1. Како и да ја свртиш работата, Владата е во небрано. Односно, социјалдемократскиот дел од Владата, што инсистираше на предвремени избори. Ако ги повлече изборните закони, кои бараше да одат по итна постапка, ќе си го признае поразот. Ќе треба нови закони, нови договори со коалиционите партнери и дојде време за редовни избори. Ако пак инсистира на законите, повторно ќе биде поразена. И тоа од нејзините партнери во власта, на кои некако не им се напуштаат пратеничките привилегии.
И сега, што да се прави? До ноември вгодина, а како им се заарни, може ќе си останат уште некој месец, да ја фатат 1995, ќе мора да се одржува курсот на девизите, ќе мора да се продолжи со преговорите со Грција, ќе мора да се исплаќаат пензиите, па макар и со задоцнување од четири-пет месеци, цените ќе продолжат да растат, ќе истекува договорот со претставниците на српската националност за промена на Уставот, Албанците ќе притискаат за федерализација, либералите ќе уценуваат за останување во коалицијата…
Сепак најдобро е, како што порачуваат коалиционите партнери, “Владата да покаже флексибилност кон опозицијата”. А богами – и кон позицијата. Па сé ќе си остане по старо. И нема да има политичка криза. А за економската – здравје. Таа и онака ни е стил на животот.
Како да е некоја страшна работа, ако Парламентот заборави дека ја почнал 66. седница, па си продолжи со 67. Се сеќавате на законите за судството? А на оние за грбот и личната карта? А за статусот на средствата за информирање? А за конгресот на Тодор Петров?
2. По природа не сум суеверен, ама онаа сообраќајка на претседателот на Собранието Стојан Андов, како да ги предвиде работите со распадот на коалицијата и кризата во Собранието.
Нели по дефиниција либералите за себе велат дека се во центарот. И кога видоа дека малку се занесле налево, направија нагло свртување вдесно. Лево-десно, со стара кола, со брзина поголема од дозволената и – ете ти тумбање. И во Парламентот и во Владата. На Андов ова му е уште едно големо животно искуство. И предупредување за памет во глава. Во иднина да не прави нагли свртувања.
3. Кај највлијателната партија на Албанците од Македонија ПДП нема нагли свртувања лево-десно. Тие оперираат со термините “тврдо-меко”. Кога ја прочитав изјавата на нивниот лидер Невзат Халили дека би му одговарало босанско решение за проблемите на Албанците во Македонија, па уште кога ги слушнав обвинувањата на неговите сопартијци дека тој бил “мек” политичар, можам само да си замислам што би изјавил некој што треба да претставува “тврд” претставник на Албанците?
Патем, од каков ков е Радован Караџиќ во Босна?
4. Додека минатата сабота и недела, на собранието на ПДП се бореа “тврдите” со “меките” и обратно, јавноста во Македонија немаше поим дека такво собрание воопшто и се одржало. Државната телевизија во третите вести ни спомна нешто за тоа, ама бидејќи на собранието се дискутирало само на албански јазик, немаше извештај. Од принцип ли, од патриотизам ли, од незнаење – не е важно.
Важно, поради тоа што Албанците биле толку безобразни, па зборувале на албански јазик, јавноста не знаеше што се случува со третата по големина политичка сила во државата и со многу влијателниот партнер во Владата на Бранко Црвенковски.
Замислете да ве испратат како специјален известувач од самит на Европската заедница во Брисел. А тие таму сите зборуваат на своите јазици. И ние не знаеме што се случило. Иако живејачката можеби ни зависи од нивните одлуки.
5. Гледајќи ги протоколарните снимки од кабинетот на претседателот Глигоров, во кој од разно-разни гости од Америка другите не можат да дојдат на ред за прием, си ја разбив илузијата за Соединетите Американски Држави како цивилно општество. Па јас не сум знаел дека најголем број од американските конгресмени и сенатори ти биле воени лица!
Или пак сепак сум во заблуда. Можеби токму тие што го посетуваат претседателот се типични Американци што не водат сметка за облеката. Обожаваат кичерајска гардероба. Па накачиле некои еполети, знаменца, златни копчиња, капетански шапки. И патем, со муабет, нудат и воена помош.
6. Бескрајно сум му благодарен на пропаднатиот опозиционен лидер во Србија Вук Драшковиќ, што ја откри причината зошто “браќата од Вардарска Македонија избегале од Србија”. Ние не сме бегале од Србија, туку од Слободан Милошевиќ.
Тоа би значело дека, ако Вук Драшковиќ некогаш биде на чело на Србија, ние веднаш ќе му паднеме во прегратка. Бидејќи особено го цениме поради неговите изјави за Јужна Србија, Вардарска бановина и особено последните од Грција – дека Македонија има грчки карактер. Тука гледаме ептен драстична разлика на неговите ставови од оние на Милошевиќ. Едниот нé вика Јужна Србија, а другиот – Скопје.
Според Драшковиќ, кога Милошевиќ ќе падне, ние и Србите повторно ќе бидеме во Југославија или, како што поетски се изразува, “под еден чадор”.
Вук ќе ја придржува рачката.