1. Уште една дрска скопска провокација. Тоа што некој смислил турскиот претседател Сулејман Демирел еден ден од официјалната посета на Македонија да помине во Охрид е чин директно насочен против чувствата и интересите на охридскиот народ. Во услови кога половина Македонија се подготвува да замине на одмор во Турција, донесувањето на првиот човек на Турција среде туристичкиот центар на Македонија не може да биде поинаку сфатено, освен како краен цинизам и сигнал за сериозно заладување на односите помеѓу Скопје и Охрид.
Наместо да ужива во мирното лето заедно со ретките туристи, Охрид цел ден го потресуваше брчењето на полицискиот хеликоптер, кој веројатно бараше Курди по околните брда, се задушуваше во колоните возила што ревносната полиција ги запираше половина час пред поминувањето на претседателската колона, а богами и езерото дополнително се загадуваше од глисерите на македонската воена морнарица, пардон – езерница. Освен тоа, во ист ден од охридскиот аеродром полетаа дури два авиона, па и тоа ги разбуди болните сеќавања на времето кога овде доаѓаа и туристи.
Градот не беше преплавен само со Турци, туку и со комити. На турскиот десант на охридскиот аеродром мораше да му се спротивстави поголема единица на свечената комитска гарда. Толку комити, колку што беа построени на платформата пред авионот, којзнае дали имало и за Илинденското востание. Сигурно вршеле мобилизација на резервниот состав на АРМ. Имаше само едно промашување во протоколот. Требаше на почесната чета Демирел да ѝ се обрати со зборовите “Мераба комити!”
2. Уште една сликичка од Охрид. Во едно кафеанче на самиот брег на езерото, во близина на забранетите плажи, една туристка се навалила над водата и нешто се загледала во неа. Следи коментар од еден локален мангуп: “Што е, гледаш колку е загадена? Немаме метро да измериме!”
3. Не чини во Охрид, одиме во Женева! Таму нема кој да прогласуав забранети области за капење. Башка, тоа не нé ни интересира, бидејќи таму се оди за водење интелектуални муабети, а не за одмор и релаксација. Од таа причина Женева е попријатно место за водење македонско-албански разговори, отколку да речеме Охрид. Од таа причина не во Охрид, туку во Женева отпатуваа министрите Емилија Симовска и Љубомир Фрчковски со четворица претставници на албанските политички партии од Македонија. Да разговараат покрај чисто езеро.
На сите вести од Тирана дека преговорите не вродиле со никаков резултат, на сите коментари дома дека во најмала рака е скандалозно партнери во Владата да преговараат на неутрален терен, како две спротивставени страни, и тоа во рамки на Конференција за бивша Југославија (а се знае какви асоцијации буди тоа) пристигна студеното објаснување на министерката за образование Емилија Симовска, која прв пат од високо ниво и од официјално место, без многу заобиколување и народски го демистифицираше тоа што се случува во Женева. Едноставно, Герт Аренс е платен, во рамките на таа Конференција секои три-четири недели да ги организира овие преговори, односно разговори, а нашиве се толку фини што му помагаат чесно да си ја заработи платата.
4. Баш добро што во Македонија има регистрирано многу хуманитарни организации. Сега имаат шанса да се докажат. Сигурно веднаш ќе соберат помош за настраданите подрачја во неодамнешните поплави. Добро е што и Ротари клубот се појави баш сега. Веројатно ротаријанците од Македонија нема да чекаат со најавената хуманитарна акција за вакцинирање на населението против жолтица. Можат да побрзаат, зашто со загадените води во настраданите подрачја таа вакцина ќе биде добредојдена.
Не знам само како му се случи на Стојан Андов толку да задоцни зад претседателот и премиерот во Неготино и Кавадарци. Во последно време обично секаде е прв. Или сметаше дека, бидејќи тоа му е изборна база, земјаците нема да му се налутат. Настрана што за време на викендот имаше сериозна обврска. Беше покровител на Галичката свадба. На што би личело ако најзначајниот сват ја напушти свадбата и оди во родното место. Земјаците можеби не му се лутат. Ама невестата сигурно ќе му се налутеше. Башка и галичаните се влијателни луѓе.
5. Дали границата со Србија е од привремен или од траен карактер? Ако оваа дилема е разрешена, тогаш навистина не ми е јасно зошто толкава паника околу тоа дали таа се поминува со лични карти, или со пасоши, кој прв вовел пасошки режим и слично.
Зошто некој има постојана потреба да нé потсетува дека со Србија сме биле една држава? И зошто му беше на нашето МВР она неспретно објаснување дека српската страна не ги известила, па ги известила, па се создала забуна и слично. Држава ли сме, или не сме? Границата со Србија е граница меѓу две држави, или не е? Тогаш зошто чудењето ако граничниот премин се поминува со пасош. Дури и Србите да не ја направеа оваа работа, македонското Министерство за внатрешни работи многу порано требаше да нареди границата да се минува исклучиво со пасош.
6. Генералниот секретар на ОН Бутрос Гали во Атина ја прими наградата од 250 илјади долари од Фондот на Оназис за “посебни заслуги во решавањето на проблемите што го оптоваруваат Медитеранот”.
Во исто време падна енклавата Сребреница, ОН потпишаа капитулација пред Радован Караџиќ и започна уште еден бран на етничко чистење. На ред се и енклавите Горажде и Жепа, што се исто така “заштитени” од Обединетите нации. Прашањето е дали и источна Босна спаѓа во “проблемите што го оптоваруваат Медитеранот”. Оној дел од прашањето што се однесува на успешноста на решавањето е беспотребен. Силите на ОН успешно се скриле од нападите на босанските Срби.