1. Славната функција во сенка на Фрчкоски заврши неславно. И покрај добрите совети што ѝ ги даваше на новата власт, не успеа да се спаси од Анкетната комисија на Собранието. Штом онака го подбраа и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, изгледа дека и на Доста ѝ е доста од Фрчко.
Е сега, друг проблем е што ако и оваа власт продолжи по патеките на Фрчко, составот на Собранието по наредните парламентарни избори ќе треба целиот да се претвори во анкетна комисија. Којзнае, за да испитаат што сè сега се прави со јавните набавки, можеби ќе треба и да се зголеми бројот на пратениците. Како што тргнала работава, ќе нема доволно луѓе да ги испитаат сите случаи. Зашто, Фрчкоски ги облагородувал работните простории и купувал коњи. А овие ги надраснаа коњите и се префрлија на американски автомобили и авиони. Иако уште не се симнале од магаре.
2. Освен анкетните комисии, на пратениците најголем проблем им е како да издржат до крај за да си ги земат дневниците. Саво Климовски им прави прозивка на крајот на часот. Со пратениците се однесува како да се деца. А тие не се деца. Тие се само недораснати. Не можат да сфатат колку пари беа потрошени во кампањата за да станат тие пратеници.
За разонодување на пратениците, за да можат да издржат до прозивката, задолжен е потпретседателот на Собранието Томислав Стојановски. Наедно, тој е уникатен пример за достоинството на пратеничката функција. За него не е толку важна Анкетната комисија, уште помалку дали ќе земе дневница. За него е важно кој какви гаќи носи и, евентуално, што има во гаќите.
Како ревносен носител на престижната државничка функција, господинот потпретседател на Собранието ја заслужил довербата на претседателот Саво Климовски во иднина да му даде задача да им ја проверува долната облека на пратениците. Во зависност од тоа што се крие под гаќите, ќе се одредува и висината на дневницата. Ако цениме според неодамна јавно изречената дилема на Стојановски: “А јас што сум, магаре ли?”, тогаш тој ќе добие најголема дневница.
3. Сиромашките магариња. Не се актуелни само во овој состав на парламентот. За време на минатиот состав, пратениците Игњатие Богдановски и Амди Бајрам, со виски налеваа едно сирото магаре во кафеана среде Скопје. Како и да земеш, ни нема спас од магарешки работи.
4. Пријателите на Љубчо ептен се покажаа. Уставниот суд на Бугарија ја забрани партијата на тамошните Македонци “ОМО Илинден – Пирин”. Сепак, бугарската власт си остана на зборот. Пред парламентарните избори во 1998 година изјавуваше дека ако ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите во Македонија, сè ќе биде поарно. И навистина. Поарно е – и тоа е факт. Што и да направат Бугарите, македонската власт не се буни.
5. Имам идеја како “Фени” да се продаде побрзо.
Што прават новинарите веќе половина година? Секој вторник чекаат во холот на Владата да видат дали е продаден “Фени”. Зашто Владата го продава “Фени” секој вторник.
За да се скуси рокот на продажбата, најдобро е “Фени” да се продава во пазарни денови. Отсега ќе се продава во вторник и во петок.
6. “Тешко е, на сите ни е тешко!”, се пожали министерот за сообраќај Боби Спирковски пред новинарите, коментирајќи го синдикалниот протест. На министерот му е многу тешко, зашто не знае каде да најде 20 милиони долари да купи нов авион за Владата. На преговори за пари не се оди на магаре, туку со авион.
Илјадници луѓе се собираат на плоштадот Македонија во Скопје да протестираат зашто одвај врзуваат крај со крај, а министерот не неколку стотици метри од нив во Владата споменува некакви милионски суми за луксузен воздухоплов. И после новинарите се виновни зашто тоа го објавуваат.
Сепак, купувањето авион нема да биде некоја голема штета. Затоа што после тоа, авионот може да се продаде. Како што тргнале со распродажбата, ништо чудно на идната влада да ѝ остане барем еден авион за продавање.
Со нашите политичари, како и да ја свртиш работата постојано новинарите се виновни за нивните изјави. Ако не објавиш што рекле, ќе речат дека ги игнорираш. Ако ги објавиш така како што кажале, ќе испаднат глупави. Ако, пак, им ја средиш изјавата и им ја направиш попаметна, нема да можат да си разберат што кажале.
7. Чудна е оваа влада. Тие не се плашат од тоа од што треба да се плашат, туку се исплашиле од Живко Толевски. Штом тој доживеа да ги плаши, далеку сме дотуркале.
П.С. Го молам Друштвото за заштита на животните да не ми поднесува тужба. Магарињата не ги навредувам.