Мис Танушевци

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:52:"Замиренсон-секогаштампон

    1. Власта долго се мислеше, и на крај се појави да нè утеши. Не грижете се, ова не е ништо. Допрва ќе биде полошо. Или, како што рече премиерот, нè очекува една ситуација на класичен политички тероризам. И сите ќе треба да научиме да живееме со тоа.
    Кога пукна во Тетово, видовме колку сме среќни што имаме луѓе кои знаат да ја водат државата. Прво избезумен се појави министерот за одбрана Љубен Пауновски и смирувачки нè утеши дека сме на чекор до војна. Потоа премиерот Љубчо Георгиевски ни раскажа дека едно брдо или село што терористите ќе го освојат не е ништо, во однос на неосвоивоста на Владата. Башка, имаме ние многу брда и села за освојување. И на крај, пред полноќ, конечно се појави дамата Доста Димовска за да ни каже дека ситуацијата е сложена, така што не треба да се грижиме, бидејќи само ни ги потврди нашите претпоставки.
    Таа вечер искрено ми недостигаше само уште министерот за надворешни работи Срѓан Керим. Со изјавите на Љубчо и Доста не можеш мирно да спиеш. Башка и двајцата беа некако несредени во фризурите и исплакнати во очите, па кога така ќе ти се појават пред полноќ, може да имаш ноќни кошмари. Ама, ако ни се појавеше средениот Керим, па уште ако ни ја раскажеше приказната за “тој пусти тампон” што не бил тампон, и за сите што нè сакаат распрснати низ светот, можевме мирно да отспиеме пред утрешната офанзива.
    Затоа, во ноќните часови, нека не ни се појавуваат пред очи Љубчо и Доста. За мирен сон – секогаш тампон.

    2. Истата вечер додека државниот врв со вџашен поглед гледаше во иднината и во ТВ камерите, по којзнае кој пат, дури и странците ни рекоа дека треба нешто да се преземе, дека се работи за борба против терористи, дека сите политички партии во Македонија треба да се оградат од нив и дека само до Македонија е одлуката како ќе се справи со нив.
    Другиот ден, дури и Мендух Тачи побара да се удри на разбиената банда. Ама, кој да удри? Рекетарите и вратарите од приградските кафеани што госпоѓата Димовска ги промовираше за безбедносни експерти, за да се спаси од старите структури во МВР?
    И додека ги следиме препораките на премиерот и се привикнуваме да живееме во услови на политички тероризам, власта се мисли дали да ни воведе воена или вонредна состојба. Зошто? Само за еден митинг и 200 терористи, колку што ни кажуваат!?
    Па ајде да го видиме и тоа чудо, малку Љубчо да се прошета во генералска униформа, а Доста во костимче сошиено од шаторско платно. Не знам само каква униформа ќе му дадат на Џафери. На Тачи не му треба. Тој е цивил – миротворец.
    Ако, сепак, не сакаат да претеруваат, можеме да завршиме само со вонредна состојба. Вонредна состојба се прогласува кога во државата има природна непогода или епидемија. Така што сега има две причини за нејзино воведување. Првата е ако терористите кои од Танушевци се преселија на Шара ги сметаме за епидемија. А втората е ако Љубчо и Доста ни доаѓаат како природна непогода.

    3. Премиерот само бара нешто. Досега бараше непријатели. Од завчера бара сојузници. Ш’о да е!
    Бугарите веќе се понудија. Пукнаа да нè ослободат. Ене ги сега терористите од Шара учат пливање во базенот во “Славија” на Попова Шапка. За секој случај. Да не треба да пливаат преку Јадран.
    А тие што запнале толку за голема Албанија. И оваа малава што ја имаат, гледаме, добро ја имаат средено.

    4. Важно во Танушевци се вее македонско знаме. Само не разбравме со каков стап и кој го наденал на котата, да може Војо Стојановски нова песна за “Гоце фест” да отпее.
    Пусто Танушевци, тоа ти било како Берлин во 1945 година. Таму Русите побрзаа пред Американците да го стават знамето на Рајхстагот, па дури после се сретнаа. Е, сега не знаеме дали во Танушевци прво се сретнале сојузниците, или Американците им дозволиле на нашите да го закачат знамето. Да се порадуваме малку.
    Танушевци стана славно. Ако продолжи вака, можеби како во Босна ќе почнат да ни доаѓаат светски ѕвезди и да одржуваат концерти, додека околу се пука. Се сеќавате на Боно и Мис на Сараево. Сега може да имаме Мис на Танушевци.

    5. Павле Трајанов и Борис Стојменов завчера се појавија со современа верзија на Крушевскиот манифест во кој ги повикаа “сите Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби и Роми да застанат во одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија”. Змејковски ќе пука од црешовото топче.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира