1. Во телевизиските програми ни царуваат сапунските серии од земјите на Латинска Америка. Во животот ни царува црковно-политичка-финансиска врхушка од латиноамерикански тип. Македонија како Чиле. Скопје како Сантјаго.
За да биде сликата комплетна само уште генерали ни фалеа. А во Латинска Америка генералите правеа пучеви. Пиноче во Чиле дури и го уби претседателот. И стадиони отвораа. И ескадрони промовираа.
Да го бараше Џафери ова што го прават Љубчо и Љубе, немаше да го добие. Но, којзнае, можеби и си го барал. А овие му го даваат. Ете вчера ОНА соопшти дека ќе се реактивира.
Колку интересно… Што поголем број вооружени формации, Македонија е сѐ помала. Со секоја нова плочка, потковица, молитва, извадок од Коранот, губиме по една педа од земјата.
На шега, на смеа, со оро и песна, Љубе си продолжува по свое. А ние останавме без своето.
2. Промоцијата на генералите беше видно разубавена со присуството на министерката Ганка. Доследна на својот сектор, министерката мораше да се појави и на овој културно-забавен чин. Пееме забавно, пееме народно… Мора да ѝ било многу тешко да се адаптира. Претходниот ден се забавуваше на виенски валцери, а сега на народно орце. Додуша, балскиот фустан не го замени со маскирна униформа, ама за да се маскира стави техно-очила за сонце.
Генералите заиграа оро. За душа на загинатите бранители. Блага пееше за распукана Шар Планина, Љубе со шапката играше комитско , Љубчо само задоволно се смешкаше, а Ганка наздравуваше со виски со Балкоски. Мамбо кралевите се преселија од бал на панаѓур.
Штета што и министерката не се фати на оро. Знае Ганка каде да игра.
3. Замислете луѓе. Колку ми требаше време да сфатам дека Борче бил разумен политичар. А сега уште треба да се убедам дека Доста е умерената опција!!!
4. Вчера пак имаше тепачка за влез во народната кујна на некоја ирска црква во ресторанот на плоштадот Македонија во Скопје. Еден од анкетираните во ресторанот воодушевено изјави дека Европа дошла и кај нас. Секој со својот проблем. Тој се чувствува европски ако има да јаде секој ден, барем еднаш дневно.
Дедо Стефан не сака тепачки за ред во народни кујни. Тој направи лапачка за власта. Штета. Наместо да го искористи Божик да направи макар симболичен гест да го нахрани православниот народ, тој ги нахрани прејадените. Можеби се плашеше да направи народна кујна. Замислете народот да се навикнеше да не биде гладен, па после цела година да бара јадење…
И после виновни ни се некои други цркви. И секти. Море, Мис Стон ни е виновна што Борис ни стана претседател.
5. Министерот Груевски се појави на 3 јануари во една банка и задоволно ни соопшти дека нема турканици пред шалтерите. Што е наивен. Требаше да дојде во банка на 1 јануари. Тогаш жив човек немаше да најде.
Овој народ ич не мисли на власта. Ако ги остават парите во банка, власта ќе може да ги троши. Знаете ли уште колку ергени и возачи во државава има што не купиле акции. Мислите дека ако има повеќе пари министерот за надворешни работи ќе спие во “Валдорф асторија”. Не. Во Њујорк има и поскапи хотели. Или министерот за финансии ќе се вози во ваков џип за да ни биде безбеден. Има уште поскапи и побезбедни џипови. Ехеее, колку поубави фустани можат да се купат за балот за идната година. Или, слики и икони за хуманитарни потреби.
Во овој народ нема ни трошка патриотизам. Се појави со милијарда марки и не сака да ги даде. За кого ли е испеана онаа “Народе македонски, свести се не спиј ти”? Нашиот народ сака да спие. И тоа на пари. И затоа не се прашува со “со какви идеи си ти”. Единствената идеја им е да ги претворат марките во евра и пак да си ги стават во перници.
6. СДСМ е многу сериозна партија. Во овие сериозни времиња, Радмила Шеќеринска најде време да каже и две-три реченици за балот на Снешка. Само социјалдемократите не би биле дораснати на својата историска задача ако не се вклучеа и во расправата за разликата меѓу морон од оксиморон. Камо амандмани, камо јавна дискусија, камо соопштенија за јавноста. Партија што дава оценки за бал, не смее да остане без став за темата “морон-оксиморон”.
Море Љубе Бошковски може колку сака да му се лути на Фрчко, ама очигледно учи од него. И Љубе како и Фрчко, работата за правење на нови лични карти ќе ја даде на фирма блиска до себе.