НЕМОРАЛНИ КАЛУЃЕРКИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:88:"Можелидапостоитрагедијаштозавршувасреќно?

    1. Претставата се вика “Мировна конференција за бивша Југославија”. Акте­рите се стари и познати во светот, режисерите исто така. Дури и сценографијата е горе-долу непроменета, се менува само местото на одржување на спектаклот. Париз одамна не памети таков спектакл, каков што беше завчерашната цере­монија на потпишување на дејтонските документи за мир во Босна и Херцеговина од страна на Милошевиќ, Туѓман и Изетбеговиќ. Во Елисејската палата сé беше токму како во театарска претстава. Убаво наредена сцена, во неа актерите осветлени од рефлектори, публика одделена на партер лево – партер десно, аплауз. Сите беа толку занесени во глумата што мислеа дека го играат последниот чин на некоја трагедија, која спротивно на драматуршките правила завршува среќно. Американскиот претседател Бил Клинтон за малку ќе се расплачеше од трогнатост. Му се причини дека и ова е сапунска опера од типот на “Далас” и “Династија”. Домаќинот, францускиот претседател Жак Ширак за малку ќе им поделеше цвеќе на актерите, како што е редот по секоја добро одиграна претстава. За да нема турканици зад сцената, кога ќе се спушти завесата, познатите ѕвезди ги ставија своите автограми уште за време на претставата.
    Не сакам многу да раскажувам, ама најмногу ми се допадна оној момент кога “чичковците” ги натераа “палавите деца” да седнат на иста маса и да си направат “смир – смир”. Децата добро одиграа. Милошевиќ изгледаше надмено и некако отсутно, во смисла “не ме бива мене за вакви улоги”. Туѓман имаше малку трема и беше нервозен. Изетбеговиќ ја изигра улогата со срце. Се гледаше дека не му е по ќеиф, ама професионализам си е професионализам – мора да се игра онака како што замислил режисерот. Мора да се признае, не им беше лесно. Сите рефлектори свртени кон нив, во публиката угледни гости, а над глава им стојат шестмина чичковци (Клинтон, Ширак, Кол, Черномирдин, Мејџор и Гонзалес), небаре ќе ги оценуваат по краснопис. Замислете уште некому да му откажеше пенкалото.
    Ако се сеќавате и почетокот беше забавен. Тогаш претставите ги викавме “Летачки циркус”. Претседателите на тогашните ЈУ-републики летаа од една република до друга и секоја недела си правеа – ЈУ-самити. Потоа циркусот се пресели по европските метрополи. Во меѓувреме стана толку познат што бараа негово гостување во Америка. Некои актери отпаднаа од програмата. Останаа само највештите акробати.
    Има само две нелогичности во оваа приказна. Како можеше циркуска прет­става да стане трагедија? И дали може да постои трагедија со среќен крај?

    2. Добро е што на претставата во Париз не отпатува премиерот Бранко Црвенковски. Ако се појавеше во Елисејската палата, постоеше можност и него да го наместат на сцената и да му доделат улога како “бивш-ЈУ”. Вака Македонија изле­зе најквалификувано присутна. Во Париз испративме режисер. Од вториот ред, партер – десно. Стево Црвенковски имаше добра прегледност што се случува на сцената. Кога ќе се врати дома, овој пат не мора да дава изјава. Може да напи­ше рецензија.

    3. Ден пред потпишувањето на договорот на Французите им текна да соберат повеќе од 40 шефови на дипломатии во еден манастир на 70 километри од Париз. Министрите отседоа во манастирот Руомонт цел ден, се дружеа меѓу себе, усвојуваа некакви документи… Ги имаше и од важните и од помалку важните држави. Сите беа загрижени за Босна. Расправаа за мртвите, ранетите, раселените лица, уништените градови и села… потоа вечераа.
    И досега министрите се среќавале и расправале на иста тема. Одеа по кон­гресни сали, по атрактивни летувалишта, по осамени замоци, ама во Франција за првпат се сретнаа во манастир. Веројатно затоа што домаќинот смета дека ова е нивна последна средба на која ќе расправаат за мирот во Босна. Има некаква симболика. Можеби требаше министрите да почувствуваат како се ослободуваат од гревовите за сé што досега не сторија. Отидоа во манастир да се “прочистат”.
    Американците се практични, а Французите романтични. Едните ги затвораат господарите на војната таму каде што според логиката на нештата и најдобро се чувствуваат – во воена база и по три недели решаваат дека преговарачите решиле да потпишат договор. Другите го организираат тоа потпишување во гламурозниот амбиент на Елисејската палата.
    Немаше смисла и потписниците да ги затворат во манастир. Прво, поради Алија Изетбеговиќ. Не оди да зборуваш за национална и верска толеранција, а во исто време да носиш муслимани во манастир. Истото важи и за Милошевиќ и Туѓман, доколку домаќините решеа да ги затворат во џамија. Настрана што во бли­зи­на­та на Париз сигурно не може да се најде некоја романтична џамија, како што е манастирот Руомонт.
    Не сум сигурен кој од нив има најголема потреба да се исчисти од гревовите. Без разлика, некако ниту Милошевиќ, ниту Туѓман, ниту Изетбеговиќ не ми личат на калуѓерки. Во манастир не би се чувствувале пријатно. Настрана што можеби таму и не би ги примиле. Кој сака низ манастирските одаи да му шетаат неморални калуѓерки?

    4. Во Париз се одржува мировна конференција. Во Париз штрајкуваат јавните служби. Како најдобро може да се опише тој хаос? Помножете го бројот на жители на Македонија со 6. Замислете ја Македонија побогата, со многу повеќе приватни автомобили на улиците. Сето тоа ставете го во реални рамки, такви какви што сме, со редовен хаос во колективниот јавен превоз. И замислете да ни дојдат на гости десетина претседатели на држави и премиери, плус 40-тина министри, а ние сме познати по обезбедувањето.
    Интересно е како парижани без покажување на голема нервоза стојат блоки­рани во своите возила во километарски редици со часови. Нема нервозно трубење со сирените, нема излегување од кола и фаќање за гуша, нема големи сообра­ќајки… Сите пешачат. Со километри и со часови. Дури и тоа е тешко затоа што по тротоарите се движат велосипедисти и мотористи, за кои на улиците едно­ставно нема место.
    Нам ни се случи по церемонијата на потпишувањето да пешачиме три часа до хотелот, откако претходно сфатиме дека нема логика да земеш такси. Пешки барем се движиш кон целта. Во меѓувреме почна да врне снег и сакавме некаде да се скриеме, додека да се расчисти метежот. Пак влеговме во такси. Возачот зачудено нé погледна зашто беше очигледно дека е блокиран без надеж скоро да мрдне од место. Почна да нé убедува дека одвај се движи. “Ако, ние ќе поседиме малку, па ќе излеземе да продолжиме… Ќе си платиме… Колку треба”.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира