1. Оваа земја е оаза на мирот и рај за министри. Кој си посака министерство – си доби. Кога Љубчо и Циле тргнуваа на пат со автобусот, не пресметаа колку патници ќе им се прикачат. Наместо со автобус, требаше да патуваат со воз. Така белки ќе ќе се најдеа доволно вагони за да се соберат сите заслужни што мислат дека треба нешто да им се даде.
Ама, не се глупави ни народните пратеници. Не е чесно, народот ги избирал нив, а да профитираат само министрите. Кај ќе се најдат пари за плати на 27-члена влада, сосе сите придружни луѓе кои министрите ќе треба да си ги здомат, ќе се најдат пари и за покачување на платите на пратениците. И воопшто не треба да се крева прашина околу ова прашање. Голема работа – пратениците ќе имале по 30 илјади денари плата. Пари ли се тоа? Една девалвација на денарот, и им отиде јабана сета пожртвуваност за народот. Зашто, тие се народни пратеници. За почитување на волјата на тие што ги избрале, некој ќе мора да плати. Тие заслужиле да бидат и народни платеници.
Не се во право тие што сега велат дека се покајале за кого го дале гласот. Се исплашија дека овие новиве ќе биделе уште полоши од старите. Нема врска. Работата е многу чесна. Тие никого не излажаа. Убаво ни велеа дека се за промени. Дури можат да направат платежна коалиција и со пратениците на ЛДП, кои велеа дека се за подобро. Па дури и со Ѕинго кој, исто така, велеше за подобро, ама сите заедно.
Ние не сме ги разбрале. Тие, сите заедно, биле за промени и за подобар живот. А ние погрешно сме ги читале слоганите. Тие мислеле за промена кон подобар живот за себе.
Уште од сега може да се претпостави дека Циле ја утна работата со милијардата. Тој пресметувал нешто, ама изгледа не ги имал предвид апетитите на пратениците и на министрите. Вака ќе треба, покрај милијардата, да донесе барем уште една, за да ни бидат задоволни народните платеници и министрите. Зашто, ако не се задоволни, нема да можат убаво да нé водат.
Циле сметаше милијардата да ја троши на кокошки и крави. А помисли ли некој на овците?
2. Особено ја поздравувам идејата за министерство за иселеништво. Тоа министерство ќе ја има задачата да ја протурка идејата на ВМРО-ДПМНЕ на идните избори да гласаат и иселениците. На тој начин, според надежите на министерот Ѓорѓи Наумов, ВМРО-ДПМНЕ ќе владее вечно. А, веројатно, и албанскиот политички блок од ДПА и ПДП ќе добие повеќе гласови, зашто додека Македонците ја “окупираат” Австралија, Канада, Шведска и Германија, Албанците од Македонија ќе ја решаваат нашата судбина во Данска, Швајцарија и во Италија.
Колку ќе ни биде убаво нам тука, кога ќе знаеме дека некој друг, од странство, оддалечен со илјадници километри, ќе ни ја одредува судбината. Ние нема да се грижиме, кога има кој да се грижи за нас. Така ќе имаме повеќе време да си го губиме достоинството во редовите за визи пред амбасадите на земјите од каде што нашите драги сонародници ќе ни ја одредуваат судбината. Ние ќе коленичиме тука, а тие таму ќе сочувствуваат со нас. Таму никој од нив нема да се заземе за нашето достоинство, ама затоа тука ќе ни кажуваат што ни е најарно да правиме.
3. Ако министерството за иселеништво е спорно, тогаш сигурно нема никакви
дилеми дека ни е потребно министерство за трговија, и опозицијата би требало да го поддржи неговото формирање.
Нели во предизборната кампања СДСМ велеше дека Љубчо ќе нé продаде на Бугарите, Џафери на Албанците, а Циле на Грците и на Србите. Држава е ова, и тоа сериозна, а не кванташки, или добиточен пазар. Мора да се знае какви се понудата, побарувачката, квалитетот на стоката што се нуди. И како ќе функционира таа трговија во државата кога нема министерство за трговија.
4. Од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување повторно има најави дека може да дојде до доцнење на пензиите.
Каде отидоа тие вишоци што Бранко така галантно им ги делеше на пензионерите? И тоа не 8, колку што државата им должеше, туку 10 отсто, како аванс. Толку ли брзо се истрошија?
Пензионерите ги фати најтешката еврејска клетва: Да имаш – па да немаш! Им ја фрлил некој од СДСМ. Толку многу вложуваа во пензионерите како гласачко тело, а и тие ги изневерија.
5. Газдата на “Македонија реклам” Зоре Блажевски, вели дека во истражниот затвор му било супер, само што му недостигала љубов. Како во народната песна: “Љубовта со пари не се купува”.
Оваа недела започна националната кампања за борба против сидата под мотото: “Љуби без ризик”. Во оваа држава треба да започне и национална кампања под мотото: “Кради без ризик”.