НИСКОБУЏЕТНИ ВОНЗЕМЈАНИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:179:"СДСМводеведесеттитегираспродадефабрикитезаџабе.Аовиегораспродадоанародотзаминималец

    1. Што јавија на телевизија? Дека ќе ги казнуваат родителите со по 1.000 до 2.000 евра ако не ги пуштат децата во школо во понеделник, кога СОНК го закажа штрајкот на наставниците? Па и треба да не казнуваат. Децата не се криви. Родителите се криви. Родителите гласаат.

    2. Башка, кому му е гајле за некаков штрајк во образованието, кој дури ни пожарникарите не го поддржуваат, во време кога Македонија бележи уште еден интерпланетарен успех. Телевизија Сител која, по обичај, прва ги дознава сите замисливи и незамисливи успеси, во ударните вести емитуваше прилог со кој нè извести дека вонземјаните почнале да ја посетуваат и Македонија. Не кажаа дали е тоа благодарение на мерките на Владата на Република Македонија, ама сигурен сум дека е така. Во отворениот линк на линија студио – Кичево со внимание го изгледав разговорот на водителката со познат уфолог од Кичево, кој тврдеше оти “има премногу факти и премногу докази” дека вонземјаните најчесто го посетуваат Охрид. Токму така. Не многу туку премногу, затоа што ние со многу убавина веќе не сме задоволни. Сè мора да биде премногу.
    Нејсе. Познатиот уфолог од Кичево смета дека вонземјаните го посетуваат Охрид затоа што тие, во принцип, одат на места кои се богати со духовно наследство. Не сум стручњак и не можам да спорам со фактите и доказите, особено кога се премногу, ама од моето богато животно искуство со охриѓани мислам дека вонземјаните одат во Охрид оти нашле сродни души со мештаните. Или, што е уште поверојатно, виделе дека ние тука им плаќаме на сите што доаѓаат да нè посетат, па решиле и тие да се офајдат од македонскиот буџет. Кога веќе му плаќаме на Унгарец што е газда на авиокомпанија да си ги полни авионите до Скопје, и кога веќе им даваме субвенции на Холанѓаните за поевтино да си го поминат одморот, зошто да не им плаќаме и на вонземјаните да доаѓаат кај нас и инетрпланетарно да ја шират приказната за античката и библиската убавина. По овој премногу издржан и со премногу факти поткрепен прилог на вестите на телевизијата што Владата најмногу ја почитува, редно е министерот за финансии Зоран Ставрески во најразвојниот буџет за 2015 година да предвиди и субвенции за нискобуџетни летечки чинии кои ќе ја поврзат Македонија со Универзумот. Да го поттикнеме доаѓањето на нискобуџетни вонземјани.
    Порано кога ќе видев вакви прилози на вести, си се прашував на која планета живеат? Ама сега, кога вонземјаните веќе докажано пристигнаа, си викам, на што ли се навлечени луѓево? Мора да е нешто премногу јако.

    3. Истата вечер на телевизија Алсат гостуваше лидерот на СДСМ Зоран Заев. Знаете ли колку е фрустрирачко кога лидер на опозиција има интервју, а ти не можеш ни една вест да извлечеш? Се чудам како можеше да зборува цел саат, а ништо да не каже. Дури ни провладините медиуми и радикално екстремните портали – дежурни критичари на опозицијата што не остават ништо на случајот, немаа провокација да му најдат барем една забелешка.
    “Ќе има бурна есен, ќе правам ова, ќе правам она…” Како бе, Заев? Прави што сакаш, ама кажи како? Жално е на самото интервју да се жалиш дека немаш пристап до медиуми, а кога ќе добиеш цел саат да немаш да исфрлиш две-три бомби што ќе се раскажуваат цела недела. Плус, и на телевизија на која можеше да им се обрати и на Албанците, оти СДСМ нема албански партнер. Па минатата недела Љубе Бошкоски испрати посилни политички пораки од судница отколку лидерот на опозицијата на телевизија. И на крај, кога Заев го прашаа кога очекува нови избори, а тој предвиде дека тоа ќе биде во 2015 година, рече дека “и да не победиме, јас ќе останам да работам за Македонија”.
    Со ваков победнички дух, ич не му треба да работи.

    4. Промоцијата на најновата германска инвестиција во Велес, на која беше промовирана и сопругата на министерот Веле Самак како една од првите вработени во странската инвестиција што ја донел мажот и, ја актуализираше приказната за тоа како ние двоиме од уста за да им помогнеме на странците да прават што поголем профит и да си го носат дома. Или со бирократски речник кажано, како државата се задолжува на наша сметка, за да им даде “поволности што ова претпријатие немало да ги има во нормални пазарни и бизнис услови”. Како што педантно забележала Комисијата за заштита на конкуренцијата.
    На таа промоција, и директорот на германската компанија беше искрен. Рече дека ќе даваат плати по македонски стандарди. “Не дојдовме тука за да даваме германски плати”. Па нормално дека нема да дава, ако никој не му бара. Напротив. Ние нему му даваме. Кој сака германска плата, нека си оди во Германија. Кој не сака, 8.050 денари му се гарантирани.
    За да им се овозможи “средствата да ги искористи на најисплатлив начин со цел постигнување поголем профит”, странските компании што инвестираат во слободните зони добиваат државна помош. Македонска, не германска. Државата ги ослободува од персоналецот на платите на вработените. Државата им дава градежно земјиште, им прави пристап до објектот, ги приклучува на вода, струја и ги ослободува од давачки кон локалната самоуправа. Ги ослободува од корпоративниот данок на добивка. Им ги покрива трошоците за создавање нови работни места. Дури и обуката на вработените им ја плаќа.
    Ние земаме кредити за да им платиме на странците да им работиме за џабе.

    5. И овој весник во 2003 беше купен од Германци. И тоа беше странска инвестиција. Не дека не си го носеа профитот надвор. За тоа беа дојдени. Ама си купија и печатница. Си донесоа струја, вода, си платија комуналии… И, што е најважно, не им падна на памет да ги спуштат стандардите на работните права кои веќе постоеја. Напротив, ги покачија платите на вработените. Плаќаа придонеси на цела плата. Поставија високи стандарди за почитување на работничките права и обезбедување социјална сигурност. Ги дигнаа стандардите на медиумскиот бизнис. И сите што тогаш отвораа медиуми, се трудеа да ги достигнат тие стандарди. И обуките во странство ни ги плаќаа. Не користеа никаква локална помош, освен нашиот труд и знаење. И ние ќар, и државата ќар. И благодарение на тоа, оваа компанија сега има највисоки стандарди за заштита на работничките права во медиумскиот бизнис, и без германски газди.
    А оваа инвестиција во која се вработила жената на министерот за странски инвестиции го покажа вистинското лице на новите инвестиции. Не треба да им се лутиме на овие инвеститори што ние им плаќаме за да ни ги спуштат стандардите. Не се тие виновни што Владата нè распродава за по осум илјади денари и што плански ни ги урива работничките права. Оти државна политика е станат принципот: “Дојдете, тука имаме евтина работна сила, ќе ви работат за џабе, а ние ќе ви платиме за да се фалиме со вас”.
    СДСМ во деведесеттите ги распродаде фабриките за џабе. А овие го распродадоа народот за минималец.

    6. Прво имавме листерија. После стававме камери за мерење температура да ја фатиме еболата. Па ни се појави жолтица. И сега имаме сида.
    А стршленот за кој постоеше основано сомнение дека е азиски и дека е смртоносен, каде е? Стигнаа резултатите од референтната лабораторија? Штом не е објавено на телевизија значи дека резултатите уште не се за објавување.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари