1 Комесарот за проширување на ЕУ Оли Рен му рекол на претседателот Бранко Црвенковски да се погледне во огледало и да каже дали Македонија му личи на земја кандидат за ЕУ.
Јас сабајлево се погледнав во огледало. И можам да му кажам на Оли Рен дека не сум само кандидат, туку и сосема спремен за ЕУ. Само што европратеникот мене не ме ни прашува.
Не само јас. Знам уште многу луѓе, можеби и речиси два милиони граѓани на Македонија кои ако не се спремни, барем се многу сериозни кандидати за ЕУ. Само што тие не се ни во Влада, ни во Собрание, па и нив никој не ги прашува.
Не знам што гледа Бранко во огледалото пред себе, ама еве што гледам јас:
– Работам во фирма што ги плаќа даноците, пензиско и здравствено осигурување и пријавен сум на цела плата.
– Ги почитувам законите.
– Ги почитувам сите вери и националности и остро се противам на полова и сексуална дискриминација.
– Остварувам дијалог во секоја смисла на зборот – и политички и неполитички.
– Ако со некого влезам во спор одам на суд и не вадам пиштол за да го убијам.
– Не носам калашников на свадба и не се тепам на работно место и на улица.
– Барам фискални сметки во продавница и пријавувам мито и корупција.
– Работам нормално работно време и пак успевам да остварувам.
– Плаќам патарина.
– Чекам во редици и за излез и за влез во земјата.
– Не доцнам на приеми и на состаноци.
– Поддржувам и домашни и странски инвестиции.
– Не возам 200 на саат низ град .
– Плаќам струја, вода и одржување на лифт, а ѓубрето го фрлам во контејнер.
– Гласам на избори.
Извини господине Оли Рен, ама моето огледало дава европска слика за мене. Ги исплонувам сите кон обврски кон државата. Значи се однесувам како секој нормален граѓанин на ЕУ.
Дури и Грците ако ептен се заинаетат, па решат да ми прават проблеми, нема да имаат аргументи за да го блокираат моето европско интегрирање. Затоа што не се викам ни Александар.
2 Имам молба до Рен, Солана и останатото европско друштво. Заборавете ги Бранко, Никола, Тачи, Ахмети и нивните убави друштва. Кога ви раскажуваат приказни не ги сфаќајте сериозно. Оти веќе ни ние не ги сфаќаме.
Дај сите ние нормалните два милиони граѓани да влеземе во ЕУ, ама без претседател, без Влада и без пратеници. Па и без судски совет што толку многу им го барате. Ионака членовите си ги бираат меѓу себе.
Претседателот, Владата и пратениците ќе ги примите во ЕУ кога и нивното огледало ќе покаже европска слика. Оставете ги колку сакаат да се занимаваат и со Охридски договор и со Бадинтер и со Судски совет и со дилемите каде да се сретнат и со анкетните комисии што испитуваат маме му ибам кој кој прв почна. Имаат време и пак да се тепаат. Кога нас веќе еднаш ќе не примат во ЕУ, нив можат и бесконечно да не ги примаат.
Едно време пишував дека нашите политичари се како размазени деца. Сакаат се да биде по нивно, плачат ако не им се исполни желбата и немаат никаква одговорност.
Ама гледајќи го изборот за Судскиот совет сфатив дека тоа веќе не е точно. Тие сакаат се да биде по нивно и плачат како размазени деца, ама за разлика од децата од кои не можеш да бараш одговорност, овие се што прават, прават неодговорно.
Зошто годинаипол се маткаа со судскиот совет, кога очигледно можеле да го решат за еден ден. Ама нив не им е до решението. Тие не се како размазени деца. Сега сфаќам дека се како свињи што се шлапкаат во калта и уживаат во тоа.
Да нема забуна. Свињите се едни од најинтелигентните животни.
3 Мене како граѓанин што си го гледа европскиот лик во огледалото никогаш не ме искарале, како што тоа го направи пред некој ден американската амбасадорка Џилијан Миловановиќ. Ниту пак се чувствувам навреден по нејзините пацки.
Зошто? Затоа што и јас се чудам исто како неа дека “некои политичари и политички партии сметаат дека можат да добијат повеќе гласови преку создавање, а не решавање на проблемите”.
4 Министерката за економија Вера Рафајловска уште не го потпишува договорот со Хач. Конзорциумот што ја купи ТЕЦ Неготино ги собра документите од фирмите и ги предаде во архива во Скопје. Ни кажаа дека купуваат Канаѓани, а документите ги носеа Бугари.
Рафајловска пред да стане министерка водеше своја консултантска фирма. Би требало да знае дека во купопродажбните договори документацијата мора да биде чиста.
Велат дека министерката се исплашила. Во истражниот затвор во Шутка има директори, членови на управни одбори, адвокатки, нотари… Им фали само уште консултант.