1. Македонија е расадник на човекови права. Секоја пролет кај нас никнува по некоја нова категорија човекови права. Во моментов назајгрозени граѓани се луѓето што потпаѓаат под категоријата “криминалец – Албанец”.
Оваа категорија на загрозени граѓани има и меѓународна верификација. Затоа што кога полицијата оди да апси некој криминалец, мора да го извести ОБСЕ. Посматрачите на ОБСЕ одат и ја набљудуваат акцијата на полицијата за да ги заштитат правата на криминалците. Криминалците од албанско етничко потекло, баш затоа што се Албанци и по меѓународна дефиниција загрозен вид, според стандардите на ОБСЕ добиваат легитимитет.
Баш ме интересира дали ОБСЕ кога ги обучуваше полицајците од загрозениот вид ги научи дека треба да си ги напуштат своите колеги Македонци, ако некои црни униформи ги држат во заложништво. Да се случеше обратното, ќе избиеше меѓународен скандал. Солана и Робертсон ќе дотрчаа да ни се заканат дека ќе не казнат. Со право, оти полицијата ги лови криминалците. Телат Џафери од ДУИ вели дека “станува збор за човек од општина која беше зафатена од воената криза и во такви простори однесувањата на луѓето се поинакви”. Значи, понастрана од Арачиново. Тоа е резерват на поинакви луѓе.
Нека оди Бранко нека им каже на раселените Македонци од Арачиново да си се вратат дома.
2. По толку време од поддржување на Рамковниот договор, го молам Бранко да ни каже со прости зборови, на македонски јазик што значи тоа во практиката. Колку што јас ги сфаќам работите, излегува дека според Рамковниот договор Албанците треба да добијат повеќе места во државните институции, а Македонците треба да бидат избркани од работа, оти така вели ММФ. И – толку. Не гледам дека некој од раселените се вратил дома. Како, кога министерот за внатрешни работи ги молеше селаните од Вејце да го пуштат барем како цивил да им помине по патот.
Излегува дека според Рамковниот договор, во коалицијата на Бранко, ДУИ треба цело време да бара, а СДСМ да дава. А да дадеше и Ахмети нешто. За почеток, барем сопствените криминалци.
3. Пред една година Али Ахмети ветуваше дека ќе научи да зборува македонски.
Или е лош ученик, или во меѓувреме сфати дека не му треба.
4. Во славно Танушевци пак нешто се прославуваше и пак се пукаше. МВР соопшти дека меѓу славениците биле забележани и неколкумина во црни униформи. ОБСЕ побрза да демантира. Посматрачите не виделе никакви црни униформи и никој не пукал.
ОБСЕ постојано не догледува. Прво, низ селата пукаа некои свадбари. Свадбари, како свадбари, дотерани во свечена црна униформа. Откако ги направија сите свадби, црните униформи тргнаа на лов. Па, ОБСЕ броеше истрели испукани од ловџии.
И сега во Танушевци можеби имало црни униформи, ама тие не биле терористи. Тие биле оџачари. Сега е сезона на чистење оџаци, па луѓето во црни униформи случајно се нашле во селото кога се прославуваше годишнината од востанието на ОНА. Според дефиницијата на ДУИ за “поинаквите луѓе” од кризните подрачја, изгледа дека и овие се некои “поинакви оџачари”. Тие не ги чистат оџаците со сајла и четка. Тие се оџачари специјалци. Оџаците ги чистат со рафално пукање. Ќе ти го свирнат низ оџак.
Ќе беше поарно нашата полиција кога веќе ги видела да ги уапсеше тие во црните униформи. Па после ОБСЕ нека докажува дека се оџачари.
5. Претседателот Трајковски е во очај. Разочаран е од Батлер. Американскиот амбасадор рече дека најпознат Македонец надвор од Македонија бил макрото Дилевер Бојку. А Борис мислеше дека ако ништо друго, барем кај Американците е популарен. За Леку се интересирала дури и ФБИ. А за Борис никој не се интересира.
Очаен по тешката навреда од Батлер, утеха побара кај директорот на МАТАВ. Претседателот на државата го прими гостинот од Унгарија за да расправаат за импулсите на Телеком. Затоа што импулсите се најбитни за бебедноста на државата и за надворешната политика. Цената на телефоните директно ја загрозува активната улога на претседателот. Буџетот му е намален, а тој секојдневно е на линија со Вашингтон. Ако Унгарецот не му помогне, Борис ќе мора да го бара Буш на “колект кол”. Борис ќе бара, а Буш треба да плати.
6. Завчера беше формиран Национален совет за претприемништво и конкурентност во кој покрај бизнисмени членуваат и министри. Советот бил партнерски однос помеѓу приватниот сектор, граѓанското општество и Владата.
Го видов на телевизија Илија Филиповски. И се чудев, како тој ќе направи тројно партнерство. Илија, приватникот со фабрика за влошки, Илија граѓанинот од општина Центар и Илија од Владата, ем партнери, ем конкуренти.
Никој не објасни во која улога таму се појави Филиповски. Како бизнисмен, или како министер.