1 Ден на дрвото. Што акција беше тоа? На оние дрвјата карши Бристол, завчерашната ноќ не им било ден. Во координирана акција на дрвосечачи и полицајци дрвјата беа исечени во три по полноќ. Оти преку ден граѓаните што живеат во околните згради беа будни. И не дозволуваа сечење на дрвата. Ама навечер склопиле око. Не може сите да работат 24/7. Некој мора и да одмора.
Дрвата се исечени за изградба на деловна зграда среде зеленило. Планот баш среде зеле-нилото да се гради зграда, го донесоа советниците на општина Центар, по една маратонска седница која заврши во пет наутро. Најмногу се остварува додека непријателот спие.
Само ме чуди како завчера не им текнаа и други методи за спречување на граѓаните. Што ако некој во три часот наутро од прозорец видел дека ги сечат дрвјата? Пак ли им ги расипаа лифтовите? Или уште посигурно било да им ги пломбираат влезните врати на влезовите однадвор.
Во оваа приказна сите се фативме за дрвата. Ама дрвата не се вистинскиот проблем. Може се стари, може треба да се исечат. Во крајна линија, ако толку им пречи комунистичката фасада на Градскиот ѕид, можеа да насадат нови и поголеми дрвја. Како што ВМРО се пофали дека саделе многу повеќе од СДСМ. И така е.
Ама она што боли многу повеќе од исечените дрва е пораката – ќе биде по мое затоа што сум на власт, или нема да го биде. Не е до дрвата. До силувањето е.
2 Од 1991 година досега немам пропуштено гласање. Имало и драматични избори, имало и драматични пресврти, се менувала и власта, имало и пукотници и загинати луѓе. Ама никогаш не сум се чувствувал бедно како што се чувствував минатата недела, на третото прегласување за градоначалник на Центар.
Место да се гордееш што исполнуваш граѓанска обврска, тебе треба да ти е непријатно. Затоа што додека одиш кон гласачкото место, по оградите висат некакви типови во тренерки што те загледуваат и шепотат на мобилен. На спортски типови не ми личеа. Во школскиот двор едно чудо униформирани полицајци и уште толку неуниформирани, ама со флуоресцентни обележја. Внатре во училиштето по ходниците кој од кој високопрофилни политичари. Министри, пратеници од власта и од опозицијата. Плус и познати директори на јавни установи. Дури тројца од американската амбасада, холандската амбасадорка, плус набљудувачи, те Мост, те Цивил… Повеќе чувари од гласачи.
Па добро, луѓе, што направивме ние толку лошо што нe измалтретиравте за обични комунал-ни избори, и тоа во центарот на главниот град на државата? Избиравме некој што треба да ни го собере ѓубрето, да ни смени светилки, да ги крпи дупките и да ни го одржува зеленилото. Што згрешивме, па толку чувари ни испративте за пак да не ја повториме грешката? Не паркирам во тревници, не фрлам ѓубре од тераса, не носам оружје… Дури ни лифт немам за расипување.
3 Ми се смачи да пишувам за “Скопје 2014”. Претпоставувам дека и вам ви е здодевно да читате. Оти веќе не се ни важни сите тие двесте и кусур милиони евра досега потрошени. Само, кога го гледав отчетот на министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, на досегашниот градоначалник на Центар Владимир Тодоровиќ и на директорот на владината Служба за општи и заеднички работи Васе Доневски, си се прашав: Дали со донации од граѓаните веќе се собраа оние 55.000 евра за Детски ургентен центар?
4 Кога сме веќе кај приказните за децата и за многудетното семејство, ја поздравувам и вртелешката од 160.000 евра на плоштадот Македонија. Кога ја поставија, ми стана јасно зошто пратениците гласале за закон со кој жените со ризична бременост земаат само 70 отсто од надоместот за породилно отсуство. Пратениците сакале да и` заштедат пари на Владата за да ги плаќа и песните за многудетно семејство. Знаев дека има некој план. Кој инаку би ги казнувал родилките неплански? И вртелешката на Плоштад е дел од тој план.
5 Додека се исчудуваме на милионите кои одамна се потрошени, не ни забележавме дека зградата на Владата се огради за да стане барокна. Покажавме дека само парите ни се важни. А никој не се потресе што при жив автор, ќе изгубиме едно од малкуте архитектонски значајни згради, наградувана и призната во светски контекст. Владата во некој отчет ќе каже колку ќе биде конечната цена на реновирањето. Ама бришењето на колективната меморија нема цена.
Факт е дека Владата транспарентно нe извести дека “самата изградба ќе обезбеди повеќек-ратен бенефит, вклучувајќи го и естетскиот момент…”. Со соопштение Владата потсети дека “беше оставена можност за идејното решение на самата фасада да одлучуваат граѓаните на Република Македонија, така што постојното решение е израз на нивната волја и желба”.
Волјата и желбата на граѓаните Владата ја измери со гласање на Интернет. Тоа е истата Влада што не е кадарна ни попис да спроведе, а ни продава онлајн анкета како валиден израз на волјата на граѓаните.
6 Они се пресоблекуваат во барок и сечат дрвја, а не ја гледаат од карши онаа недоурна-та зграда на Старата железничка станица. Педесет години ни саатот не и` работи.
Да се надеваме дека ќе смислат нешто соодветно на избраниот стил. Кога на Владата здра-ва – права можеа фасада да и` менуваат, на Железничката можеа барем саатот да и` го сменат.