1. Според соопштенијата што цела недела ни пристигнуваа од Министерството за односи со странство излегува дека министерот Денко Малески го испратиле во Њујорк на бокс-натпревар. И тоа сосе целиот министерски кабинет. Те “се води жестока битка”, те “заврши првата рунда разговори”, те “заврши втората рунда”, те “закажани нови консултации”, те “уште една рунда”.
Човекот се покажа ептен издржлив. По нокдаунот што му го нанесе Јошио Хатано, во втората рунда, Малески успеа да се исправи во рингот пред да му заврши одбројувањето и се избори за продолжување на мечот. Термините на СИ-ЕН-ЕН беа зафатени со директниот пренос од инаугурацијата на претседателот на САД Бил Клинтон, па затоа не можеше да биде емитуван извештајот на Камелија Ќириќ Шојлевска, во кој многу убаво се гледала снимката, кога портпаролот на Министерството Јон Ивановски како секундант го ладел со крпчиња и му ставал маст на аркадите на министерот, додека овој собирал сили да заземе гард за третата рунда.
Сега сите навиваме за Малески, случајно да не добие уште два нокдауна, па да нé исфрлат од Њујорк со технички нокаут. Којзнае, ако успее да ги издржи сите рунди, можеби судиите во Советот за безбедност ќе гласаат тој да биде победник. Ако не, постои голема веројатност Малески да биде нокаутиран отпосле во – Скопје. Тоа што нокаутот ќе му биде зададен надвор од игра не е многу важно. Кај нас и онака е легализирана валкана игра.
Од круговите на делегацијата во Њујорк се дознава дека Малески бил многу депримиран. Како и нема да биде, кога му недостига поддршка. Тој е во Америка, а тренерот му е во Македонија.
2. Во времето додека, следејќи ја битката на Малески, Атина беше целата во паника, а Скопје насекирано, која улица да ја именува со името на данскиот министер Јенсон, нашата држава прослави уште една работна победа, остварена како предизвик кон економската блокада и како манифестација на виталност. Започна изградбата на гасоводот на “Макпетрол”. На свеченото заварување на првата цевка на овој проект на иднината присуствуваа и највисоките државни раководители, црковни големодостојници и стопанственици. За да биде сé во духот на модерното време, според верските обичаи кога се започнува некоја градба, наместо “курбан” во темелите беше закопана повелба, напишана на пергамент.
Кога после стотици и стотици лета нашите потомци ќе вршат археолошки ископувања кај Куманово ќе го пронајдат пергаментот и ќе можат да прочитаат:
“Работите на овој објект отпочнаа да се одвиваат во годината кога претседател на Републиката е Киро Глигоров, претседател на Собранието Стојан Андов, претседател на Владата Бранко Црвенковски,
– кога се проценува дека годишната инфлација ќе биде илјада на сто,
– кога беспрекорната здравствена заштита е на колективен неплатен одмор,
– кога авионите на нашите аеродроми ниту слетуваат ниту полетуваат,
– кога низ маглата блескаат сините шлемови, иако Македонија е цвеќе на мирот, што убаво може да се види од најновата поштенска марка,
– кога бензинот се точи со усул и по мерка на “Макпетрол”, а струјата е толку јака што се распаѓа системот.
Црковниот свечен чин, осветувањето на темелите на објектот, е извршен покрај две шишиња масло “Кристал”, пластично пакување, набавено по цена од 1.800 денари од маалското гранапче, 20 јануари 1993, Караѓина чешма”.
3. По конституирањето на паралелното македонско собрание во Тетово и донесената одлука за формирање на кризен штаб за заштита на македонските национални интереси, треба да се очекува конечно гравот, како македонски национален специјалитет да биде заштитен од такви неодговорни лица како што е претседателот, на Извршниот одбор на тетовското собрание, кој ѝ украл три килограми грав на секретарката, иако не се варел добро. Нејсе, не можејќи да издејствуваат разрешување на човекот што “ги запоставил македонските интереси” (веројатно затоа што соработувал со Албанците – катастрофа!) во легално избраното Собрание во кое албанските одборници се во мнозинство, затоа што, како што наведуваат во барањето за разрешување, “не можеле како одборници од македонските партии да поминат преку фактот дека за претседател имаат човек кој подава рака за три килограми грав, а за поголем износ да не зборуваме”, тие го избрале начинот кој албанските пратеници во Собранието на Републиката неколку пати го практикуваа. Си заминаа од седница.
Кога само ќе ми текне колку бевме лути кога Албанците го бојкотираа Парламентот, во што се малцинство. Што ли ќе сторевме ако им текнеше да формираат свое собрание или, не дај боже, кризен штаб за заштита на албанските национални интереси?