1. Од сите можни објасненија, што можеа да е слушнат во Собранието на Македонија, за потребата од формирање на Советот за меѓунационални односи, најсимпатични беа оние што заговараа дека без таков совет не можеме да одиме во Европа, па дури и дека, ако не го изгласаме, нема да нé примат во КЕБС. Згора на тоа, ниту еден од останатите пратеници не најде за згодно да ги прокоментира тие тврдења или барем слатко да им се изнасмее. Небаре, Европа е живо потресена за нашиот Совет и едвај заспива, сиромашката, од секирации како ли да нé примат во КЕБС, а ние немаме совет за меѓунационални односи.
Нема што, ако сакаме да влеземе како рамноправна членка во елитното европско друштво, ќе мораме барем малку да заличиме на нашите најблиски соседи. А тие, која од која подобар пример за хармонични меѓунационални односи. Бугарија, Грција, Албанија и Србија – сé совет до совет. Затоа и се членки на КЕБС. Освен Србија, чиешто членство е замрзнато додека не ги реши меѓунационалните проблеми во соседните држави.
Тоа пак што доживеавме Албанија, земјата што до неодамна беше показен пример за непочитување на човековите права, да става вето за нашиот прием во КЕБС, си е приказна сама за себе и многу интересна за раскажување. Особено што на последниот состанок, кога нашата молба беше одбиена, во албанската делегација седеше и пратеник од владејачката коалиција во Македонија. Значи така, на Европа многу ѝ е важно дали ние ќе имаме совет за меѓунационални односи, а не ѝ е важно што во актуелната Влада на Република Македонија седат и петорица министри Албанци. Тој податок пак на нашите големи луѓе, кога одат во странство, им е претерано важен, за да докажат дека водат политика рамноправна за сите националности, ама некако ич не им е важно што партијата од којашто доаѓаат петтемина министри гласно и јасно застана зад барањето Македонија да не биде примена во КЕБС.
Не знам што ќе се случи при крајот на месецов, кога повторно високите функционери на КЕБС ќе расправаат за нашата молба. Што ако Албанија повторно стави вето? И што ако во албанската делегација седи некој наш Албанец од владината коалиција? Сака ли Владата на Македонија воопшто да биде примена во КЕБС? Бидејќи сака, што ли ќе се случи со министрите кои не го сакаат тоа?
Ние важно си направивме Совет за меѓунационални односи. Колку што ме држи сеќавањето, за да нé признае Европската заедница го сменивме Уставот. Попусто! За да нé признаат по втор обид им предложивме до името на државата да ставиме заграда со Скопје. Попусто! За да нé примат во Обединетите нации се согласивме со привременото име “Бивша…” Е, сега, со конституираниот Совет за меѓунационални односи гарант нé примаат во КЕБС. Кој не верува, нека го праша Мухамед Халили.
2. Владата на Република Македонија донесе одлука да ги прогласи Албанците во земјата за најповластена националност. Тоа како одговор на нивните тврдења, дека сме ги третирале за граѓани од втор ред. Сега, како граѓани од прв ред, имаат целосна слобода да им се спротивставуваат на полицајците кога ги приведуваат за шверц на цигари, на пример. Или, кога ќе направат рација на црниот девизен пазар.
Полицијата, исплашена да не им се случи уште некој Бит-пазар, со три-четири жртви, само уредно ја извести јавноста дека нивните луѓе во околината на Бит-пазар не можат да си ја вршат работата, затоа што ги напаѓаат. Бидејќи апсењето за шверц загреаните јастреби од ПДП и НДП веднаш ќе го оквалификуваат како флагрантно кршење на човековите права, апартхејд и што ли уште не, МВР најдобро да си ја остави Владата сама да си го решава проблемот. И да одговори на прашањето: Кој владее со оваа држава – законот или шверцерите? Почитувањето на човековите права нема ништо заедничко со тоа.
3. Досега не ме вознемируваа претерано разните лицитирања со бројки на националностите, бојкоти, референдуми, “историските” докази за автохтони народи, барањата за федерализација на Македонија… По она што се случи со Босна и особено по најрасипаното повлекување на Европа од своите приницпи, по легализацијата на правото на посилниот над послабиот, од изговореното на парламентарната говорница дека “Македонија е федерална држава”, не ме фаќа страв, туку едноставно очај поради неспособноста нешто особено да влијаеме на одлуките што се донесени далеку и тајно од нас.
Што ако цената на задоволениот апетит на Милошевиќ треба да се наплати на сметка на териториите на коишто живеат Албанци, надвор од границите на матичната држава. Ништо не е свето кога станува збор за хипокризијата на Европа. И – ништо не е случајно.
4. По повод најновата одлука на Владата за дозволено изнесување преку граница во готовина најмногу илјада германски марки, и тоа со потврда од банка или менувачница, имам неколку прашања до претседателот на Владата Бранко Црвенковски.
а) Му стигнаа ли илјада марки за неколкудневниот престој во Кран Монтана во Швајцарија?
б) Ако не му стигнаа, со која кредитна картичка ги плаќаше хотелските сметки: на Комерцијалната, на Стопанската, на Земјоделската банка, или на Банката за надворешна трговија?
в) Ако не плаќал со кредитна картичка, која од банките во Македонија му издала патнички чекови?
г) Ако патувал со банкарски чекови, која од швајцарските банки му ги признала чековите издадени во Македонија?
д) Дали не се лутел, кога банката што немала пари ниту да му даде по основа на штедење ниту пак можела да му продаде, му “репнала” провизија за извршената “услуга”?
ѓ) Дали цариникот на скопскиот аеродром му побарал потврда?