1. Нема спас за нас. Не знам колку години по ред пишувам за прославите на Нова година што во главниот град на Македонија изгледаат како баханалии во некоја српска паланка. Нема друго чаре, ќе мора да го бараме Туѓман да ни дојде на привремена работа. Кога му завршува мандатот за претседател на Хрватска? Дај нека побрза, да ја фати првата реконструкција на Владата на Георгиевски, да го поставиме за министер за култура да ги укине на неколку години сите дозволи за гостување на српските новокомпонирци. Или, барем нека седне на чело на Советот за радиодифузија и нека ги прочешла каналите на приватните телевизии.
Сепак, оваа Нова година разочарувањето меѓу гордите млади Македонки и Македонци беше предизвикано од фактот што Цеца и Весна Змијанац немаа нови песни, па мораше да се расположуваат со нивните стари хитови и со некои нови ѕвезди на кои мораа да им ги учат текстовите.
2. Премиерот Љубчо Георгивски и неговата сопруга Снежана не смееја новогодишната ноќ да ја поминат дома, во друштво со репортерот на државната телевизија. Поинтересно ќе им беше да се расположат во некое кафуле. За да не ги забележат, ќе се појавеа преправени. Зашто, на Љубчо немаше да му одговара имиџот на култивиран војвода со средена брада и вратоврска, туку на воен командант од типот на Аркан, со голем златен крст под распетланата кошула. Госпоѓата Снежана пак, во никој случај не би поминала кај врсничките ако се појавеше во стилот на Лејди Ди. На една македонска Лејди Ес, за новогодишната ноќ не би ѝ одговарала никаква друга облека освен мини-здолниште со голо меше и со гол грб. Само така, плус со фризура како сите скопски женски, правена како под индиго од еден фризер, Лејди Ес ќе се претвореше во “певаљката” Снеки и ќе можеше да се качи на шанк и озгора да им “меша” на Љубчо и командантите, кои, за среќа, не пукаа со пиштоли, туку фрлаа петарди под тоалетите на придружничките.
Скопската новогодишна забава сепак има едукативен карактер. Една куса прошетка по македонските кафулиња, беше доволна да се види како кај нас се негува српската супкултура. Не да се негува, туку се негува “сос љубов и сос радос”, како што би рекол министерот Кљусев. Или, премиерот, како поет, може во стиховите на хитовите да открие тајни пораки. На пример, има една стара песна, ама сé ми се чини дека пораките ѝ се актуелни. Вели “родиќу ти сина, краља кокаина”. Таа мора да е посветена на некој од МВР. Министерот Трајанов не треба да организира истраги, да проверува кој го имал клучот од магацинот и како исчезнале 22 килограма кокаин. Нека ја приведе пејачката. Нека признае кој е таткото и дали работи за полиција.
3. Генералниот секретар на НАТО Хавиер Солана сакаше да нé посети за Божик. Министерот за одбрана на Франција Ален Ришар ни дојде на гости на 1 јануари. Тие што критикуваат дека со доаѓањето на празник, гостите не нé почитуваат, тоа го прават од чиста злоба. Не е поентата во тоа што гостите од НАТО ни доаѓаат на празник. Туку, спротивно. Кога доаѓа НАТО, за нас е празник.
Изгледа дека, сепак, на Господ не му било сеедно што Солана нé вознемирува на Божик. Можеби затоа и имаше магла на Скопскиот аеродром, па авионот на генералниот секретар не можеше да слета. Така, со маглата Господ си го спаси денот.
За да може Солана, пак, да го пречекаме во празнично руво, препорачливо е да ни дојде за Водици. За да ни покаже колку нé почитува, нема да бараме од него да се фрли во Вардар. Екстрактори на крстот од водата не ни се нужни. Ќе се снајдеме, сами ќе си го фатиме. Ако не дојде до Водици, ќе мора да чека да дојде 8 Март. Затоа што на 2 февруари нема да има кој да го прими. Министерот за надворешни работи Александар Димитров тогаш ќе му прави возвратна посета на Пангалос.
4. Што му требаше на Собранието да го носи законот за амнестија. Ако им беше на пратениците само за да му го расипат празникот на претседателот Глигоров, кој мораше наместо да се разонодува со естрадни ѕвезди, да се занимава со правни експерти, можеа тоа да го направат и на друг начин. Ако, пак, им беше само за да го ослободат Руфи Османи, пак се зезнале. Од кога му викаат: “Аман Руфи, излези!”, а тој не излегува. Можеби е во право човекот. Какво е надвор, поарно му е да си седи в затвор.
Најубаво беше да си останеше по старо. И без закон, криминалците можеа да бидат амнестирани. Како примерот со Аце Циганот, или со оној Хаџиски што си ја прободе девојката. Прво ќе ги осудиш, па ќе ги пуштиш да избегаат во странство. Поедноставно е. Јавноста нема да расправа. Правните експерти нема да се двоумат. А и претседателот Глигоров ќе си останеше без грижа.
5. Најоригинален потег направи скопскиот Комитет за урбанизам кому му текна да ги исклучува семафорите за да види колку возачите ги почитувале правилата на предност во сообраќајот. Најголем успех од оваа образовна мерка е тоа што не се случила ни една сообраќајка.
Сега и контролата на летање размислувала така да ги едуцира пилотите на авионите. Ќе им ги исклучи радарите за наведување и радиоврските и ќе ги пушти пилотите да вртат на небото и да погодуваат каде е пистата.
По истиот урнек и полицијата би можела еден ден да нé казнува. За да им се подигне свеста на возачите, ќе им се рече сами да си се казнуваат. Кој ќе направи прекршок, ќе остави пари според јавно објавениот ценовник. Ако некој е пијан, сам ќе си направи алкотест.
Со овој начин на колективно подигање на свеста, полицијата ќе има повеќе слободно време, што може да го искористи, на пример, за пакување марихуана. Белки после ќе успеат да ја заробат на некој граничен премин.