1 На чело на Анкетната комисија за расчиствување на инцидентот во Собранието од 1 јули е пратеникот на ДУИ Хајрула Мисини, во историјата на Македонија влезен како командант Шпати. Тој беше портпарол на ОНА од кумановско липковскиот фронт од 2001.
Читам коментари. Сите се згрозени оти командант Шпати од ДУИ сега ќе биде претседател на комисијата што треба да ги помири СДСМ и ВМРОДПМНЕ. Што се чудат? Како искусен борец за човекови права, командант Шпати со пушка се избори за својот статус. Ако станал пратеник, зошто да не биде и миротворец.
И тоа не е иронија на судбината. Не е ни пародија. Таа фаза од нашата историја заврши кога министер за земјоделие стана Садула Дураку познат како Командант Вентиљи. Тој летото 2001 три месеци го држеше затворен вентилот на Липковската брана и Куманово и цел регион беа без вода. А сега е градоначалник на Липково.
Командантите Шпати и Вентиљи си завршиле работа. Тие се бореле и се се избориле. А за што се борат ВМРО и СДСМ? Кој повеќе функционерски места да фати. И кој повеќе плати да зема од повеќе места.
2 Кога дојде време УЧК во Собрание да ги помирува ВМРОДПМНЕ и СДСМ што се чудиме што главните улоги во докажувањето кој е поголем Македонец меѓу двете партии ги имаат српска и хрватска ѕвезда. Дилемата дали е поголем престиж што Цеца дошла во Прилеп, или Северина во Куманово е поголема дури и од историската дилема каде пукнала првата пушка на 11 октомври 1941 година. Во Прилеп или во Куманово? Само што тогаш партизаните од Прилеп и од Куманово заедно се бореле против бугарските фашисти. А овие денешниве се борат да докажат кој повеќе ниви со марихуана има. Па политичката битка од обвинувањата кој е за промена на име, а кој не и и следствено на тоа, кој шири еврооптримизам, а кој евроскептицизам, се префрлија на броење стебла со марихуана, или нешто што личи на тоа. Па се приведуваат со лисици пребегани партиски активисти, мајките им паѓаат во несвест пред камери, се печатат маици со ликот и делото на млекарот, се продаваат компири, невладини организации на деца загрижени поради дрогата собираат потписи, невладини организации на загрижени родители даваат изјави пред Собранието, министерот за земјоделие дава изјави дека никој од нив не побарал да ја собираат марихуаната од јавни површини, новинари и аналитичари пишуваат колумни… Работава толку е забегана што само уште брат Љубе фалеше со изјавата дека и тој на нива ќе копал компири.
Толку џева се дигна околу марихуаната што може повторно да се печати познатиот партизански стрип “Мирко и Славко”. Славната реплика “Пази Мирко, куршум!” “Фала ти Славко, ми го спаси животот”, во новото македонско издание од стрипот ќе гласи. “Пази Мирко, марихуана во твојата нива!” “Уф, фала ти Славко, ме спаси од притвор”.
3 Градоначалникот на Битола Владимир Талески ги бранеше ВМРОвците што имаат ем политичка функција ем се директори или членови на управни одбори на јавни претпријатија и установи. Тој рече дека “Македонија е мала земја и нема многу способни луѓе”.
Според податоците од агенцијата за вработување во Битола им 32 невработени магистри и 1748 невработени високообразовани дипломирани кадри.
Ама тие не се способни. Тие се само магистри. Не се ВМРОвци. Така што слоганот “Знаењето е сила, знаењето е моќ” важи само за рекламната кампања на Владата. Во стварноста знаењето е сила, ама книшката е моќ. Студентите Александар Николовски, Илија Димовски, а до скоро и Влатко Ѓорчев се најочигледен пример за тоа.
4 Добро е што ВМРОДПМНЕ ја послуша антикорупциската комисија и им нареди на своите членови кои држат повеќе функции да се откажат заради конфликтот на интереси. И тоа, макар што се случи и по четири години на власт е за пофалба. Подобро некогаш, отколку никогаш.
Но, она што е поразувачки е фактот дека ним партијата им нареди да го почитуваат законот. Божем 20 години живееме во демократско плуралистичко општество, ама во Македонија се уште владее партијата, а не правото.
5 Која жена е за вештачко оплодување платено од државна сметка до сега одлучуваа комисии по болниците. Од сега која жена ќе оди на ин витро, а која не, ќе се одлучува во комисија во Фондот за здравство.
Покрај резултатите од досегашното лекување и мислењата на матичните гинеколози, кон документацијата приложете и партиска книшка. Оваа Влада е темелна. И партиските членови им се дисцилинирани. И раѓањето ќе биде регулирано по партиска линија. Со вештачко оплодување ќе се раѓаат само ВМРОвчиња. А за да има пропорционална застапеност според Рамковниот договор и партиската книшка на ДУИ ќе заврши работа.
Овие од СДСМ и ДПА ќе добијат нешто поголемо. Традиционалниот алат за правење деца.
Само, нешто друго ме загрижува. Ако Фондот ги носи одлуките за ин витро оплодување толку брзо колку што ги исплаќа парите за породилно боледување, тогаш баби ќе раѓаат деца. И сите ќе останат со Стојко в рака.
6 Министерот за правда Михајло Маневски завчера во затворот во Шутка покажуваше некои реновирани ќелии и тоалети, ама додека со него беа новинарите некој притвореник од затворена ќелија ги викаше камерите да го снимаат и тоа што министерот не го покажуваше.
Маневски рече дека за да се отворат тие ќелии требало одобрение да даде судот. Веројатно затоа што судството е независно тој тоа правило не сака да го крши. А за притвореникот кој викаше го рече следново: “Се разбира дека здравјето во условите, очигледно кај некои лица, конкретно за ова лице кое повика, тоа е лице кое е многу пати осудувано, има одредени психолошки предиспозиции”.
Што се тоа психолошки предиспозиции? И од каде знае министерот Маневски што му е на притворениот. Да не го познава по гласот?