1 Некоја добронамерна Холанѓанка го прифатила проектот на нејзината Влада и решила со магариња да го изоди некогашниот пат Виа Игнација од Драч до Солун, преку Битола.
Се појави Холанѓанката, со придружбата од Македонци, на македонско грчката граница кај Меџитлија. Се сликаа сите заедно со магарињата, специјално најмени од Зоолошка градина. И…
Холанѓанката си замина во Грција. А магарињата и Македонците си останаа дома. Немаа виза.
И Холанѓаните, и Македонците, и магарињата се жители на Европа. Ама, очигледно, не живееме сите во истата Европа.
2 Затоа и не можевме саглам да и се изнарадуваме на убавата вест дека Македонија е најнапредна во спроведувањето на реформите за да може конечно да ни се укинат визите за патување во Шенген зоната на Европската унија. С помалку му веруваме на тоа што доаѓа од Брисел, така што дента се случи малер. Баш кога експертскиот извештај на Европската комисија требаше да биде испратен до земјите членки на ЕУ, се запали зградата на Комисијата во Брисел.
Толку н измалтретираа со разни бенчмаркови, приказни за солидарност со Грција, разни забелешки, комплицирани процедури до конечното укинување на визите, така што ние тука си помисливме дека намерно си ја запалиле зградата само за да ни го одложат слободното патување.
По низата принципиелни ставови кои ги слушавме сите години од Брисел и нивното непринципиелно дејствување на терен, ние тука не им веруваме дури ни кога ни носат добри вести. Не дај боже, да јавеа дека комесарите за инает на Македонија се фрлале од седмиот кат, а тоа го правдале со стравот да не се задушат од пожарот, повеќе ќе им верувавме отколку што н пофалија дека сме биле најнапредни во регионот. Или, замислете го овој наслов: “Пожарот е одмазда за скинатата жица во авионот на Груевски”. Ем сме јаки, ем има вест во континуитет, ем има доволно теорија на заговор за да ни се наполни душата.
Среќа што тукашните медиуми брзо се освестија по шокантната добра вест од Брисел, па самоуверено ни порачаа: “Само чудо може да го одложи укинувањето на визите за Македонија”.
Јас лично не би се обложувал на таа теза. Оти Македонија е земја на чудата. И мајстори сме некое магаре преку ноќ да н донесе во ситуација сами да си направиме од готово вересија. Па и ЕУ се докажа дека чуда и ним им се случуваат. Па ќе се чудиме после што чудо н снашло.
Додека не поминам граница без виза, не се радувам. Не поради тоа што не верувам во себе, не поради тоа што не верувам во чуда туку поради тоа што не и верувам на ЕУ.
3 Норвежанецот Александар Рибак, кој победи на Песната на Евровизија, во Осло бил дочекан како Александар Велики.
Кај се сега Грците? Нека му ја мислат Норвежаните што се осмелиле да го присвојат името на Александар. Атина ќе им стави вето на преговорите за евроинтеграции.
Само што Норвежаните веќе двапати на референдум одбија да бараат членство во ЕУ. Не сакаат да бидат во иста држава со Грција.
4 Во очекување на Бранко, сите членови на партиските органи на СДСМ си дадоа оставки. Портпаролот рече дека по конгресот СДСМ ќе биде “со нови и освежени кадри”.
Во партијата велат дека “во СДСМ владее атмосфера на општо престројување. Сите чекаат да видат што ќе се случи после недела и колку длабоко ќе се оди во промените”.
Од конгресот, па до јули партијата нема да има никакви органи. Единствен орган ќе биде Бранко. Бидејќи СДСМ треба да биде нов и освежен, партијата сега ќе прави хименопластика за повторно да биде девица. Не се знае колку длабоко ќе продре единствениот орган.
А и овие од ВМРО-ДПМНЕ имаат проблем да продрат во реалноста. Подмладокот на партијата го обвини СДСМ дека тие го организирале протестот на студентите на Универзитетот “Кирил и Методиј” во Скопје. Доказ за тоа биле партиските знамиња кои се појавиле на протестот.
Многу му ги дигаат акциите на СДСМ. Тие не можат да се организираат ни во иста кафеана да се сретнат, а не пак уште и знамиња да нарачаат. За организирање протест, пак, ич муабет не станува.
Ај да претпоставиме дека и овој неверојатен настан може да биде веројатен и дека СДСМ може навистина да организира протест. Ама од кога пак собирање и протест е спорна работа и нешто од што треба некој да се оградува. Младите ВМРОвци поголема услуга ќе и направат на својата партија и ако седнат да го прочитаат Уставот.
5 Шестмина амбасадори, по повод случајот ЕВН, побарале од премиерот да им каже какви напори ќе преземе Владата да воспостави судски систем кој е транспарентен и заштитен од владини влијанија.
Првиот напор веќе е направен. Судството е во фаза на Филимена реформа. Се бара начин како да и се продолжи стажот на сопругата на министерот за правда која е судијка во Апелациониот суд и која уште пред месец и кусур требаше да замине во пензија.
Два месеца јавноста се занимава со темата дали судијката Филимена Маневска наполнила 64 години, или не. Последните вести се дека чека да биде префрлена како советник во кабинетот на претседателот Иванов. Што не ја префрлија веднаш? Или чекаат да дојде први во месецот за да нема прекин во стажот?
Два месеца се врши медиумски притисок врз претседателот на Судскиот совет само да констатира дека таа е во пензија, ама тој имал други приоритети. А судијката, иако по закон веќе е пензионерка, уште суди во Апелациониот суд.
Е па сега види колку ние сме правна држава во која тие што треба да го чуваат законот не го почитуваат.
Лесно им е на ЕВН. Тие можат да дојдат, ама и да си одат од земјава. Ама што би правела македонска фирма која утре треба кај истиот судија да бара правда. Кои шест амбасадори ќе пишат писмо до премиерот?