1. Таков патос во телевизиски извештаи, како при фудбалскиот натпревар на Македонија со Белгија, немаше дури ни во репортажата на Лапе за приемот во Обединетите нации минатата година. Издигнати на ранг на најголеми национални херои, на државната телевизија, и особено на Силексовиот ТВ канал “Сител”, момчињата од државниот фудбалски тим добија таква значајна улога, небаре од нивните нозе зависи судбината на Македонија.
Две солзи ми капнаа, а третата остана засушена во окото, гледајќи ја ТВ сторијата “Дипломатските победи на претседателот Ѕинго”. Велат, имало опасност да се налутиме и да не играме. Што навистина ќе беше голема загуба за светскиот фудбал.
Драмата најверно беше претставена на ТВ “Сител”. Видовме сé, од битката за химната до две-три илјади(!!) знамиња на стадионот, а патриотскиот занес на репортерот, дополнет со личната драма на селекторот Дончевски дали ќе успее на внуката да ѝ купи “Нинтендо”, успешно беше гарниран со смирената и победничка изјава на претседателот Ѕинго на скопскиот аеродром, кому дури во тие рани утрински часови му се читаше уморот од вртењето на телефоните во Њујорк, Вашингтон, Стокхолм, Скопје… Им се восхитуваме на новооткриените способности на Андон Дончевски за туристички водич низ Брисел, на неговата грижа за подмладокот, кога на синот на амбасадорот во Белгија, со симболично име Филип, му подари фудбалска топка, да стане фудбалер како тие што ги гледал на натпреварот. Тука беше и патетичното обраќање до судиите од аут линијата кога изминаа регуларните 90 минути, на руски јазик: Какви браќа сте кога не свирите крај? Недостигаше уште да видиме како полицијата го проверува авионот пред полетување, по анонимното јавување дека во него има бомба и – драмата ќе беше комплетна. Особено, што во целата приказна се најде место и за епизодна улога на претседателот на Европската комисија Жак Делор, кој пристигнал на стадионот да го види тоа чудо од нашата репрезентација.
Ако нерешениот резултат во Брисел е наша национална гордост, значи ли тоа дека ако изгубиме од Кипар, веднаш ќе прогласиме национална катастрофа? Или, ако победиме, тој ден ќе го славиме како национален празник?
Спортот и овој пат покажа дека е и тоа како врзан со политиката. А топката си е – топка. Се тркала и понатаму.
2. Неколку години наназад Министерството за внатрешни работи го спонзорира скопскиот Џез-фестивал. Изгледа дека министерот Владо Поповски му бил љубоморен на неговиот колега Фрчковски, “како тој може да си има фестивал, а јас да немам”, и реши да направи фестивал на војнички чекорници. Ќе го гледаме вечерва во Домот на АРМ во организација на Министерството за одбрана. Одвај чекам да видам како ќе биде отворен. Навивам за темата “На сред село тапан чука…” на војничка труба, како на рекламниот спот на телевизијата.
Ги искористив своите контраразузнавачки врски и успеав да дојдам до текстовите на песните пред време. Се разочарав. Наместо “Хеј војници, воздухопловци, челична крила наше армије” пронајдов некои љубовни песни. Морам да признаам, сепак најмногу ми се допадна песната со наслов “Снежна лавина”. Таму вели дека војникот “света обврска дал, на сите кралеви е крал” и потоа додава “нашата армија здрава, силна, убава, како снежна лавина нас нé брани”. Не сфаќам дали лавината е убава. И не сфаќам како брани снежна лавина. Со затрупување.
3. Владата треба да подготви нов ребаланс на буџетот, во кој ќе бидат содржани ставките за сите министерски фестивали. Замислете, по патот на Владо Поповски да тргне Стево Црвенковски. Па да направи некој интернационален фестивал. На којшто ќе се веат сите знамиња на земјите-учеснички, вклучувајќи го и нашето, освен ако и тука не се замешаат Грците. Нашиот претставник ќе се појави со песната “Признавања се множат како снежна лавина”.
На фестивалот на Министерството за земјоделство еден стих за лавината би бил поадекватен. На пример, “снежна лавина ги покри посевите и ги заштити од студ”. Малку е незгодно лавината да се споменува на фестивалот на Министерството за образование. Не оди “моја учителке, ќе ме прегрнеш како снежна лавина”. Затоа пак совршено одговара за Министерството за финансии – “пари како снежна лавина”. Или, на фестивалот на Министерството за здравство – “Ало амбуланта, лавина нé затрупа”. Само Министерството за урбанизам и градежништво не пројавува интерес за фестивал. Уште само лавина им недостига. Да им ги затрупа сите почнати патишта и коридори.
4. Пописот на населението е нецелосен, необјективен и невалиден. Така велат албанските партии во Македонија. Прво ја измалтретираа цела Европа со нивните приказни за тоа кој колку го има во Македонија. Заради нив и Европејците се вклучија да нé пребројуваат. Сега кога и тие рекоа дека повеќе нема да важат шпекулациите околу бројките, бидејќи пописот е во ред, албанските партии повторно се бунат дека не се преброени толку колку што треба.
Проблемот бил во друго. А тоа го откри НДП. Пописот бил правен по меѓународни норми, а ова тука е Балкан и затоа не е валиден. Според балканските норми сé уште важи лицитација со бројките.