МЕД И МЛЕКО

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:39:"Пузамене,пузасите.

    1 Како до пред само шест месеци се беше во ред со напредокот на Македонија кон Европската унија? Според извештаите на Европската комисија во Македонија течеше мед и млеко. Имаше напредок во сите области. И беше вреден за пофалби. И да не беше спорот со името, за кој ЕУ е загрижена да се најде решение што поскоро, Македонија ќе си добиеше датум за почеток на преговорите.
    И сега одеднаш – ништо не чини. Дојде амбасадорот на Литванија која е претседавач на ЕУ и среде Скопје, среде Собрание, најотворено си кажа: “Оваа земја не е на списокот приоритети за ЕУ. Не гледаме напредок во многу области, можеби и во повеќето”.
    Амбасадорот Ренатас Јушка кажа дека е свесен оти изјавата звучи грубо и недипломатски, ама објасни дека “ова е сигнал кој ние се обидуваме да ви го испратиме вам, оти сме загрижени”.
    За нивната грижа за Македонија не ми е баш гајле, оти сигурно е помала од нашата грижа. Туку, дај да видиме како да го сфатиме овој сигнал. Што тоа ќе значи за Македонија? За државата во која власта штотуку си најде уште едно солидно оправдување зошто работите не одат како што треба. ЕУ е крива за се, оти Бранко го нема. А опозицијата без Бранко само што избра ново раководство замина на одмор. Оти многу се заморија од промените во партијата.
    Ние дојдовме до вакво дереџе иако ЕУ со години наназад кај нас гледаше мед и млеко. Што ли ќе не снајде допрва кога медот се изеде, а млекото скисна.
    2 Претседателот на анкетната комисија за 24 декември Борче Давитковски си даде оставка оти ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не успеаја да ги усогласат заклучоците. Таа комисија беше формирана на иницијатива на претседателот на државата Ѓорге Иванов.
    Арно ама, Давитковски со денови чекаше да биде примен од Иванов за му ја врачи оставката. Претседателот прво бил на одмор, па после немал слободен термин.
    Пред да се налутиме на Литванецот и на приоритетите на ЕУ, ајде малку да зборуваме за нашите приоритети. Значи, откривањето на вистината за 24 декември 2012 е најважната задача што ни ја даде ЕУ уште на 1 март, ама и најважната работа што треба да ја завршиме за да се деблокира Собранието и да ни тргне работата. Башка што претседателот беше многу загрижен оти долго време не можеше да се формира комисијата што беше негова иницијатива.
    И што прави претседателот на државата кога треба да го прими претседателот на Комисијата која е во криза? Има попаметна работа. Се среќава со извидници од Охрид. Оти му треба некој со компас да му го најде патот.
    3 Што е чудно ако академиците решиле дури од септември да расправаат за лустрацијата која што коси низ МАНУ? Тоа ти е како академска четврт. Тие се мудри старци. Сфатиле дека времето лечи се. А Македонија само време на претек има. Затоа е вечна.
    4 Судиите што секојдневно докажуваат дека судат ослободени од политички притисоци и влијанија, завчера се пожалија дека притисок им прават само новинарите. Оти протестираат пред судот да се ослободи колегата Томислав Кежаровски кому по трет пат му е продолжен притворот.
    Судиите со соопштението ни кажаа добра вест. Дури може да се нотира како напредок и за следниот извештај на ЕУ. Па ние сме станале земја во која новинарството е толку моќно што дури врши притисок и врз независното судство. А судот па и се потресе за тоа.
    5 Не престанува да ме изненадува досетливоста на апашите што се намерачиле на Македонски пошти. Вчера во скопски Чаир украле 200 илјади евра и избегале со веспи. Фраери биле. Не дошле со кинески моторчиња. Со веспи бе! Колку брзо може да се избега со веспа? “Не ве гледаме , не ве гледаме, ај, ај уште малку, уште малку, бројам до сто, отварам очи…Пу за мене, пу за сите…” Да сакале, со камен ќе ги погоделе.
    Всушност, тие не ни организирале грабеж. Дошле, ги паркирале веспите, почекале комбето да донесе пари, влегле на шалтер и си ги зеле парите. Исплата како и секоја друга.
    Бидејќи пред тоа, сефот од поштата во Битола среде центар го изнеле со вилушкар, следниот грабеж ќе го направат со лижавчиња и со тротинети. Или, зошто да се изложуваат на ризик од пад од тротинет и непотребни стресови од евентуално бркање. Ќе си влезат во пошта, ќе остават жиро сметка и ќе замолат таму да им ги префрлат парите. А тие ќе се качат на панорамскиот двокатен автобус. На службениците ќе им упатат сериозна закана: “Додека ние го разгледуваме Скопје 2014 вие да сте ги префрлиле парите”.
    П.С.
    Во вторникот и средата во Редакцијата се јавија десетина луѓе кои се претставија како загрижени читатели и добронамерно ме советуваа малку да олабавам.
    Многу го почитувам мислењето на читателите. Всушност тоа ми е најважно. Ама за 22 години “Сакам да кажам” и 13 години “Вест” никој не ми се јавил да ми рече да се чувам за тоа што го пишувам. Од што да се чувам? До сега никој не ми се заканил затоа што можеби мислам поинаку. Ама за се има прв пат.
    Сакам најискрено да им се заблагодарам за грижата. Фала им.
    Иако, искрено повеќе ќе се радував ако се јавеа за да ме поддржат и понатаму да мислам со своја глава.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира