МАТУРСКИ ИСПИТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:165:"Бранкосеспремазаквиз.Сакадастанемилионер.Илимудошловремезамоментнавистината

    1 Од сите добри работи што можеше да ги преземе од Груевски, професорот Ѓорге Иванов ја презеде неговата најголема мана. Го прифати кавгаџискиот тон. И сега во кампањата настапува како Калимеро за кого никогаш нема правда.
    Завчера во Тетово, откако се скара со Нано, Ѓоле се пожали: “Целата кампања се сведува на тоа што јас им дадов материјал за да биде интересно. За космодискот ја исцрпија тезата, вчера ми наметнаа дека сум фрлал клетви. Нема инвентивност, едвај чекаат бисер од мене, па да ловат”.
    Па добро бе, професоре, зошто рониш бисери? Кога беше само професор, а не и кандидат, во медиумите те прифаќавме како еден од ретките македонски интелектуалци кому му тежи зборот. И така не беше помалку човек од народот. А сега, кога со сета сила се правиш демек човек од народот и кажуваш божем народни досетки и поговорки, им се лутиш на медиумите дека те ваделе од контекст. А вадејќи те од контекст, те вадат и од такт. Па порачуваш: “Нека излезат со визии и концепти, а не со чаршиски муабети”.
    Дај ги визиите и концептите. Што си запнал со досетките и поговорките?
    Јас освен досетки и поговорки, не чув ништо друго, ни од тебе ни од другите. Џабе ручеци, џабе појадоци.

    2 Од контекст ли беше извадено дека со твоите студенти си му помагал на колегата Нано Ружин да собере потписи? Па следниот пат, наместо да ни викаат да не правиме групно гласање, ќе ни воведат обука и против групно собирање потписи.
    Нормално, СДСМ веднаш искористи можност да се пожали на изборна измама. Рече дека Нано Ружин бил тројански коњ уфрлен од Груевски во опозицијата.
    ЛДП го нудеше Нано за заеднички кандидат со СДСМ. Нано оригинално и потекнува од таа партија. Политибирото на Бранко го избрка Нано од партијата кога Љубчо реши да го прати за амбасадор во НАТО.
    СДСМовците, наместо да ја тинтраат суетата на Бранко, можеа малку да мислат и на користа на партијата. Па наместо Ѓоле како новопечен ВМРОвец да му собира потписи на Нано како новопечен либеладемократ, можеше СДСМ да ги му ги собере потписите на Нано како СДСМовец.
    Не можам да ги сфатам СДСМвците. Прво не прават ништо за да дојдат на власт. А после пак се лутат што ВМРО-ДПМНЕ ќе има апсолутна власт.

    3 Фрчко го зафркава Ѓоле за космодиск и виткање на ‘рбетот. Фрчко, кој прво беше кадар на Бранко, па после се задоми кај Киро, па се здружи со Доста и на крај го советуваше Борис. И сега пак се врати кај Бранко.
    Фрчко сигурно го користи космодискот на Ѓоле. Знае дека дејствува. Ама доволно е паметен за да не го кажува како народна умотворба.
    На крајот на деведесеттите, кога СДСМ се делеше на селско и инелектуално крило, кога го прашаа Бранко зошто се откажал од Љубомир Фрчкоски, Ѓунер Исмаил и од луѓето околу нив, Бранко одговори: “Што ќе ми се интелектуалци, нема да одам на квиз”.
    Ѓунер и Фрчко се вратија. Изгледа Бранко се спрема за квиз. Сака да стане милионер. Или му дошло време за момент на вистината.

    4 Имер Селмани упорно вика дека на Македонија со него може да и се случи Барак Обама.
    Што е за право, Селмани барем стави македонско знаме, покрај албанското и покрај знамињата на НАТО, ЕУ и на САД. И тој е првиот албански политичар што на ТВспотови и билборди се обраќа и на македонски јазик, за да го разбереме што сака да ни каже.
    Ама Селмани или заборава или не сака да знае дека Американците не го избраа Обама само затоа што е црн. Како што и Македонците не би го избрале него само затоа што е Албанец. Обама е избран затоа што имаше што да понуди. Промена, обнова и помирување.

    5 И Мируше Хоџа нема да ја избереме затоа што е единствена жена кандидатка за Претседател. Особено што и не се однесува како кандидат за Претседател. Двапати го избегнува формалното дружење со останатите шест кандидати кои се мажи. А се појавува во телевизиска емисија во која гости се сопругите на претседателските кандидати.
    Знае ли Мируше дека ако утре ја избереме за шефица на државата, таа ќе мора да се дружи со претседатели. А не со нивните сопруги.

    6 Кога син ми ќе ја искубе ќерка ми, а таа ќе го плесне, јас глумам строгост и правичност. Ќе ги тргнам настрана и ќе им речам: “Ај сега ти извини се”. “Ај сега и ти извини се”. “Ај сега да се баците!” И поентирам: “Ај сега кажи друг пат нема така да правам”.
    После трчам во друга соба и се кинам од смеење. Колку убаво одглумив строгост и правичност.
    Сто отсто така се смеат и Филип Рикер и Ерван Фуере кога ќе се приберат дома.
    На што личеше она седнување на ручек на Фуере заедно со Силвана Бонева и Зоран Заев во Струмица. Па на крај се ракуваа пред камери. “Ај сега кажи нема друг пат така да правам.”
    А сиромашкиот Филип Рикер шета по албанските села и населби и ги моли да не пукаат на избори и да не гласаат баш толку многу групно и во толкави групи. Му дале работа да осигура фер и демократски избори, и тој е загрижен дали ќе ја заврши работата.

    7 Заборавив претходно да ви кажам дека син ми има три, а ќерка ми шест години.
    А нашиве политичари се возрасни луѓе. Чешкиот премиер Тополанек, како претседавач со ЕУ, ни рече дека со овие избори Македонија ќе матурира. Ние, демек, со основно школо сакаме да влеземе во ЕУ. И се лутиме што странците н гледаат како диви племиња и како невоспитани и разгалени дечишта.
    Сите кандидати за претседатели отидоа на баци рака кај амбасадорите. Свесни ли се дека некој од нив ќе биде Претседател на државата и оти амбасадорите кај него ќе доаѓаат да му ги предадат акредитивите.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира