1 Генијалната идеја на Стојан Андов, синтетизирана во обичната реченица: “Ајде сега службите нека направат промаја!”, ја спаси Македонија од страшната уставна криза, а наедно ни овозможи на сите да ни јакне чувството на непоколебливост, особено во ситуација кога ќе те остават отворен и незаштитен од разно-разни ветришта. Не сметајќи го лошото расположение на стручните собраниски служби, кои по наредба на шефот мораа да пуштат ветер, атмосферата во Собранието беше лежерна и пријатна. Пратениците главно убаво се забавуваа, подготвувајќи се за што поефектен естраден настап пред ТВ камерите, а одвреме навреме, тајно, под клупите, внимавајќи да не ги види Ханџиски, ги учеа стиховите на македонските патриотски песни, од Илинденското востание до денес.
Сепак, победник на “Гоце фест” како што се очекуваше стана Ханџиски. Добро упатените тврдат дека за тоа многу поголема заслуга од неговото револуционерно минато има бугарското кашкавалче во една рака и вискито на Фаик Абди во другата, што како комбинација, во овој светол момент на македонската историја, а особено како израз на конструктивната, умерената и кон сите отворена политика на македонската дипломатија, дојде како дадена од господ.
Клучниот момент, кој според своето значење ја надмина и легендарната идеја на Стојан Андов и европската комбинација на Ханџиски, беше настапот на госпоѓата Димитрова како ороводец и нејзината трансформација од прва виолина на Парламентот во прва играорка на самостојна Македонија. Нејзиното конкретизирање на претходниот настап на говорницата, кога зборуваше дека не треба да се срамиме од гунчињата и опинците, наиде на општо одобрување на народните маси, па како госпоѓата Ратка на прославата не се појави како што се очекуваше во народна носија, тоа не беше пречка една друга патриотски настроена граѓанка, на оригиналното прашање на новинарот: “Како се чувствувате?”, на ТВ екраните да одговори: “Да живее Македонија на чело со Киро Глигоров и партијата!”.
На оваа трогателна сцена, кога постоеше опасност возбудената граѓанка во националниот занес да си го земе дома микрофонот, заедно со колегата Зоран Трајчевски, кој со натчовечки напори ѝ го тргна од рацете, не остана рамнодушна дури ни Доста Димовска. Таа, обично ладна и смирена, цврсто реши да не го почитува партискиот став и непоколебливо се фати на оро. Тоа ѝ дојде како некој вид покајание што не гласаше за Уставот, па во договор со Стоиле Стојков, кој убедуваше дека гласал, ама скришно, како комунистите, со здружени сили го оставија на цедило Драги Арсов. Тој и покрај сé остана доследен на своето сфаќање на партиската дисциплина. Многу добро знае што значи тоа – “демократски централизам”. Уште од младите комунистички денови. Штета што не дојде на прославата. Немаше кој да пее.
2 Гледајќи ги главните јунаци на најомилената ТВ серија, граѓанките и граѓаните на Македонија не можеа да не ја споделат радоста што последната епизода заврши во стилот на американските лимунади – со лапачка, пијачка и бакнувања кој со кого ќе стигне. Уверени дека со Уставот ќе ни биде секој ден оро и песна, задоволните избирачи излегоа на улиците и плоштадите. Сега никој не може да ги врати дома. А камоли на работа.
Следејќи ја теоријата: Кој видел добро, тешко му е да се врати на полошо, во пракса проверена лично од премиерот Кљусев кога се заборави во Австралија, на народот му се заарни, па си го прославува Уставот секоја вечер. Мамурлакот што ги мачи секое утро, кога ќе се појават на работа, на факултет или во училиште, граѓаните стоички го поднесуваат како нивни несебичен придонес за стабилноста на самостојна и суверена Македонија.
Лебот и игрите важат за сите подеднакво. Завчера и отворањето на пицеријата на Фуфо, на градскиот плоштад во Скопје, беше проследена со општонародно славје и веселба во чест на Уставот. Сите јадеа и пиеја без пари. Како во комунизам. Пратениците беа сместени во новиот објект. А народот – под панаѓурски шатор.
3 Користејќи го зголемениот патриотски набој на скопјани, зајакнат со по неколку “екстра скопско”, група младинци, веројатно први увидувајќи дека од песна и игра не се живее, го продаваа Уставот на Македонија, рекламирајќи го со извиците: “Имајте ги сите ваши права за само 45 динари!”
Чудно. Два дена пред тоа фирмата “21” го продаваше Уставот за 150 динари. Младинците го распродаваа за 45. Во понеделникот ќе го отпечати “Нова Македонија” и ќе можете да го имате само за 15 динари.
Цената на Уставот незадржливо паѓа. Ќе мора да се изготви нов Устав.
4 Мора во оваа работа да има сплеткано прсти оној авторитетен потпретседател на владата на Србија Будимир Кошутиќ. Изгледа тој отпечатил отповеќе Устави, за да им ја намали цената и да нé натера да пишуваме нов Устав. Во кој ќе наведеме дека Македонија е држава на српскиот народ и на ослободените од него народи. Со што конечно петмилионскиот напатен српски народ на овие простори ќе успее да го преправи фалсификуваниот попис според кој тука живееле само три милиони Срби.
Ако ова не е аларм за нашите власти, тогаш нека се замислат над одговорот што генералот Стеван Мирковиќ им го испратил на раководителите на Социјалдемократскиот сојуз. Им рекол: “Ние ќе се вратиме!”
Ако нивното враќање биде така триумфално како што беше ослободувањето на урнатините на Вуковар, подобро ич нека не доаѓаат. Доволно ни е што секој ден “Слободанка експрес” има македонско катче во кое го освестува македонскиот народ дека не му чини раководството.
5 Во духот на изменетата програма за идејно-политичкото образование во единиците на некогашната ЈНА, во весникот “Народна армија” се јавува реклама со купон за порачка на комплет од четири книги под наслов: “Големите српски војводи”.
Кога ќе спласне интересирањето за нив, доаѓа на ред порачката од Одбраните дела на Воислав Шешељ.