НОВА ГОДИНА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:55:"Зетродлие,магарестокалие?

    1.   Кога Никола Груевски и Зоран Заев, на посебни прес-конференции, пред зори во средата ги даваа еуфоричните изјави дека секој од нив е победник во преговорите од Пржино, ја сфатив мудроста на онаа славна изрека на претседателот Иванов – разумен компромис е разумен компромис. Фино би било на овој начин да се реши и прашањето за името со Грција. Со победници на двете страни. Само што тоа малку потешко ќе оди. Тука Викторија Нуланд се јавувала кај Груевски и кај Заев. А таму нема кој да им се јави на Грците.

    2.  Најинтересен детаљ од оваа преговарачка сага на релација Пржино – Брисел – Вашингтон, со преседнување во Берлин, е тоа дека странците на оние четворица преговарачи им се обраќаат со должно почитување и пристојност. Ги викаат лидери.
    Какви лидери ние сме си изгласале последниве 25 години вистинско чудо е што и Македонија од пристојност ја викаат држава. Стално некој доаѓа за да нè враќа на патот што сами сме си го одбрале. Ама никако да тргнеме по него. Како што сега Викторија Нуланд, која во Скопје побара “добра чиста влада”, па со две-три шлаканици во улога на олеснувач ги релативизираше криминалите на власта во име на демократијата, така 25 години постојано некој ни треба да нè олеснува за да ни ја врати надежта во нашите вечни определби за НАТО и ЕУ. Не можам да се сетам на сите досегашни олеснувачи на табиетот на лидерите и нивните навики за крадење. Од крадење на избори до крадење на државата. Нека ми простат многутемина што ги имам заборавено, ама сега еве од прва рака ми текнува на Роберт Фровик, Лероа, Пердју, Питер Фејт, Леотар, Оли Рен, Крис Хил, Филип Рикер, Лоренс Батлер, Фуере, Филе… Стално некоја Нуланд или некој Хан нè спасува. Нè враќа на патот којшто ние од толкава посветеност постојано го утнуваме.

    3.   За мене најдобро решение е тоа што во Пржино договориле 100 дена пред избори да се избира техничка влада и тоа да биде системско решение. Премиерот на своите тоа им го продава како демократија. А суштината на тоа системско решение покажува дека тие ни сами на себе не си веруваат дека нема да крадат на избори, а камо ли на опозицијата. И дека со изборот на техничка влада ќе се амнестираат за сè што правеле во мандатот додека не им дошле тие 100 дена пред изборите.
    Кога веќе толку не си веруваат ни самите на себеси, зошто тогаш во договорот не уфрлија уште еден амандман. Не само сто дена пред избори, туку цело време да имаме техничка влада. Победникот да става министри, а губитникот заменици. Со врзани потписи. Сетики стално нашите пријатели ќе имаат по некоја Нуланд или некој Хан да пазат и врзаното потпишување да не стане толку посветено, па пак да застраниме од патот. Оти позната е поговорката – Сложни браќа сложно крадат.

    4.   ВМРО-ДПМНЕ со договорот од Пржино навистина извојува голема победа. Бидејќи Владата треба да се расформира до 15 јануари, Груевски на 31 декември пак ќе ни честита Нова година. На секоја телевизија со по стотина репризи до Божик. Ако тој не ја честита толку често новата година, годината нема да ни биде успешна. Како што ни беа успешни последните девет години.

    5.   Којзнае дали паднала команда да се тепа Саше Политико, или ВМРО-вците и нивните стратешки партнери во медиумите сами се инспирирале од еден разговор во креираните, монтираните и лепените материјали, во кој се слуша гласот на премиерот како нарачува шлаканици за градоначалникот на Центар Андреј Жерновски.
    Прво стратешките партнери од медиумите сложно побараа полициска заштита од прашањата на Саше Политико. Откако три-четири пати беше натепан, порачаа дека самиот си го барал ќотекот. А откако и вицепремиерот Пешевски го истепа, и партијата се јави со соопштение да порача дека секој што ќе поставува прашање, ризикува дека ќе го снајде истото што му се случи на Саше Политико.
    Потоа за да го спасат вицепремиерот од бруката, ексклузивно ги добија снимките од безбедносните камери на локалот за да прават реконструкција на настанот и да докажат дека вицепремиерот бил нападнат со прашања и изнервиран. Ќе трошиш пари во нивните локали, а тие ај што те снимаат, туку снимките, несечени, нелепени и немонтирани ќе ги пуштаат по телевизиите на стратешките партнери. Има ли тука некоја државна агенција за заштита на лични податоци? Има ли обвинителство? Кога веќе нема вицепремиер што би дал оставка за ваква бламажа.

    6.   Изгледа дека Груевски уште верува дека снимките се сечени, лепени, монтирани. Штом со себе на преговори го носи Зоран Ставрески. За заедно да се соочат со Заев што им ја пушташе снимката од разговорот во кој министерот за финансии се жалеше дека му иде на премиерот да му го тресне телефонот од глава.
    Не го повикувај шамарот. Шамарот одблиску доаѓа.

    7.   Според договорот, на 20 октомври Министерството за труд и социјала треба да помине кај СДСМ. Таму министер е Диме Спасов. Неодамна сакавме да правиме љубовна приказна за него и жена му со која ќе претставиме како левицата и десницата направиле историско помирување на семејствата, оти жена му била внука на познат комунистички лидер. Министерот во духот на комунистичката цензура се отепа од правење притисоци таа приказна воопшто да не се објавува. Сигурно и комунистичкото наследство, куќата на Водно, одбил да ја прими.
    Така што, СДСМ не требаше толку да инсистира да го добие тоа министерско место. Трудот и социјалата не мораше да се враќаат кај комунистите. Затоа што веќе го имаа. Не бадијала се вика, од каде ти е жената, од таму ти е родата. Или што би рекле паланчани – зет род ли е, магаре стока ли е?

    8.   Претседателот Ѓорѓе Иванов од Водно го поздрави договорот од Пржино. И рече дека сега доаѓа “време на отрезнување и освестување”. Кој треба да се отрезни, а кој треба да се освести не кажа. Ама затоа повика на институционално решавање на проблемите. Па оваа криза не се решаваше во институциите. Се решаваше во домот на еден странски амбасадор во една скопска населба која случајно е соседна на населбата каде што се наоѓа неговиот кабинет и неговата резиденција.
    Како и да е, за во иднина, Иванов порача дека вратата на претседателскиот кабинет останува отворена. Штом е отворена, нека се чува од промаја.

    9.   Додека Заев спиеше во кампот пред Владата, СДСМ-овската елита го озборуваше низ град. Селанчето не било дораснато, не се снаоѓало, странците го гледале како шајшутка…
    А зошто го озборуваат? Зашто им е криво. Зашто не можат да си простат дека и тие имаа шанса да бидат Заев, ама не ја искористија.

    10.   Не знам зошто пред неколку месеци бираа нова комисија за лустрација и Томе Аџиев пак го избираа за претседател, кога процесот на прочистување бил при крај. До завчера пратеникот Илија Димовски викаше дека процесот на лустрацијата треба да се заостри, а од вчера вика дека процесот веќе бил при крај. До завчера Аџиев викаше дека има уште многу луѓе за лустрирање, а од вчера вика дека веќе сите што требало биле лустрирани.
    Рече дека тие што биле до сега лустрирани во наредните 5 години немало да можат да вршат јавна функција. Штета. Славко Јаневски баш ќе беше добро решение за премиер на преодната влада.

    11.   Поранешниот шеф на тајната полиција Зоран Верушевски е осуден на три години затвор за нелегална трговија со оружје. Го задржал службениот пиштол кога заминал во пензија. Колку невратено оружје има во МВР од сите што кога отишле во пензија со потврда си ги задржале пиштолите, ќе треба нови затвори да прават само за полицајците.
    Овие од УЧК не знаеме дали имаат потврди. Ни футроли.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира