МИТЕ ЛАЖГОТО

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:102:"Нацијатасезабриша.Покрајчистобраз,имамеичистгаз.

    1 На народ на кој не му требаат автопатишта, отворањето на големи трговски центри му е од витално значење за одржување на менталната хигиена. А богами и на физичката. Оти отворањето на новиот “Сити мол” во скопската Општина Карпош, го означи масовното купување тоалетна хартија на попуст. Што е одличен маркетиншки потег. Цел град шеташе со двослојни ролни.
    Конкуренцијата си го направи своето. Па и другите синџири маркети низ Скопје се приклучија на масовната подготовка за гласањето доверба на Владата. Реки граѓани потрчаа по евтина тоалетна хартија. Обезбедени со доволни залихи, луѓето побрзаа спокојно да го следат преносот на Собранискиот канал од расправата за интерпелацијата на Владата.
    Премиерот Никола Груевски, на отворањето на досега најголемиот трговски центар во Македонија, рече дека тој ќе ги задоволи трговските и културните потреби на граѓаните. Неговиот говор не беше докрај визионерски. Тој не го предвиде стампедото што се случи на Денот на тоалетната хартија веќе следното утро. Покрај трговските и културните, заборави да ги спомене и физиолошките потреби на граѓаните.
    Среќен народ. Купува евтини шеќер, ориз, грав и тоалетна хартија. Па и банани. Нацијата се забриша. Србите имаат една изрека што кога ќе ја преведеш оди вака: “Носам посрани гаќи, ама штедам на тоалетна хартија”. Е Македонците и во рецесија не штедат. Па покрај чист образ, сега имаме и чист газ.
    2 Традицијата продолжува. Претседателот Киро Глигоров во 1992 година го отвори првиот “Мекдоналдс” во Македонија. Потоа во 2005 година Бранко Црвенковски, како тогашен Претседател на државата, го отвори “Рамстор”. А сега премиерот Груевски го отвори “Сити мол”.
    На тој начин се развива ново движење кое се вика “мол култура”. Наместо во сабота и недела да одиш на викенд, ќе си ги дотераш децата и ќе си ги шеташ низ трговски центар. Порано тоа се викаше “зјај пазар”. Забава за сиромаштија.
    3 Гледате ли колку падна македонското новинарство со случајот Тодор Петров и убиениот Македонец во Грција ? Некој шеф му кажал на некој уредник да се јави кај некој шеф на невладина организација, кој во моментот не бил ни во земјата, и сè што овој ќе му каже да го објави на најспектакуларен можен начин, сосе Бог да го прости. Без доказ и без проверка. И тоа на јавниот сервис, кој сите го плаќаме. И од кој очекуваме да ги почитува барем основните новинарски стандарди.
    Ова е најнова епизода на сапунската серија “Падот на македонското новинарство”. Во оваа епизода веќе не станува збор за душење на слободата на информирањето. Ова е многу пострашно. Ова е самоубиство. Ова ги прави медиумите целосно ирелевантни. Што и да објавиш – веќе не е важно. Оти никој веќе не ти верува.
    Исто како приказната за овчарчето Мите лажгото. На Мите, кога му било здодевно, ги лажел селаните викајќи “Волк, волк”. Тие му верувале и доаѓале на помош. Еднаш ги зезнал, двапати ги зезнал. Но еден ден волкот навистина се појавил. Викал Мите “Волк, волк”, ама никој не дошол на помош. Оти никој веќе не му верувал. И Мите лажгото останал без овци.
    Ние одамна останавме без овците. Новинарството во Македонија е слободно само за една работа. Се ослободило од почитување на сопствените стандарди. И од одговорноста за тоа.
    4 Не знам колкави се министерските плати. И дали тие се репер за мизерно или за немизерно живеење? Дали сите државни плати треба да бидат пониски од министерските? Да се знае редот.
    Ова го прашувам затоа што министерот за здравство Никола Тодоров ги искара лекарите зашто се дрзнале да му побараат повисоки плати од 35.000 денари.
    Ај сега да ги мразиме лекарите оти биле алчни. Да. Му бараат повисоки плати. Затоа што лекарот има поинакви стандарди на живејачка. Затоа што кога одиш кај него, го гледаш како Господ. Затоа што добар лекар цел живот учел, и за да биде уште подобар мора секој ден да учи. И затоа што ние секој ден им ја оставаме нашата судбина во нивни раце. Искрено, јас сакам да ме лекува задоволен лекар. А не лекар кој ќе брза да купи евтина тоалетна хартија и шеќер.
    На крајот на краиштата, знае ли Никола Тодоров дека живееме во капитализам? Или тој е од левичарското крило на десничарската ВМРО-ДПМНЕ?
    5 Министерот за одбрана Фатмир Бесими на питомците на АРМ, покрај на македонски, им се обрати и на албански јазик.
    Што ќе биде новиот визионерски потег на херојот од Слупчане? Дали и во војската ќе се воведе нов јазик за командување. Со повеќето зборови на македонски јазик, со дваесет и пет отсто албански зборови и со по некој турски. Аскер ли е, што ли е. За да може и непријателот да разбере што се командува во АРМ.
    И во военото воздухопловство, покрај англискиот како единствен јазик за комуникација, треба да се воведе и албанскиот. Оти Албанците се традиционално угнетен народ.
    И тамам помислив дека Бесими ќе се пројави со уште некој визионерски потег, тој замина за САД. Така што сè што побарал досега, паѓа во вода. Ќе видиме што ќе побара кога ќе се врати од Америка. Е тоа ќе биде важно. Се плашам тогаш и Слупчане да не изгледа како детска игра.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира