1. Имаме големи шанси да влеземе во НАТО. На самитот во Вашингтон беше порачано дека Алијансата ги отвора вратите за прием на нови членки. Сега само треба да се погоди на која врата ќе се влезе.
Како што му прилега на домот на едно богато семејство, и во НАТО има две врати. Едната е голема, од предниот дел на куќата, а другата одзади. Е токму на задната врата се наоѓа шансата за Македонија.
Мислам дека досега успешно сме ја завршиле работата. Затоа и претседателот Глигоров не смее да се разочарува во НАТО. Зар е мало задоволството што само нас нé пофалија. На другите им дадоа оценки. Така ги фалат децата од предучилишна возраст, описно, без да им даваат оценки. Ние сме со добро поведение.
Со пофалба се наградуваат и слугите кога добро ќе си ја завршат работата со послужувањето на гостите. А ние барем гости имаме доволно. Сакаш бегалци, сакаш војници.
Затоа, се работи за чиста злоба кога опозицијата не верува дека Македонија нема да влезе во НАТО. Ќе влезе сигурно. Низ задната врата. На големата врата ќе се појават домаќините и поканетите гости. Македонија ќе влезе на мала врата. Каде што влегуваат слугите.
2. Не знам и дали може да ѝ се верува на Европската унија кога ни ветува преговори за асоцијативно членство. Оти, тие секогаш можат да најдат изговор за да нé зезнат. Сега ни велат: “Чувајте си ги бегалците ако сакате асоцијативно членство”. А утре ќе ни кажат: “Не ги чувавте бегалците добро, па не ви даваме асоцијативно членство”.
3. Претседателот Глигоров, сепак, треба да биде задоволен од вашингтонскиот самит. Седеше веднаш до домаќинот, до претседателот на САД Бил Клинтон. Се чудевме дали му нашле место до Клинтон затоа што не знаеле под кое име да ни ја водат државата, па местото е избрано надвор од абецедата, или затоа што на Глигоров му правеле чест како на највозрасен учесник на самитот.
Нејсе, Киро и Бил сигурно си имале за што да си прикажуваат. Си имаат тие машки муабети, и сигурно си размениле искуства. Единствено, можеби им пречела Медлин Олбрајт, која седеше зад нив, па можела да им го прислушува муабетот.
Претседателот Глигоров згреши што ја испрати госпоѓа Нада на шопинг за да не го види кога ја бакнуваше Медлин Олбрајт. Доста беше муабети по телефон, дојде време да се прејде на дело. Кога се појави Медлинка, Киро ќе паднеше од нозе.
Арно ама, госпоѓа Нада ја виде снимката и реши да му се одмазди на сопругот. Затоа вчера се дружеше со Ричард Гир. Не го бидува само Глигоров за дружба со актери. Госпоѓа Нада направи подобар избор. Мора да се признае, Ричард Гир е подобар избор од Кате, а за Медлинка, пак, ич муабет не правиме.
Глигоров не би требало да се среќава со холивудската ѕвезда. Затоа што Ричард Гир е борец за правата на Тибет. И веднаш ќе му се налутат Кинезите. Е сега можете да замислите што ќе се случеше ако госпоѓа Нада беше одмаздољубива, па решеше, за инает на Кина и на сопругот, да го поддржи Ричард Гир во неговата борба за самостојност на Тибет. Ете повторно сериозно брачно несогласување. Овој пат немаше потреба да повикува новинари. Доволно ќе беше само да им се јави на Циле и на Сашо Димитров, и тие ќе го признаеја Тибет. Кога на сопствениот сопруг, госпоѓа Нада ќе му ја чепнеше Кина, ќе го изнервираше до плачење.
4. Нема потреба да се грижиме дека на Милошевиќ ќе му текнело да ја бомбардира Македонија. Ако ништо друго, барем аеродромот Петровец е безбеден. Откако ЈАТ почна да ги префрлува своите авиони сосе екипажи во МАТ, можеме да бидеме сигурни дека македонските аеродроми ќе ни ги чуваат југословенски авиони. Не е белки толку луд да си ги бомбардира своите. Башка, ако го остави МАТ без српски пилоти, кој друг ќе му лета за Либија, кај Гадафи, да преговара за нафта.
Милошевиќ прекрасно ја смислил целата операција. Со југословенски возови, југословенската полиција ги протерува бегалците од Косово во Македонија. Потоа југословенските пилоти, со југословенски авиони ги превезуваат бегалците од Скопскиот аеродром низ земјите на Западна Европа. А трошоците за воздушниот мост се покриваат од хуманитарните придонеси.
Значи, тие што го бомбардираат Милошевиќ затоа што создава бегалци, потоа му плаќаат за да им ги одвезе бегалците кај нив. НАТО и Западна Европа го започнаа периодот на обнова на југословенското стопанство.
5. Додека НАТО и ЕУ му помагаат на југословенското стопанство, македонското стопанство е оставено само на себе. Затоа министерот Жанко Чадо си поднесе оставка. Сите ветувале, а ништо не давале. Не е во прашање коалицијата, не е во прашање никаков договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ, ДА и ЛДП, не се во прашање муабетите за Алмако банката. Работата е многу посериозна. Направен е меѓународен заговор против Чадо. Тој не е жртва на најавената реконструкција на Владата. Чадо е жртва на новиот светски поредок.