1 Македонија, откако ги прележа детските болести, созреа во вистинска демократија, па кај и да е, заслужено го очекуваме и датумот за преговори со ЕУ.
Коцката на патот Струмица Радовиш замина во историјата.
Пожарникарите во Скопје за првпат ќе добијат шлемови со светилки.
Парламентот функционира беспрекорно. Брзо и ефикасно носи закони.
Опозицијата е на улица како во најдобрите времиња на СДСМ, кога ВМРО беше на улица.
Слободата на медиумите, според “Репортери без граници”, е падната само за 22 места во однос на лани и за осумдесетина во последните четирипет години. Не е така лошо. Има простор за паѓање за уште шеесетина места.
Добивме признание за ангажираноста во преговорите за името.
Ги продлабочивме добрососедските односи со Катар и со Индија.
Со ваков оптимистички поглед, се укажува на тоа дека пролетниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ ќе биде најпозитивен досега.
2 СДСМ ја дига цената на револуцијата. Вчера им беше последен ден како блокираат крстосници низ Скопје. Утре ќе влезат во колите и, наместо да маршираат, ќе парадираат со возење во колона. Ќе се качи цената на отпорот, ама ќе се зачуваат нозете. На СДСМ сега навистина не им треба ни анкетна комисија ни експертска комисија. Ним им треба бензин. И, евентуално, вонреден технички преглед.
И задолжително врзување на ременот.
3 До каде ќе оди ова Бранковото: “Враќање нема”?
Според логиката на нештата, во нормална цивилизирана средина, за ред и функционирање на државата, одговорноста ја има власта. И од власта се очекува да го направи првиот чекор што ќе води кон компромис. А следна на потег ќе биде опозицијата. Нормално цивилизирано однесување е власта да подаде рака, а опозицијата да ја прифати. И да седнат да се договорат. Оти одговорна власт и одговорна опозиција секогаш го имаат државниот интерес пред партискиот. Тоа е цивилизациски стандард за демократија.
Ама кај нас стандардот уште не е стигнат. Оти ако Груевски го направи првиот чекор, се плаши дека тоа ќе го сфатиме како признавање за грешката од 24 декември. Дека насилното исфрлање на пратениците од опозицијата и на новинарите направи многу поголема штета за државата од кршењето на микрофоните и нападите кон спикерот Вељаноски. А Бранко не може само да бара, и единствената понуда да му биде дека со ништо не се согласува. Оти уште вечерта пред 24 декември тој повикуваше “Враќање нема!”
Ајде да видиме што навистина значи “Враќање нема!” Дали значи дека нема враќање во парламент од кој брутално се исфрлаат пратениците? И дали навистина нема да се вратиме на таква политичка пракса, ако не ја дознаеме целата вистина што навистина се случило на 24 декември во Собранието? Тоа ни треба нам, како граѓани. Ама повеќе им треба ним како политичари, ако сакаат сериозно да ги сфатиме на следните избори.
И затоа ме шокира, на пример, изјавата на пратеничката Ана Павловска Данева, инаку професор по право, која со таква леснотија вика дека ним не им требаат никакви комисии туку им требаат само избори. Со истата леснотија со која истата пратеничка и професор по право изјавуваше дека не го признаваат Законот за лустрација затоа што тие не гласале за него.
Ако ова е сфаќањето за парламентарна демократија, тогаш ќе завршиме во племенски борби. Е дури тогаш враќање нема.
4 Еве, да речеме дека СДСМ ќе издејствува предвремени избори. Со што ќе одат на нив? Која им е програмата? 24 декември? Па 24 декември помина. Сите го осудивме, го осудија и странците, сигурно нема да го заборавиме… Ама, може ли само 24 декември да биде изборна програма?
Плус, Бранко во мај го чекаат и партиски избори. И таму ли мисли пак да го гласаат само врз основа на 24 декември? И, слушам, зборуваат дека главната идеја на ова што го прават е оти само Бранко можел да го победи Груевски. Демек да го симне од власт, па после самиот во мај ќе се повлечел како победник. Ај нека си го кажат ова на глас, гледајќи се во огледало. Па да видат дали ќе си поверуваат во тоа што го зборуваат.
5 Парламентот испушти шанса ако сакаше да го смени Уставот или името, тоа да го направи во четвртокот. Тоа немаше никој да го забележи, во сенка на настаните поврзани со анкетата на “Вест” “Која водителка без гаќи да го интервјуира Груевски”. Поминаа два дена откако поради неочекувани надворешни притисоци ја прекинавме анкетата, а за настанот не се произнесоа само уште ОБСЕ, ЕУ и САД со заедничка изјава.
Таква политичка драма, а ни гаќи соблечени немаше.
Насмејте се бе, луѓе… Кое е вашето оправдание да не се смеете?