1. Зошто министерот за внатрешни работи Доста Димовска си замина од Собранието кога почна расправата за “случајот Арачиново”? Затоа што тој случај повеќе не постои. Премиерот Љубчо Георгиевски го затвори “Арачиново” уште минатата недела, така што пратениците џабе губеа време. И џабе поставуваа прашања, на кои Димовска не сака да одговори. Таа не ги слуша нив. Таа си го слуша лидерот.
Бидејќи премиерот рече дека “случајот Арачиново” е затворен, нема потреба ни судовите да губат време.
Нема смисла министерот за внатрешни работи, како дама, да се занимава со грди работи. Затоа, Љубчо побрза да ја ослободи од случајот со убиството на тројцата полицајци. Доста се фати со поженствени активности. Им крои униформи на полицајците. Кога ќе ги спастри нив, и нам ќе ни скрои капа. Тесно ни го скрои, убаво ни стои.
2. Кроењето почнува со предложените уставни промени. Со нив на полицијата ќе ѝ се дозволи да врши претреси во станови без судски налог.
Сè повеќе заличуваме на Хрватска. А тие се повеќе бегаат од тоа што биле. Дури и Американците нешто нè “зафркаваат”. Нели таму победи Рачан со “комуњарите”, а Медлин Олбрајт, не знаејќи со кого си има работа, отиде да им честита. Додека Американците одат да им честитаат на комунистите, нашиот премиер – демократ замина да го погребе Туѓман, кому никој од Запад не сакаше да му оддаде последна почит.
Во Македонија се реинкарнира духот на Туѓмановата Хрватска. Властите организираат балови, шијат нови униформи, организираат паради на оружје, приведуваат новинари… Туѓман е мртов во Хрватска, ама духот му шета низ Македонија.
“Жив е тој, жив е, там на Балкана!”
3. Претседателот Борис Трајковски им се налути на новинарите што му поставуваат неважни прашања. Што ги интересира таму за некои “Обединети Македонци” од Канада, кога тој се сретнал со 80 други здруженија. И зошто да одговара на неважни прашања, кога тој за време на големата европско-канадска турнеја поставил многу поважни теми на дневен ред.
На пример, Трајковски побарал Македонија да биде избришана од списокот на земјите спрема кои Европската унија има визен режим. Тие таму толку се исплашиле од барањето на Борис, така што од уплав ја изгубиле гумичката за бришење. Инаку, би нè избришале тие одамна.
Интересно, колку повеќе нашите се фалат дека нè ценат во светот, толку повеќе се стега обрачот околу Македонија. Не гумичка за бришење, туку Европејците би нè заградиле со ограда и би пуштиле струја по жицата, за да се изолираат од нас. Само што уште не се сигурни до каде ќе биде границата на Македонија, па малку доцнат со оградувањето.
4. Најдобро е и претседателот да тргне по стапките на министрите во Владата, па за новинарите да подготви ортоми. Тие можат да бидат повеќенаменски. Ако некој безобразен новинар, кој поставува прашања на кои министрите не знаат да одговорат, ја прескокне црвената ортома, од неа може да се направи јамка. Најбезобразните треба да се обесат. Со достојна почит кон седмата сила и јавноста како четврта власт, зашто не се работи за обична ортома за врзување добиток, туку за црвен свилен гајтан.
Ортомите доаѓаат по безуспешниот обид министрите во Владата да бидат заштитени со стакло. Да бидат изолирани од надворешни влијанија како во стаклено ѕвоно. Затоа што нашите министри се од загрозен вид. Таков експериментален производ тешко се одгледува.
Единствено не треба да се грижат дека, не дај боже, може да им се случи тоа што му се случи на министерот за одбрана на Југославија. Кај нас нема опасност од таков вид тероризам. Никој не е толку луд да лежи в затвор за било кој наш министер.
5. Договорот меѓу Љубчо и Циле почна да функционира. Коалицијата се фати за лопата, “Бунарџик” ќе се гради втор пат. Сега претпоставувам, со пролетните денови ќе почнат да доаѓаат и горештини, па работите пак можат да запрат кај некоја коалициона дозвола. Ама затоа, има и трета среќа. По пролетта и летото доаѓа и есен. А наесен се локалните избори. “Бунарџик” ќе почне да се гради трет пат.
Тајванците можат да бидат задоволни. Ако никој друг, барем некоја работилница може да оствари голем профит од отворањето на слободната зона. На пример, тие што изработуваат лопати.
6. Потпретседателот на Собранието, Томислав Стојановски, јавно ја изнесе сопствената дилема: дали е пратеник, или магаре. На новинарските прашања на ТВ “Канал 5” и Телма, како ќе ги коментира обвинувањата од еден негов сопартиец од Куманово дека е криминалец, поткрепено со фактот дека тоа го тврди пратеник во Собранието, Стојановски луто одговори: “А јас што сум, магаре ли?”
Несфатливо е како висок функционер на владејачката партија, плус тоа и угледен адвокат поставува таква дилема. Белки ВМРО-ДПМНЕ на така одговорно место во државата не би поставила магаре. Башка, во Собранието седат пратеници. Клупите се пратенички, а не магарешки.