1. Љубе најде вистински начин како да го прекине бојкотот на новинарите. Се закани дека ќе им поднесува кривични пријави на главните и одговорни уредници ако објавуваат некакви сценарија што ќе го поткопувале угледот на владата во предизборието. Уште и ако уапси некој новинар, насловна страница не му гине. Фала богу, новинарите го создадоа Љубе. Ред е со нив и да заврши.
Бојкотот не може да трае бесконечно, бидејќи и неговите будалаштини немаат граници. Па и ние сме луѓе, не се издржува. Мора малку и да се посмееме. Освен ако не му текне пак да вежба со оружје. Тогаш веќе станува трагично.
Ако изгуби на изборите, Љубе ќе ја смени професијата. Бидејќи има сознанија за многу сценарија, тој ќе сака да биде режисер. Ама ако биде режисер како што режира апсење на амабасадори во реалноста, ќе му пропадне и тој филм. Филмското претпријатие Македонија, со филмовите на Љубе и неговите, ќе биде жив зијан.
Којзнае колку биле испаничени амбасадорите кога Љубе јавно им порача дека им ги знае сценаријата и дека ако треба и ќе ги апси. Не кажа само кога. Дали по 15 септември, заедно со Али Ахмети, или ако не оваа среда, идниот петок. Којзнае колку бил лут Љубе на средбата со нив и којзнае колку исплашени тие си заминале од Кабинетот. Толку имаат уплав што не се ни сеќаваат дали таму бил Љубе.
Рекоа дека дента, кога Љубе бил со нив, тие не биле со него. Исто како вицот со Трпе што се фалел дека со новата девојка свршил пет пати. Кога го прашале: “А таа?”, тој одговорил: “Таа не ни дојде!”.
2. Љубе е надвор од законот. Еве, дури и ДИК се прогласи за ненадлежен да го реши неговиот случај, да биде и министер за внатрешни работи и кандидат за пратеник. Кога ја слушнав претседателката Мирјана Трајковска – Лазарова дека го префрла “случајот Љубе” на “случајот Љубчо”, ми станува јасно дека ни ДИК не е тоа што се надевавме дека конечно ќе биде. Госпоѓата можеби не е надлежна да му го прогласи министерското место на Љубе во мирување, ама сигурно е надлежна да го толкува изборниот закон. Не мораше еден куп судии во ДИК да чекаат тоа да го чујат од Хелсиншкиот комитет.
За Љубе не е роден судија во Македонија. Затоа тој се фали дека ќе ги бара во странство. Во Хаг.
3. ВМРО-ДПМНЕ дели локум и кафе. Тоа е чиста македонска традиција останата уште од пусто турско. Порачуваат да се заблажиме по победата на изборите, а ако сакаме и порано.
Стара традиција во Македонија е кога ќе ти дојдат гости, ако сакаш да ги избркаш, почнуваш да служиш кафе. И гостите си знаат дека тоа е – сиктер кафе.
Што ли им смислила рекламната агенција на ВМРО-вците? Какво ли сценарио се крие зад тоа, а МВР се уште нема сознанија. Зарем тие со кафето порачуваат дека ние ќе му речеме “Сиктер!” на ВМРО-ДПМНЕ? Да не мисли ВМРО-ДПМНЕ да му рече “Сиктер!”, на народот? Да си останат сами. Да не ги нервираме и наредните четири години.
4. Сите се растрчани по митинзи. И премиерот, и министерите за надворешни работи, финансии, култура, внатрешни, транспорт, здравство, земјоделие… Па и Стојан Андов излезе од Кабинетот, иако Борис беше во Јоханесбург. Државата е ставена во мирување. Македонија е држава во мораториум.
Туку, спијте мирно. Борис ве чува.
5. Во државата во мораториум се фалсификува се и сешто, па од неодамна и НАТО. Низ Тетовско почнале да патролираат лажни НАТО-вци. Тоа значи дека УЧК-ите толку се соживеале со НАТО, па од што сакаат да личат на нив, си набавиле и нивни униформи.
Ќе бидат смешки кога НАТО ќе почне да го разоружува НАТО по Шар Планина.