1. Премиерот Љубчо Георгиевски, по враќањето од Брисел се фалеше дека сега Македонија има агресивен настап во Европската унија. Кога им се појавил во Белгија, сите се стресле од страв. Цела Европа е испотресена зошто ние сакаме да влеземе кај нив, а тие не не сакаат, па сега смислуваат каков вид агресија ќе смисли македонското раководство.
Прв резултат од агресивниот настап на македонската дипломатија беше полупразната сала во која зборуваше премиерот Георгиевски. Европејците се исплашиле и се разбегале пред агресивноста на Љубчо. Си рекле, гледај го овој опасен е, го научил нашиот пристап, цело време се смешка, а не ти го мисли доброто. Фатиле да бегаат, кој каде ќе стигне. Само тие што не успеале да избегаат од салата се скриле под клупите. Не е шега, се работи за македонска агресија на Европа.
2. Љубчо беше принуден на агресивен настап. Нели Циле им вети на Тајванците дека Македонија ќе им биде портата кон Европа, па нема смисла сега да ги зафркнеме. Еве, сега ќе го внесеме Тајван во Европа, ама прво да извадиме визи.
Групата новинари што беше во посета на Тајван, на враќање имаше неколкучасовен престој во Виена. Визите за Австрија им ги извадиле домаќините во Тајпеј. Ако македонските новинари ваделе шенген виза во Скопје пред да отпатуваат во Тајпеј, којзнае и до сега дали ќе беа качени во авион.
Со оваа посета, новинарите ги оправдаа стравувањата дека нешто не е како што треба со спогодбата за дипломатско признавање. Веднаш се откри расчекор меѓу договореното и реалното. Нели Македонија требаше да биде европска порта за Тајван. Како тогаш се случи тие да влезат во Европа преку тајванската порта.
3. Македонија е многу важна држава, па освен европска порта за земјите од Азија, може да биде и НАТО порта за влез на Косово. Низ нас само ќе минуваат. Научени сме. Нели македонската историја е позната по тоа што секогаш низ нас минувале разни војски.
Македонија и овој пат ќе биде транзитна зона. Што очекувавме, дека НАТО ќе дојде и ќе остане. Бидејќи сме земја во транзиција, војските само ќе транзитираат.
4. Министерот за надворешни работи Александар Димитров и директорот на Агенцијата за обнова и развој Васил Тупурковски отпатуваа за Канада со група македонски бизнисмени. Меѓу нив е и Вања Битољану. Ме чуди како уште не стигнала вест дека Македонија го признала Квебек.
Ваков потег на македонската дипломатија би бил од првокласно значење за релаксирање на односите меѓу Владата и претседателот на државата. Прво, затоа што признавањето на франкофонската провинција би дошло многу скоро по посетата на Глигоров на Париз. Претседателот не ќе мора да го свикува Советот за безбедност и да се жали дека Владата го скарала со сите пријатели, кога Ширак му е осведочен пријател. Второ, Македонија би станала француска порта за сите франкофонски земји од светот. И трето, тоа би бил рентабилен влог за спас на македонската кохабитација.
5. Тоа Советот за безбедност што го свика претседателот во понеделникот изгледа дека е многу моќна институција. Вистина, не знаеме што се расправало, ама Глигоров имаше најавено дека ќе зборува и за посетата на Пангалос на Македонија.
И – што се случи? Пангалос си даде оставка. По деведесетминутен говор на претседателот, што друго му преостанува.
Море, така му треба. Тој нас – “педери!”
6. Премиерот утре ќе патува за Софија. Сега ќе се смириме со Бугарите. Во рамките на уставните определби, ќе мора да се откажеме од мешањето во внатрешните работи на Бугарија кога се во прашање Македонците од пиринскиот дел. Пред две и пол години, се откажавме и од Егејците.
Отсега, за Бугарија ќе се грижи за Пиринците. Грција ќе се грижи за Егејците. А Македонија ќе се грижи за Албанците.
Со грижата кон Албанците, Македонија ќе биде поблиску до Европската унија. Зашто, нив други малцинства, освен албанското, не ги интересираат.