1. Што му требаше на Метју Нимиц пак да доаѓа во Македонија? Само прави проблеми. Ќе мисли народот дека нешто се случува со грчко-македонските преговори. Ги става во незгодна ситуација нашите политичари. Тие цело време викаат дека нема ништо ново, а тоа специјалниот пратеник на Бил Клинтон се потегнал дури од Америка во Скопје да каже дека е оптимист.
Домаќините толку се трудеа да не му дадат шанса да се сретне со новинарите, што му смислија разговорите со претседателот Глигоров и со министерот Црвенковски да ги води во Охрид. Мислеа дека, кога ќе го види Охридското Езеро, ќе занеми од убавина. За секој случај, ако евентуално не им успее да го остават без збор, ги организираа разговорите во резиденцијалните вили, ем обезбедени со огради, ем оградите далеку од зградите, ем вилите на врв на брдо, ем влезот во подножјето.
Организацијата беше беспрекорна. Сé си беше на своето место. Политичарите на врвот, новинарите во подножјето. И тоа што подалеку од капијата. Контактите меѓу врвот и подножјето беа невозможни. Единствениот контакт кој беше можен со некакво службено лице, беше разговорот со полицаецот на капијата на вилата “Билјана”. Тој многу учтиво и коректно, со целото почитување на новинарската професија, ни се обрати со зборовите: “Моја задача е да ве отстранам од пред вратата!” Нема проблем. Само немој да пукаш! Сепак, похумана задача е некого да отстраниш отколку, не дај боже, да отстрелиш. За среќа, полицаецот пред вилата “Билјана”, за да го заштити Нимиц од новинарите, доби задача само да ги отстрани. Кога униформите зборуваат, новинарите молчат.
2. Наместо од охридската убавина да занеми Метју Нимиц, без збор останаа Глигоров и Црвенковски. Колку и да се трудеа домаќините да не му дозволат на Нимиц да дојде до контакт со новинарите, не им успеа. Го уловија пред да си замине од скопскиот аеродром.
Клучниот дел од неговата изјава: “На американскиот народ му е чест што е пријател со вашиот народ”. Ова – вашиот народ оди без буквата “М”. Случајно да не настане некаква забуна во преговарачкиот процес.
3. Инаку, нашиот народ пред неколку дена го прослави националниот празник, Втори август. Тој ден не се работеше. И тоа беше единствената работа што покажа дека во прашање е голем празник. Се разбира, ако во овој контекст ја апстрахираме лавината од земја и дрва што се струполи врз патот Дебар – Маврови Анови, што исто така беше голема работа што се случи тој историски ден.
Не се сеќавам кога последен пат Илинден бил толку бедно прославен како оваа година. Кај нас повеќе се прославуваат Велигден и Божик, што се празници кои ги прославуваат и во многу други држави низ светот, отколку најмакедонскиот, односно најголемиот празник во државата кој е автентичен и само наш.
Обично, за националните празници во другите држави има и специјална порака на шефот на државата, се прави свечен прием на кој присуствуваат дипломатските претставници, нашите дипломати во странство исто така приредуваат приеми… Странците уште и ни ја признаваат големината на празникот, па сите позначајни шефови на држави испратија честитки до Глигоров. Дипломатските претставници во Скопје останаа зачудени. Си ги темпираа своите годишни одмори така, за на 2 август да бидат во Македонија, а никој никаде не ги покани. Во главниот град на државата заборавија дури и знамињата да ги закачат по уличните бандери. А во рамките на пригодниот празничен протокол забележавме и такви глупости како што беше, на пример, полагањето на цвеќе на легендарниот Мечкин Камен во Крушево од страна на “претставник на Кабинетот на претседателот” и “претставник на Кабинетот на премиерот”. Од кога тоа кабинетите станаа високи државни институции? Настрана што на гробот на Гоце Делчев цвеќе положи – министерот за здравство!
– Ќе видиме како ќе биде на 8 септември. Веројатно тогаш ќе бидат развеани знамињата, сигурно ќе има и прием за странските претставници, ќе се организираат големи народни собири на кои големите политичари ќе кажат и големи зборови за историјата.
Како што ми изгледа, Осми септември ќе го победи Втори август. Каква Крушевска Република, какво заседание на АСНОМ? Историјата почнува од нас!
4. Охриѓани продолжувааат со измислици како пропаднатата туристичка сезона уште повеќе да ја упропастат. Новата иницијатива потекнува од локалното толкување на Законот за туризам. На локалната полиција ѝ беше малку што го окупира Охрид на секој чекор и што ужива да ги казнува туристите за погрешно паркирање, туку сега се појаваува во еден часот по полноќ и ги затвора дискотеките. Кај го има тоа, диско-клубовите да работат по еден часот? Во сите туристички места низ светот, само не во Охрид. Само што Охрид повеќе не е туристичко место.
Прво, некој им измисли загадена вода. Потоа, некому му пречеа столиците пред кафеаните на корзото, па гостите среде лето треба да се потат внатре. Потоа некој излажа дека во Охрид било скапо. Потоа охриѓани вежбаа пишување графити по автомобилите со не-охридска регистрација. Ова со диската е само епизода во серијата “Како да ги натераме гостите да си одат”.
За сé се виновни Турците!