Непристоен предлог

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:76:"ДемиМурнезаслужувадабидечленнаСДСМ

    1. Премиерот Љубчо Георгиевски на СДСМ му даде непристоен предлог. Слично како во истоимениот филм, кога Роберт Редфорд му понуди на Вуди Харелсон еден милион долари за да спие со Деми Мур. Од една страна Деми, чесна жена, верна сопруга, од друга, пак, еден милион долари за едно легнување.
    Исто е и со нашиот Нано Ружин. Од една страна тој си е верен на СДСМ, а од друга страна Љубчо му нуди да стане амбасадор во НАТО. И Нано е во тешка дилема. Да оди во Брисел, или да му остане верен на Бранко. Како Деми Мур што се двоумеше меѓу доларите и верноста.
    Деми ги одбра доларите. Нано го прифати непристојниот предлог на Љубчо.
    Деми остана длабоко вљубена во мажот. Нано во душата останува социјалдемократ.
    Деми легна со Роберт Редфорд. Нано летна за Брисел.

    2. Исто како што Нано Ружин во душата останува социјалдемократ, и неговата партија покажува дека воопшто не се променила. Веднаш се собра Политбирото да расправа за морално-политичката подобност на Деми Мур. Како на времето кога ги исклучувале од партијата Ѓилас и Хебранг. Нано – дисидент.
    Членовите на Политбирото се почувствувале изневерени. И по кратка постапка, судот на партијата на неверниот Нано му пресуди исклучување. Кога го исклучувале Ѓилас, барем се воделе дебати. А за сиромашкиот Нано, дури ни Бранко Црвенковски збор не рекол. Сè се завршило кусо и културно.
    Во соопштението од Политбирото стои дека тие се гордееле што имале толку добар кадар како Нано. Затоа и го бркаат од партијата. На СДСМ не ѝ требаат добри кадри. На партијата и требаат другарки и другари.
    Деми Мур не заслужува да биде член на СДСМ.

    3. Бучковски сега најавува нова пролетна офанзива на СДСМ. Нешто слично на ланската. Нешто не ми остана во сеќавање, ама – нека им биде. Белки сега се поподготвени. Оти, додека власта за Нова година шеташе по Рим, Париз, Берлин и организираше балови, опозицијата беше на Копаоник и во Маврово. На планина. Вежбале партизани.
    Туку, партизаните имале дури седум офанзиви. Да не мисли Бранко дека ќе помине само со две.

    4. Баш му е гајле на Љубчо за офанзивите на Бранко. Тој си танцува. Во организација на сопругата.
    Колкав напредок имаме во државата, се гледа по нив. До вчера ни на  игранки по селските кооперации не ги примаа, а сега стасаа до балската сала во “Александар палас”.
    Балот беше хуманитарен. Најдарежливо и најуметнички настроено ни е здравството. Затоа “Зегин” и директорката на “Градски аптеки” што личи на Памела Андерсон се испотепале да купат што поскапи слики. Можете да замислите како се купуваат слики на метар и статуети на кило. И колку се возбудил господинот Механџиски кога Памела дала 14.500 марки за слика, а тој само 7.500. Како може некој да покаже поголема хуманост од него. Па затоа, налутен, купувал сè што ќе се дадело на аукција. Толку бил вознемирен што луѓето се исплашиле да не почне да ги купува и лустерите што висат од таваните или, пак, да не ги бендиса хотелските завеси, за да си ги стави во канцеларија.
    Овој народ е збеснат кога се жали дека здравството ни било за никаде. Зар ова не е најдобар доказ колку здравството ни е богато. Затоа, следниот пат кога ве боли глава, со задоволство испијте си го своето апче. Знајте дека еден дел од парите што сте ги дале за тоа апче оди за “Благовестие”, за уметничките слики на новите уметнички души, а што ќе остане – и за рампите за инвалидите. Со чиста совест и без страв одете и примете пеницилин. И да ви се случи шок, барем знаете дека сте направиле добро дело. Ако “Градски аптеки” го сакаат Љубчо, помогнете им таа љубов и материјално да ја покажат.
    Бидете хумани! Пијте апчиња и примајте инјекции.
    Колку понездрави луѓе толку повеќе балови.

    5. И во кафулето во кое често излегувам наскоро ќе се организира бал, по урнекот на оној на Снешка. Ќе има и аукција. Ќе си ги продаваме гаќите. Почетна цена – три рала, за сто.

    6. Внимавајте следниот пат кога ќе го отворите фрижидерот. Постои опасност од него да излезе Трифун Костовски и да ви запее песна.
    Која телевизија да гледаш, Костовски е на неа. Што весник да читаш, ете го пак Костовски. Господинот, едноставно, го има насекаде. Дава пари, пее, собира крстови, кумува, се вози со пајтони…
    Готов е за претседател.

    7. Европа се вознемири поради балканскиот синдром. Загрижени се од последиците на осиромашениот ураниум.
    Ех, што ти е Балкан. Сè е сиромашно, па дури и ураниумот.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира