МИЛУВАНИ НЕЦЕЛИВАНИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:77:"МакедонскитеженисезадоволниодВладата

    1. Како да кажам дека никој не нé сака, ама не сакам да си помислат дека поради тоа паѓам во очај? Којзнае како му е на претседателот Глигоров со сите оние писма што деновиве ги пишува и ги испраќа низ светот. А толку многу се трудевме да им се допаднеме на сите. Па накрај си останавме милувани  нецеливани. Изгледа премногу кокетиравме со старата љубов.
    Така е тоа секогаш кога “ем ти се иска, ем не ти стиска”. Па љубовта останува само на предигра. Многу “шарај-барај”, а на крајот пак незадоволени.
    Дури и еден Радош Смиљковиќ, на кој, со самиот факт дека е во раководството на партијата на Милошевиќ, по дефиниција не би требало многу сериозно да му се фаќаат зборовите, во интервју за “Борба” се чудеше зошто Македонија конечно не се определи – сака да биде сама или со нив? Како одговор, ние го испративме потпретседателот на Собранието во Белград да се слика со творците на српско-црногорската Белградска иницијатива за зачувување на Југославија. И тоа на состанок на кој се расправа за буџетот за наредната година и за финансирање на армијата.

    2. Туку, дајте некако да му ја заштитиме раката на претседателот. Од многу пишување писма може да си ја повреди. Белким нема веднаш по признавањето на Словенија и Хрватска да се предаваме. Дури тогаш ќе треба пишување и пишу­вање…
    Ситуацијата е комплицирана, бидејќи во овој деликатен момент за македон­ската држава претседателот остана без потпретседател.  Како итна замена за војводата Љупчо го предлагам Тошо Петров. Навистина, амбициите на Тошо пукаат кон претседателското место, ама ќе мора да чека да наполни 40 години.
    Дотогаш не се сомневам дека улогата на пишувач нема да си ја изведува крајно совесно. Не за џабе во Собранието го викаат скрибоман од прва класа. На потпрет­седателското место Тошо ќе му даде општоевропски пристап. Не толку затоа што на Грција ѝ се добро познати неговите залагања за отворени граници и слободен проток на луѓе, стоки и идеи. Повеќе оти како десна рака на Глигоров, потпрет­седателот Тошо ќе може да му се најде при рака и на лордот Карингтон. Сигурно во неговата фиока веќе стои подготвен документ на Хашката конференција.
    Останува уште прашањето кој ќе ги затвора ковертите и кој ќе ги лиже поштенските марки на писмата. Што од своја страна не би требало да претставува којзнае каков проблем. Ќе се распише конкурс. Може да се направи квалитетен избор. Лигуши имаме колку што сакаш.

    3. На крајот на краиштата, што сме запнале толку со тоа меѓународно при­знавање? Демек, така полесно ќе влеземе во Европа. Што ќе ни е тој луксуз кога Европа ќе ја снема под ударите на големогерманскиот неонацизам? Угледната “Слободанка експрес” во вчерашниот број открива дека изворната документација од времето на Хитлер “до влакно се поклопува со сегашните јавни и донекаде прикриени апетити на Мок, Геншер, Кол…” Па во насловот ексклузивно порачува: “Обединета Европа – Гебелсов изум”. Дванаесеттемина во Мастрихт само нé лажеа дека правеле некоја европска унија. Тие ти работеле по идејата на Гебелс. Создавале четврти рајх. И само мачкаат очи дека тоа го прават за да обезбедат поубав и побогат живот на своите граѓани. Кога целиот чесен свет знае, а тоа и “Слободанка експрес” го тврди, дека тие бараат жртви. А кој треба да биде жртва? За стручњакот кој ги открива Гебелсовите документи и авторот на текстот нема дилеми: “Одговорот е, кога се Германците во прашање, секогаш ист: Словените. И меѓу нив особено – Србите!”
    Ете, затоа Слобо Велики пред некој ден ѝ објави војна на цела Европа. Оригинално и во духот на историската традиција го искористи собирот по повод јубилејот од почетокот на борбата против фашизмот за да ги повика Србите да ја продолжат борбата што ја започнале уште во 1941. Со таа разлика што сега главна­та ударна сила му се четниците.

    4. Ударна сила пак на словенечките жени им се – јајцата. Лесно им е ним, на чекор пред меѓународно признавање, да се собираат пред парламентот во Љубљана и да ја дестибилизираат владата гаѓајќи ги прозорците со јајца. И  да му викаат на својот премиер: “Лојка, Лојзе нема јајца!”. Сé затоа што демохристијани­те на Лојзе Петерле сакаат со новиот устав да го забранат правото на абортус.
    Ете така и Словенија минува низ истиот пат на неизвесност и улична демокра­тија, каква што виде Македонија пред донесувањето на Уставот. Кај нас бараа “чиста Македонија”, таму викаат “Абортус је правица, држава је прасица”. Со еден голем плус за македонските раководители кои не дозволија да “им се случат – жени”. Ниту премиерот Кљусев добиваше забелешки слични на неговиот словенечки колега, ниту пак по зградата на нашето Собрание летаа јајца проследе­ни со извиците “Вие ова го немате”. Тоа е голем комплимент за уставо­твор­ци­те, почнувајќи од премиерот, преку експертите, па сé до претседателот на Собранието Стојан Андов. Нема што, можат да се натпревару­ваат со словенечките раководи­тели. Нашите умеат со жените.

    5. На такви мажишта тешко дека ќе можат да им наштетат разно-разни влади во сенки. Тоа што на Кљусев му се причинуваат сенки, во облик на Балабан од Охрид, не мора да значи дека особено го загрижува најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе формира влада во сенка и ќе премине во опозиција. Одвај чекам да го видам составот на таа влада. Одамна слатко не сме се насмеале.
    Се прашувам само како ваква сончева земја ќе изгледа со толку влади во сенка. Којзнае, покрај социјалдемократите и ВМРО-вците, можеби утре ќе им текне да формираат влада и реформистите. ПДП и НДП и онака и оваа офици­јалната влада ја третираат како да е во сенка. Па дури и Владо Голубовски, со својата бројна пратеничка група, може да реши да оди во опозиција и да формира своја влада.
    Дури тогаш ќе ни биде супер. Во дебела ладовина.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари