1. Што ксмет ќе имаше претседателот Трајковски? Сега ли му текна на оној Холмс од Америка да доаѓа? Сега ли му текна лидерски самит во Скопје да организира? Кој ли го зафркна, сиромашкиот наш Боре, па го натера во Њујорк да отпатува? Тој за правата на децата се бори, а ваму решиле самит да прават без него. Агендата му ја земаат.
Затоа Борис го фати првиот авион од Њујорк. Ги остави и децата во Обединетите нации, ја скокна и Љубљана… Кој да мисли на деца кога државата е во прашање? Рамковниот договор е во опасност, а тој како држач на рамката не е во земјата. Се исплаши Борис дека без него сакаат и состојбата во државата да ја решат. Малку му беше на Холмс што партиските лидери ги собра на вечера во резиденцијата на американскиот амбасадор. Да не се вратеше Борис на време да го спасува рамковниот договор, Холмс и ручек во претседателскиот кабинет ќе организираше.
Нема смисла што му прават на претседателот. Тој во Кина на кинескиот ѕид се качи прв, за да докаже дека бил лидер, а на сопствениот самит во Скопје стигнува последен. Еден план во животот имаше и сега и него сакаат да му го земат. Е па не може така. Не го даваме планот на претседателот.
Среќа што Борис е добра душа. Не се лути. Тој знае да пее. А кој пее, зло не мисли. Кој многу пее, ич не мисли.
2. На вечерата во резиденцијата на американскиот амбасадор, премиерот Љубчо Георгиевски сакал да си седне до Арбен Џафери. До него се чувствува најсигурно.
Премиерот повторно се жалеше на медиумите. Љубчо нема проблеми со Џафери што му зеде третина држава. Тој му е пријател. На премиерот непријатели му биле медиумите и некои институции. Затоа што тие не известуваат само за сечења на ленти и ставање камен-темелници, туку откриваат и некакви мистериозни вили, па и прошетки по куси гаќи и сандалчиња низ Дубаи.
И нормално, Љубчо мора да се бори против непријателите. Кога тој ќе ги нападне медиумите, тоа е сигнал за неговите партиски војници да почнат да се закануваат дека ќе ги дигнат новинарите на клоци. Добро е што министерот Љубе Бошковски подели едно чудо пиштоли на пријателите на Љубчо. Оти, како што наближуваат изборите, ќе расте и непријателската активност на новинарите. До сега се закануваа дека ќе не тепаат. Сега може и да припукаат.
3. И заменикот министер за внатрешни работи Рефет Елмази не му е непријател на Љубчо. И тој заслужи оружје за денот на полицијата. Сигурно до сега немал.
Бидејќи Елмази е еден проверен пријател, кој особено се докажа за време на минатогодишната војна, Љубе Бошковски му подари револвер. На тој начин Љубе му се заблагодарува и на Мендух Тачи за тоа што единствено тој не го заборави. Со револверот на Елмази, Бошковски ја зајакнува одбраната на “Дора”.
Министерот за внатрешни работи подари пиштоли и на некои претседатели на судови. Веројатно со нив тие ќе ја бранат независноста на судството од власта. Ако тоа не им успее, пиштолите ќе ги употребат за поефикасно судење. Судиите со нив ќе пресудуваат по куса постапка.
4. Откако го осигура неформалното седиште на ДПА во Тетово, Бошковски сега има сериозен проблем како да ги растера чавките што напаѓаат луѓе над Скопје. “Лавовите” се на готовс, подготвени за борба со чавките. Замислете од пред универзитетскиот кампус, лудите чавки да се преселат кон зградата на Владата. Не дај боже, ќе им ги испијат мозоците. Ќе останат без ум.
Ако чавките почнат да летаат на релација: Универзитет – Влада, во најголема опасност ќе биде пратеникот Саво Климовски. Тој е постојано во движење од Кабинетот на Правниот факултет до Кабинетот на Љубчо. Нему чавките нема да му го испијат умот. Само ќе му ја расипат фризурата.
5. Државниот обвинител Ставре Џиков не доби пиштол. Тоа треба да го загрижи. Плус, за Карла дел Понте рече дека му била уважена колешка и бил многу среќен и задоволен што го посетила.
Не верувам дека Љубе Бошковски бил среќен по оваа изјава на обвинителот. Сигурно Џиков на Карла и се жалел: “Сестро, многу ми е страв”. Тоа не е ништо ново. Нему му е страв во принцип. Особено од Љубе, ако не ја заврши работата како што треба. А знаејќи го Џиков, тој сигурно нема да ја заврши.
6. Речиси цела недела во Љубљана се одржува некаков семинар за помирување меѓу медиумите на македонски и медиумите на албански јазик од Македонија. Над триесет главни уредници на новински куќи од Македонија, се спотеравме дури до Словенија за да се помируваме.
Приказната е едноставна. Парите за семинарот, во рамките на Пактот за стабилност ги обезбедува Австрија. Им ги дава на Словенците, а тие во наше име и божем за наше добро, си ги задржуваат дома. Кога сакаат да глумат фактор на стабилност во Југоисточна Европа, Словенците се во Југоисточна Европа. Кога не им даваат пари за тоа, тие се Средна Европа.
А ние сме глупави. Се возиме со словенечка авиокомпанија, спиеме во словенечки хотели, трошиме пари во словенечки кафеани…
Има ли разлика во односот меѓу Словенија и Македонија од пред десетина години? Има. За ова што им го плаќаме, сега уште и визи ни бараат.