НЕФОРМАЛЕН ПЕТИНГ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:75:"ПандеСтрујаемакедонскиотНиколаТесла

    1. Се помиривме со тоа дека нашата власт не може да предвиди ништо ниту пак да испланира активност барем еден ден однапред. Ама, кој можеше да помисли дека не можеа да предвидат дека 100 годишнината од Илинденското востание се паѓа точно на 2 август 2003 година. Па на три недели пред јубилејот кој го нарекуваат “100 години македонска државност” и претседателот и Владата и Собранието заклучуваат дека нема пари за прославата. Може мислеа дека ќе се случи феномен и 100 годишнината од Илинденското востание ќе падне в година. Каков малер го бива СДСМ што баш оваа година им се падна јубилејот. Што не се падна лани, па Љубчо ќе беше виновен оти троши пари. Зошто ВМРО-ДПМНЕ не си ја прослави 100 годишнината со време, додека беше на власт. И така ги биваше за трошење пари. Ќе крадеа, ама барем прослава ќе имаше. Сосе шапки, попови, огномети и балови.
    Власта е изненадена оти јубилејот годинава нема да не одмине. Бранко би бил најсреќен по 1 август веднаш да дојде 3 август. Ама, Крушевската република траела 10 дена. Затоа, сега власта бара пари од спонзори. Министерот за култура Благоја Стефановски се пофали дека Комерцијална банка веќе префрлила пари и очекува и другите големи фирми да го следат овој светол пример, оти така ветиле. Значи, малку им е што им собираат даноци, што им спонзорираат културни и спортски манифестации, што им ги плаќаат патувањата низ светот, им ги покриваат трошоците за мобилните телефони, им земаат рекет во предизборните кампањи, па сега големите фирми ќе треба да им дадат пари и за “100 години македонска државност”. Силна држава. Зарем сто години државност се слави со спонзори.
    Ако веќе големите фирми ги дадат парите за прославите, тогаш нека не се тепаат Борис, Бранко и Никола да се сликаат на Мечкин камен. Ионака ќе можат да се пофалат само кој колку се изгребал кај директорите.
    А зошто наместо 10 дена Крушевска република, не се организира десетдневна меѓународна донаторска конференција. Зошто да си ги арчиме нашите пари. Нека ни платат странците за достоинствено да си го прославиме јубилејот на државноста. Верувам дека на донаторската конференција за одбележување на Илинденското востание најмногу пари ќе даде Турција.

    2. На Македонија не може ни да и се помогне. И кога сакаат да ни помогнат, ние сме мајстори да ја оплескаме работата. Го видовте циркусот со името и со потпишувањето на билатералниот договор со САД за Меѓународниот кривичен суд.
    Портпаролот на Стејт департменот Ричард Баучер рече дека САД ја признаваат Македонија со формалното име ФИРОМ, а договорот бил потпишан со неформално име. А Бранко вели дека “ако говориме суштински, а не формално, договорот е потпишан со уставното име, а тоа е Македонија”.
    Што сака да каже Бранко кога за нешто што тој мисли дека е формално, Американците тврдат дека е неформално? Тоа отприлика би изгледало вака: “Ние сме милеле дека сме имале секс. Ама тоа не било секс туку петинг. А и петингот не бил вистински, само сме се фаќале преку облека. И врз основа на тоа богато сексуално искуство сме се испофалиле на цел глас дека ќе правиме свадба.
    И Грците се налутија.

    3. Следствено на проамериканската ориентација на Владата, на приемот на американскиот амбасадор Батлер по повод државниот празник на САД се појавија безмалку сите министри, сосе портпароли и шефови на кабинети.
    Еден месец порано, на 2 јуни прием по повод италијанскиот државен празник приреди и италијанскиот амбасадор Џорџо Марини. Таму не се појави ниту еден министер. Италија е претсадавач на ЕУ до крајот на годината. Една недела пред приемот на италијанскиот амбасадор, Берлускони во Рим ги прими и Бранко и Илинка, кои сигурно му кажале дека ние сме ептен евроинтеграциски настроена држава, која многу очекува од италијанското претседателство.
    Да се договориме. Не станува збор за вештачки наметнатата дилема, дали сме за САД или за ЕУ.
    Батлер правеше прием дома, а Марини во Музејот на современа уметност. Нашиве не одат по музеи. Тие одат по куќи.

    4. Прилагодувајќи се на американските воени стандарди, Бучко ќе ги продава “сухоите” и од американската воена помош ќе купува воен транспортер. На АРМ само уште “херкулес” и фали. Четворомоторен транспортен авион од времето на корејската војна ептен ќе ни заврши работа.
    Македонските трупи во Ирак се премалку за да се возат со новиот транспортер, Оние во Авганистан се уште помалку. Ќе мора да му се најде друга намена. Затоа “херкулесот” ќе може да се користи кога пратениците ќе одат на молитвен појадок во Вашингтон. Ионака еден нормален авион не ги собираше.
    Транспортерот може да послужи и за помасовни и поефикасни преселби на Македонци во Нов Зеланд. И конечно, ако загусти, Владата може комплетно да избега, сосе покуќнина.

    5. Директорот на Електростопанство Панде Лазаров на собраниската говорница на неуките пратеници им објасни како во Македонија се прави струја. Во 1998 година, кога во ЕСМ имало најмалку луѓе, се произведувало најмногу струја. Сега, кога има најмногу луѓе, се произведува најмалку струја.
    Панде има нова метода за правење струја. Во Македонија луѓето ја произведуваат. Само тој не сака да ја открие тајната – како. Дали луѓето во ЕСМ вртат педали, дуваат во ветерници, или мочаат во вештачките езера. Оние до 1998 година побрзо ги вртеле педалите. Ама откако дојдоа ВМРО-вците и педалите ги украдоа.
    Струја е Панде. Тој е македонскиот Никола Тесла.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира