1 Многу ми е жал што се искомплицира проектот “бруто – плата”. Поради проблем со софтверот Груевски пропушти уште една групна прес – конференција и слика за уште еден подвиг на Владата. Вака, отиде во Америка на појадок некадросан.
Ако сте гледале барем една од оние седници на Владата што се пренесуваат во живо на телевизија, се ќе ви стане јасно. Нели преносот оди вака.
Премиерот повикува некој министер на рапорт. Овој кажува нешто. Па Груевски го прашува: “До кога ќе го направите тоа?” И министерот одговара да речеме: “До 1 март”. А Груевски строго му враќа: “Пиши рок – 1 јануари”. А министерот кима со главата и молчи. Си мисли: “Ај два саат по полноќ е, нека пишат јануари, може нема утре да се сеќава што кажал. Плус, поарно и тоа, отколку да ми се налути човекот и да ме смени”.
Стопроцентно сум сигурен дека така била донесена и одлуката за старт на концептот за бруто – плата.
Од околу 60 илјади фирми во Македонија до вчера попладне само околу петнаесетина илјади поднеле пресметки за плата. Според новиот закон, тоа мора да биде сторено најдоцна до десетти во месецот.
Тоа значи дека остануваат уште 45.000 фирми кои треба да бидат обработени за четири дена, ако не сакаат да го прекршат Законот и ако не сакаат да плаќаат негативни камати кон државата.
Затоа, Управата за јавни приходи најави дека викендов ќе работи во три смени. Тоа е во духот на слоганот: “Остваруваме, 24 часа, седум дена во неделата”. Предлагам за да се следи и ова остварување, на Собранискиот канал да се пушта директен пренос од ходниците на УЈП. И како што Груевски минатата недела на британската министерка за европски прашања и закажал средба во 10 часот навечер, тие што чекаат да им помине платата мораат викендов да бидат на штрек и дење и ноќе. Оти може да им се јават и да им закажат да си ја подигнат платата во недела во 3 сабајле.
Ако УЈП не успее да ги помине сите плати до 10 февруари, тие што нема да ја пријават затајуваат данок. А затајувањето данок е поврзано со криминал. Криминалот се казнува. Тоа значи дека треба да одат на суд. Ако 45.000 фирми не стигнат до десетти да бидат обработени од УЈП, ќе има многу судски процеси. Тоа значи дека и судиите ќе работат прекувремено. А судовите ќе воведат втора и трета смена. И тие мора да остваруваат 24 часа, 7 дена во неделата. За тежок криминал, како што е затајувањето данок се оди во затвор. Па во затворите ќе мора да стават кревети на три ката. Па некој мора да ги направи тие кревети. Итн., итн…
Не е важно само да се остварува 24 часа, седум дена во неделата. Треба да се остварува предвреме. Ако не, ќе си дојдете порано на работа.
2 Го поддржувам концептот “бруто – плата”, иако повеќе би сакал сите пари да ми ги дадат мене, па сам да си ги плаќам придонесите, наместо да ме уценуваат дека нема да земам пари, ако нема и за државата. Имам разбирање и за проблемите со кои секој нов проект може да се соочи. Горе-долу од начинот на работа на Груевски ми стана јасно и како оваа работа е истуркана набрзина.
Ама, никако не можам да сфатам како може министер за финансии при здрав разум да изјави нешто во смисла – голема работа што не сте зеле плата на први!? И потоа да не си поднесе оставка.
Што ми се прават некакви конзервативци, демохристијани, демократи, антикомунисти, ако нивниот министер Трајко Славески заборавил дека во капитализмот парите се светиња. И нека не ми споменува дека плата на први немало ни во социјализмот. Или, мисли дека на име на антикомунизам се ќе му биде простено.
Со новиот концепт најважно е на десетти газдите да ги префрлат парите за државата. Ако има пари за буџетот, ќе може остатокот од платата да си го земат работниците за сработеното.
И сега замислете. Сите наши пари што до десетти во месецот мораме да и ги дадеме на државата се дадени на управување на човек што мисли дека нешто не е во ред со тие што земаат плата на први. “Не им е срам, гнили капиталисти што се влечат на грбот на професионалната и непартиска државна администрација”.
Не знам дали дома неговите му даваат да води сметка за трансакциите на домашните картички и дали им ги покрива минусите на време. Јас сигурно не би му дал да води таква сложена финансиска операција.
3 Кога го видов Фрчко на гробот на Гоце Делчев ми стана јасно од каде му е идејата на Бранко трибините што ги организира да ги вика “Дијалози за Македонија”.
На Бранковите трибини доаѓа Фрчко. А тој кога го посети гробот на Делчев рече дека тоа му било семејна традиција. И дека секогаш доаѓал таму.
Што правел Фрчко кога одел кај Гоце без камери? Водел дијалози за Македонија.
4 Министерот за здравство Бујар Османи во екот на епидемијата со заушки рече дека сега не е време да се бараат виновници затоа што во почетокот на деведесеттите некој не проверил дали децата се вакцинираат, или не.
Да беше министерот од ВМРО-ДПМНЕ, а не од ДУИ, веќе ќе го имаше најдено виновникот. Се знае дека е Бранко, а во таа Влада беше и Фрчко. Решен проблем.
Ми се допадна изјавата на Османи. Ама, ако веќе се зафати да ги открие пропустите со вакцинацијата против заушки, на иста сметка нека ги провери и другите вакцини. Оти, со заушките, стерилни, или не, ќе преживееме. Туку, што ли би се случило, ако исто како со вакцините за заушките се правело и со детската парализа, црната кашлица, дифтеријата, туберкулозата…
Вчера министерот беше на некој семинар за телемедицина. Демек, ќе прават операции тука, а некој стручњак од Америка ќе асистира преку телевизор. Би можеле да организираат и некој семинар за медицинска телепортација. Ако треба да не лекуваат, сите да не преселат во странство. Да не ги мачиме докторите. Оти, кај што немаат топла вода, уште и игли и конци треба да бараат.