НОРМАЛНА СОСТОЈБА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:80:"Колкупопростселанецтолкупоголемкомпир

    1. Ситуацијата во Македонија е стабилна. Премиерот Бранко Црвенковски продолжува со своите походи кон трафостаниците, така што, барем до изборите, иднината гарантирано ќе ни биде светла. Пратениците имаат мотив повеќе да бегаат од седниците на Собранието – почна Светското првенство во фудбал. Во Гинеколошката клиника во Чаир новороденчињата имаат менингитис. Војвотката од Кент се шокирала од тоа што го видела, ама, сепак, од Македонија си заминала импресионирана. Албанците од Македонија, на чело со нивните партиски лидери, среде Скопје со развеани американски знамиња ја величаат ослободителната армија на Косово. НАТО се подготвува да вежба бомбардирање на територијата на Македонија.
    Накусо – состојбата е нормална.

    2. Не знае човек што е полошо. Од една страна, НАТО ни треба за да нé одбрани од проширување на косовскиот конфликт. Од друга страна, пак, утре-задутре и нам може да ни се случи да нé плашат како Милошевиќ, ако Албанците со американските знамиња побараат федерализација на државата, а власта им се спротивстави.
    Не е јасно дали по истото прашање идентичен поглед имаат премиерот Бранко Црвенковски и потпретседателот на коалиционата Влада Насер Зибери. На митингот во Тирана не учествуваа претставници на власта. А на митингот во Скопје, кој беше организиран од истата организација од Косово, во првите редови беа претставниците на власта. Тие беа дел од учесниците кои повикуваа за оружје, тие не развиорија барем едно македонско знаме, пред нив ѝ се скандираше на ослободителната армија на Косово и се викаше “ОВК сме сите!”
    Премиерот Црвенковски го повикува НАТО на границата кон Косово за да спречи проширување на војната во Македонија. Потпретседателот на Владата, пак, и другите министри од ПДП го викаат НАТО на Косово, за да ѝ помогне на ОВК да си ја оствари целта. А целта на ОВК е обединување на сите Албанци во една држава.
    Значи, ситуацијата, како и да погледнеш, е под владина контрола. Останува уште заедно со спортскиот аеромитинг на Стенковец, да ја проследиме и вежбата на бомбардирање над нашите глави. За секој случај, не ќе е лошо наредните денови да развееме повеќе американски знамиња. Оти, тие пред Милошевиќ ќе ја кинат мачката, за да се исплаши, ама кинејќи ја мачката кај нас, да не ни се случи нам да ни ја скинат главата.

    3. Војвотката од Кент замина од Македонија, шокирана од тоа што го видела во Домот за ментално хендикепирани лица во Демир Капија. За разлика од неа, ние тука не се шокираме од ситуацијата на хендикепираните. Не дај боже во оваа држава некој да се роди со мана или да стане инвалид. Ги нема во јавниот живот затоа што со инвалидска количка не можат да се движат по тротоарите. Тие се зафатени со паркирани возила. А и да се слободни, на ретко која раскрсница има рампи за спуштање од тротоарот. Сте виделе ли, на пример, такви рампи на влезот во некое кино, театар, стоковна куќа, во музеј? Колку семафори во Скопје имаат звучен сигнал за слепите? Само еден. На кој паркинг во градот има резервирани места само за возачи – инвалиди ? Се плаќа ли казна ако некој во градскиот автобус не го отстапи местото резервирано за инвалиди?
    Нејзиното височество морале да ја возат по горештините до Демир Капија за да се шокира. Да останела во Скопје немаше да има можност да види хендикепирани. Не дека ги нема, туку затоа што ги нема по улиците.

    4. Колку за информација на читателите, сé уште не чувствувам последици од објавената потерница од дежурниот полицаец Латас на ТВ Сител. Мене ми пречеше премиерот на мојата држава Македонија да патува со авион со српско знаме и се исплашив што “Ладната валалница” ни ја купува човек од режимот на Милошевиќ, и тоа го напишав. На другарот Павловиќ не му се бендисало тоа што сум го критикувал “неговиот” премиер што се возел во авион со српско знаме и што не ми било ќеф “Ладната валалница” да ја купи потпретседателот на српската влада, па споменуваше некакви шовинисти и ми ја рекламираше колумната сосе фотографија.
    Можеби нарекувањето шовинист заслужува и некоја пријава во суд, ама бидејќи во случајот со Фрчкоски, другарот Павловиќ покажа дека не го признава македонскиот суд, а за среќа, српски судови, уште не се востановени, најдобро да го оставиме да си ја заврши мисијата без компликации. И онака, тој успешно ја пополнува секоја празнина. Во исто време е и јавен обвинител, и адвокат, и судија, и дежурен полицаец, а богами не му е под ниво и да лепи плакати со потерници. Бидејќи сите овие административно-технички работи ги врши со успех, не е лошо југословенската амбасада да го именува за администратор на ова подрачје.
    Ме прави особено среќен тоа што и по ова пишување, другарот Павловиќ ќе се почувствува многу важен и што ќе му го потхранам егзибиционизмот.
    Како проверен антисрпски шовинист, сепак, не се гнасам да цитирам една нивна поговорка. Ќе ја напишам на неговиот јазик, за да ме разбере подобро: “Што простији сељак, то веќи кромпир”.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира