
    Прашањата треба да се одговорат до 5 септември.
    Зошто воопшто луѓето од Владата да ги пишуваат одговорите. Нека оди Бучко да ја заврши работата. Во четири очи.

    2 Тоа ли беше сонот на спикерот Љупчо Јордановски? Да ја види Македонија без народ. Тој да зборува во Крушево и да го слушаат само 200 специјалци.
    За каква безбедна Македонија зборува Владо Бучковски? За таа во која тој и министрите се кријат под чадори, а народот стои зад жица.
    В година ич нека не се појавуваат. Ќе заштедат пари и за дневници, и за жици и за специјалци и за возачи и за хеликоптери. За грав не мора да штедат. Само нека не остават барем тој дена да си го славиме празникот без нив.

    3 На 2 август се одржа традиционалниот собир во Крушево и таму беа Јордановски и Црвенковски. Во Трново се одржа традиционалната средба на иселениците и таму беше Илинка Митрева. Според новата СДСМ-овска традиција се одржа собир и во Пелинце. Таму беше Бучковски.
    Традиционално, на Илинден се одржа и смотрата на магариња во Брезово.
    Во Крушево и Пелинце медиумите мереа кој задоцнил и кој воопшто не се појавил. Бранко и Бучко се мереа кој министер дошол со нив, а кој не.
    Во Брезово, на смотрата на магарињата биле пријавени 35, а се појавиле 33 магариња. Каде исчезнаа две? Да не си ги мереле и тие во Пелинце и Крушево?
    Кутрите магариња од Брезово. Нивниот традиционален собир се најде во долните ќошиња на весниците. Тој ден имаа јака конкуренција.

    4 Илинка Митрева на собирот на иселениците воТрново рече дека “Македонија е угледен партнер на меѓународната заедница и земја лидер во регионот”.
    Илинка не дефинираше во кој регион Македонија е лидер. Оти некако регионот станува се помал и помал. Дали министерката мислеше на Западен Балкан, на Југоисточна Европа, на непосредните соседи…
    Со кого се мериме ние? Со Бугарија, со Албанија, со Хрватска, со Романија, или со Косово. Или, ќе си ги мериме во Брезово на магарешки смотра.
    На хрватските медиуми се рекламираат “Интерсити возови”, а во македонските медиуми се објавуваат вести за украдени шини од пругите. Во Дубровник во еден ден слетуваат и до 150 авиони, а кај нас возот не оди ни до Кичево, оти го каменуваат. Каде сме ние? Во камено време?
    Или пак, можеби баш затоа што сме лидери, толку многу прашања ни поставуваат. Не може секој лидер да биде. Мора сериозно да биде испитан.

    5 Затоа што сме угледен партнер, Владата има генијална идеја долговите на општините да ги плаќа со пари од донаторска конференција на странски земји.
    Не побара донаторска конференција за гладни и за раселени, ама бара пари за некој што ги потрошил за лампиони и палми на плоштад. Ај, тоа барем се гледа. Ама зошто некој Французин, или Германец би плаќал за трошоци од кои никој од нас не виде фајде. Освен градоначалниците што ги потрошија парите.
    Што не направија донаторска конференција кога го купуваа авиончето. За тоа како најдоа пари?

    6 Пратениците не се однесуваат како народни избраници. Се однесуваат како хунта. Прво си ги покачија платите, па си донесоа закон за привилегирано пензионирање.
    Рударите пред една година бараа да им се овозможи пензионирање со стаж од 25 години. Ги одбија. Било неуставно.
    Затоа пак пратениците си го изгласаа законот за пензионирање со 25 години стаж. За нив тоа не е неуставно. Затоа што тие ги избираат уставните судии.

    7 Затворениците меѓу себе си продавале марихуана и хероин. Најверојатно им помагале и некои од вработените.
    Тоа е сигурен бизнис. Оти посигурно место за одгледување и продажба на дрога од затвор нема. Барем така би требало да биде. Се се случува под стражарско око.
    Ова е добра основа за реформа на затворскиот систем. Наместо на осудениците да им даваат други работи, нека одгледуваат марихуана. А имаме добра клима и за афион.
    Така ќе си ги подобрат самите условите во затворите. Ќе работат и за себе и за надвор. Бидејќи затворот е државна институција, дрогата за државни потреби ќе биде со дисконт. А за пратениците, оти се алчни – без пари.
    И за дистрибуција нема проблем. Со секое одење на судење ќе го товарат комбето. Фали само уште телефонски број за нарачка.

    8 Во еден суд во Чешка ослободиле група криминалци по грешка. Тие тоа го сметаат за вест и го објавуваат.
    Кога би објавувале вести за сите наши ослободени криминалци, весниците би немале простор за други вести. Иако, рака на срце и кај нас би било вест кога македонски суд ќе ослободи криминалец по грешка. Оти кај нас ги ослободуваат намерно.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира