МАНТРА ШАНТРА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:154:"Пуштигидецатанекасииграатподома.Штомнесенаулица,немаопасностданастинат

    1. Зборот “мантра” потекнува од хиндуизмот и будизмот, и означува звук или збор што често се повторува за подигање на концентрацијата при медитација. Современото значење на зборот “мантра” е слоган, изјава или фраза што многу често се повторува.
    Кога ќе побараш изјава од некоја владина институција, без разлика на темата и институцијата, дали станува збор за пат, за здравје, за безбедност во сообраќајот, за спортски активности, за буџет, за земјоделство… ама баш за сe, Центарот за комуникации има изготвено мантра која мора да се каже. Прво – “ние сме лидери во регионот” и потоа се продолжува со зборовите “посветено”,”упорно”, “трудољубиво”, “пожртвувано”, “напорно” и “со потврда за довербата”.
    Арно ама, не сме само ние со мантра. Со мантра се служат и големите демократии и меѓународните организации. Во рок од само две недели, од три места ја слушнавме истата мантра.
    На 28 август во Берлин, Германија им порача на лидерите на државите од Западниот Балкан дека ќе можат да влезат во ЕУ ако ги исполнат условите за прием со зборовите: “Германија е свесна за својата одговорност за мирна, стабилна и демократска иднина, заснована на владеење на правото”.
    Една недела подоцна, на самитот во Кардиф, НАТО и` се обрати на Македонија со неизбежната мантра “Штом се постигне заемно прифатливо решение за проблемот со името”, дополнета и надградена со “го поттикнуваме и поддржуваме континуитетот во реформските напори во земјата, особено во поглед на обезбедувањето демократски дијалог, слобода на медиумите, независност на судството и целосно функционално мултиетничко општество”.
    Ова беа само мантри искажани во декларации. Едната од Германија, од името на ЕУ, а другата од НАТО. Ако декларациите не беа доволно јасни, државниот секретар на САД Џон Кери, од името на претседателот Барак Обама се обиде да ги разјасни. Во честитката по повод Денот на независноста 8 Септември тој порача дека “САД остануваат посветени да и` помагаат на Македонија да го зајакне владеењето на правото, да промовира слобода на медиумите и да изгради силни демократски темели на едно инклузивно мултиетничко општество”.
    Ама честитка! Ако ова е честитка, како ли би звучело кога би нe карале.
    Обама нe отпишува, Меркел не нe запишува.

    2. Додуша, НАТО, ЕУ и САД можат да мантраат колку сакаат, ама факт е дека тие му дадоа за право на Груевски да биде убеден во својата мантра. А зошто да не? До април 2008 година, до самитот на НАТО во Букурешт, му мантраа реформи, реформи и реформи. И на самитот му кажаа дека не било сe до реформите. Има нешто и во правење ќеф на Грција. И тоа – многу нешто.
    Па Груевски сфати дека може да продолжи со реформите. Посветено. Му дадоа за право да се однесува со нас исто како што НАТО и ЕУ се однесуваат со него.

    3. Не знам што и` требаше на Ангела Меркел во Декларацијата од Берлин да стави дека предуслов за приближување кон ЕУ се и независни синдикати. Нашиве прочитаа и остварија. Четири дена откако се вратија од Германија, смислија закон како да го искомплицираат закажаниот штрајк на Независниот синдикат за образование. Не е човек да им каже нешто, одма закон прават. Исто како што, кога им мантраа од САД и ЕУ за слобода на медиуми, тие направија закон за медиуми.
    Сега на местото на наставниците што ќе штрајкуваат, директорите ќе мора да викнат заменски професори. За да не трпи воспитно-образовниот процес. Да не останат децата жедни за знаење.
    Што ќе работат заменските наставници помеѓу два штрајка? Ќе чекаат повик од партиските штабови? Кај ќе ги наоѓаат тие заменски професори? Ќе објават конкурс во “Македонски шуми”? Ќе се пријавуваат на лотарија? Или, пак, веќе имаат на лагер наставници на повик на партиските списоци? Секој директор ќе има во фиока список на наставници достапни во секое време и по секој предмет.
    А и на овие од Синдикатот мери им го умот. Они ќе побарале од претседателот Иванов да не го потпишува законот. Додека смислуваа како да побараат, тој веќе го потпиша. Ни 24 часа не поминаа откако измените со ограничувањето на правото на штрајк експресно беа изгласани во Собранието. И Ѓоле експресно постапи. Во кампањата ветуваше тимска работа. Од ова – потимска, здравје. Го фалеа дека бил кроток интелектуалец. Покроток – здравје.
    Штета. Не дека ова е само уште еден негов потпис на закон со кој се ограничува цивилизациска придобивка, која кај нас е гарантирана со Устав. Туку можеше барем да одглуми зафатеност со државнички обврски. И да го одложи потпишувањето за неколку часа. Барем еднаш да помислевме дека размислува. Со своја глава. А не со тимската.

    4. И СДСМ ја послуша Меркел. Оти им рече дека опозицијата мора да може да ја игра својата улога во парламентарни рамки и, исто така, мора да сака да го прави тоа.
    ВО СДСМ многу сакаат да играат некаква улога. Ама бидејќи големата сцена е зафатена, останува малата. Па славеа независност на држава под три круши. И така, под крушите, добија идеја да направат Влада во сенка.
    Очигледно, најмногу од времето потрошиле да смислат звучни имиња за институциите што ги формирале. Па Заев истрча со некое помпезно име како “Директорат на централниот систем на комисии”. О, по, по… Па пет извршни директори. Па 17 комисии. И четири столба. И тоа била новата стратегија на СДСМ за “нула толеранција за катастрофалното владеење на дрската и безобразна власт на Никола Груевски”.
    Видоа дека не можат да направат Влада во држава, па си направија Влада за по дома.
    Е па фино. Убави имиња смислиле. Уште ако, место само да критикуваат, почнат да даваат и предлози и да кажуваат како ќе ги остварат, може и ние ќе офајдиме нешто од стратегијата.
    А овие, пак, од ВМРО, за да не остане стратегијата на директоратот незабележана, веднаш се јавија. Си имаат мантра за СДСМ по фајловите и фиоките – Сe е исто, само Бранко го нема.
    Знае ВМРО-ДПМНЕ дека сe додека Заев прави фенси директорати, тие си се безбедни на власт. Пушти ги децата нека си играат по дома. Штом не се на улица, нема опасност да настинат.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира