1. Баш ме интересира дали Никола Карев би успеал да ја одржи Крушевската Република подолго, ако ментор му била некоја млада и убава дама. Колку што сме учеле во историјата, не се сеќавам дека околу Карев се споменувале некои војвотки. Затоа, погледнато од историска дистанца, Никола Карев на нашето време, реинкарниран во ликот и делото на Борис Трајковски е во многу попривилегирана позиција, бидејќи зад него стои Доста Димовска. Таков, каков што е, кога ќе го прочита она што госпоѓата Димовска го изјавила за “Дело” дека “пред ВМРО-ДПМНЕ се исправува една историска можност вторпат во историјата од редовите на ВМРО Македонците да имаат свој претседател”, во име на историската улога што му ја доверила неговата партија, покрај козметичките третмани, ќе почне да пушта и брада.
Колку е тешко да си член на партија со историско име. Постојано ќе бараш некоја историска личност за да се споредуваш со неа. Како неодамна министерот за образование Ненад Новковски, кој се споредуваше со Никола Коперник, бидејќи бил ист како него, несфатен од околината, па го запалиле. Добро, после излезе дека не го запалиле Коперник, туку Џордано Бруно, ама тоа и не е голема грешка, зашто, на крајот на краиштата, и двајцата се странци.
Арно ама, кога станува збор за Никола Карев не смее да има грешка. За него сигурно се знае дека бил претседател на Крушевската Република. Е сега, за Трајковски не е некоја голема предност тоа што Карев издржал 12 дена, додека не стигнале Турците и останатиот башибозук од Битола до планината. Не е за фалење и црешовото топче што се распаднало по првото пукање. Ама затоа, новиот Никола Карев ќе нé внесе во НАТО, заедно сосе Турците и сосе компатибилните топови од бугарските тенкови. Не дај боже само ептен да забега, па да си играме “Републиката во пламен”. Ич нека не пушта брада. И вака си е убав. За во историја.
2. Ако веќе толку сакаме да добиеме претседател како во историјата, тогаш и Тито Петковски има шанси. Особено со оваа власт која се учи на искуствата на Слободан Милошевиќ, па среде изборна кампања испраќа покани до воените резервисти за проверка на податоците.
Зошто СДСМ направи толкава врева околу оваа покана? Нели претседателот на Република Македонија, според Уставот е и Врховен командант на вооружените сили? Можеби некој србокомунистички референт во Министерството за одбрана, кој успеал да ги преживее промените, намерно го поканил Тито, бидејќи верува во неговата победа и сака да го подготви за Врховен командант. Како Тито ќе командува соАрмијата, а не сака да оди во војска?
Само, во целата приказна не ми звучи многу убаво она “мајорот Тито”. Не оди, врховен командант, а – мајор. Врховниот командант треба да биде маршал Тито.
3. Сосема е непотребна дилемата дали некој ќе ја пее химната на Крушевската Република или, пак, “Хеј Словени”. Зошто џабе да се караме? Зошто, едноставно, не го прифатиме предлогот на кандидатот на ДПА Муарем Неџипи? Низ цела Македонија ќе се пее химната на ОВК.
Ако веќе низ цела Македонија ќе се зборува албанскиот јазик и ќе се вее албанското знаме, како што Неџипи им ветува на избирачите, не ќе ни биде тешко да ја научиме и химната на ОВК. Само да сме сите живи и здрави, како што би рекол Васил Тупурковски. И да веруваме во Македонија, што би рекол Борис Трајковски. Во Македонија што ќе биде по мера на Албанците.
4. Додека не се постигне таа цел, треба да се завршат уште неколку работи. На пример, умно е Владата да ги поддржи револуционерните активности на Унијата на независните синдикати и на Атанас Лефтеров. Да им се вратат фабриките на работниците. Ако треба и со сила, како што се закани правдољубивиот Лефтеров. Кога дојде време секој да може да си мисли дека е историска личност, тогаш проблем ли е ако секој работник си мисли дека може да биде директор.
Заменикот директор за државна безбедност Љубе Бошковски се огради од изјавите на Лефтеров. Штета. Пропушти идеална шанса и тој да влезе во историјата. Како што тргна во освојувањето на фабриките, ќе го прогласеа за Робин Худ. Демек, зема од богатите, за да им даде на сиромашните.
5. И Љубчо Георгиевски проговори за јазикот. На митингот во Штип, нашироко раскажуваше како некои опозиционери не го знаеле литературниот македонски јазик. А зад него на сцената застанати дијалектичари. На чело со Кљусев.
Љубчо ги озборуваше Бранко Црвенковски и Стојан Андов. Бранко зборува “на скопски”. Андов – “по кавадаречки”. Среќа што по Љубчо настапи Борис Трајковски. Тој му го обеле образот на премиерот по прашањето на јазикот. Одлично говоре по струмички.
6. “Не занесувајте се дека можеме сами”, им порача Љубчо на делегатите на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, последниот мајски викенд годинава. “Тоа чувство го подгреваат нашите политички противници . Тоа е тактичка игра за да се ослабне нашата позиција и да се предизвика владина или политичка криза, за да се издејствуваат предвремени избори”.
Колку за потсетување пред изборите…