1. Македонија не е само библиска земја. Македонија е и мистериозна земја. Се шетаат неидентификувани типови.
Се сеќавате дека пред четири години, кога на Бранко му пукна аферата со октоподот, некој мистериозен министер во тренерки со вреќи ги изнел парите од ТАТ. Бранко уште ги бара тренерките.
Сега и околу Љубчо има мистерии. Меѓународната кризна група вели дека договорот за продажба на ОКТА мора да го склучил или идиот или, корумпиран владин службеник.
Според романот на Артур Кларк, Кјубрик го сними филмот “Одисеја 2001”. Сега, според извештајот на Меѓународната кризна група, во Македонија ќе игра филмот “Одисеја 2002”.
Мистеријата ќе биде разрешена ако се најде кој го потпишал договорот со ОКТА. Ако бараат само корумпиран во Владата, тешко ќе го препознаат. Затоа, нека го бараат идиотот меѓу корумпираните.
2. Се што изминативе години беше објавувано во домашните медиуми, минатава недела се појави во Извештајот на МКГ. Зошто тогаш власта толку се потресе? Од кога е обид за пуч, ако кажеш дека власта краде?
Кога домашните новинари ќе напишеа за корупцијата на власта, премиерот велеше дека тие лажат.
Сега, кога странците го пишуваат истото, тој вели дека тие прават заговор против Македонија.
Тешко на Македонија, кога заговорот против неа е рамен на еден Далаверски. И тешко на државата чиј образ го брани еден Фетаи.
3. Сега и појавата на летачка чинија во Кичевско може да се толкува како кампања против Љубчо. Непријателското дејание ги преминува границите на Македонија, на НАТО, ЕУ, ОБСЕ и сите други. Работата станува сериозна. Не станува збор за белосветски заговор против премиерот. Заговорот добива вселенски димензии.
4. Владејачката партија го вежба народот да го открива заговорот. Дел од вежбата е и повикот за бојкот на А 1 Телевизија.
За антимакедонизмот на оваа телевизија не сведочат само вестите. Тука се и латиноамериканските серии. А богами и белото глувче за кое Ветеринарниот институт, нема дадено мислење дали е од македонска провиниенција.
Бидејќи станува збор за демократска партија, партиските војници на ВМРО-ДПМНЕ нема да одат од куќа в куќа да им проверуваат на гледачите на чиј канал им зрачат телевизорите. Тие нема да ги конфискуваат телевизорите на непослушните гледачи, туку ќе им сугерираат да ги препознаваат антимакедонските елементи на програмата и да не им веруваат на новинарите.
Од вчера и ДПА решила да ја бојкотира А 1 Телевизија. Тоа значи дека сега и Џафери и Тачи застануваат во одбрана на македонштината.
Не знам што му е мерката на Љубчо за македонштина. Тоа што на дело го покажа минатата година заедно со Џафери и Тачи, или нешто уште пострашно?
Ај што на прес конференција повикува на бојкот на медиум, нека повикува. Ама, тоа што закупува огласен простор по весници и телевизии, тоа ти е да пукнеш од смеење.
Како и во секоја нормална слободна земја, ако некој не мисли исто како тебе, а ти си уште и на власт и имаш пари да платиш, ќе си купиш оглас и фино ќе повикаш на линч.
Замислете некој што има пари утре да откупи медиумски простор за да објави оглас: “Љубчо е арамија!” А тој не е.
5. Али Ахмети и веселото друштво немаат проблем со оружјето. Како сите демократи во душа тие знаат да пукаат. Имале проблем само со зборовите.
Ете, на Конвенцијата на ДУИ Гзим Острени, началник на Генералштабот на ОНА, а сега носител на пратеничка листа изјавил: “Во борбите не ми беше тешко бидејќи главниот збор го имаше оружјето. Но и сега не ми е тешко, кога главно оружје се зборовите”.
Од збор на дело.
6. Во Скопје се поставени улични часовници на српскиот прозиводител “Инса” кои се уште не работат. Објаснувањето од Градот е дека чекаат сервисер од Белград, да ги пушти часовниците да го мерат времето.
Што ти е судбина. И по десет години независност, нас уште времето ни зависи од Белград. Ги чекаме Србите да ни кажат колку е саатот.