1. Полицијата ќе ги лови криминалците во Кумановско во повеќе фази. Министерот за внатрешни работи Хари Костов е банкар. Кажано со неговиот речник, тоа значи дека тој Чакала ќе го апси на рати. Хари и како прв полицаец си остана банкар. Не го апси Чакала веднаш, оти ќе му пресметува затезна камата.
Првата фаза беше одбивањето на полицијата да се повлече. Сега сме во втора фаза. Полицијата се повлекува. Третата фаза ќе биде распуштање на полициските пунктови. Четвртата фаза ќе биде бегство на Чакала преку граница. Петтата фаза е заборав.
Се сеќавате на масовната полициска акција во Тетовско кога полицијата ја апсеше бандата на Саит Рушити. До каде е стигната акцијата? До петтата фаза.
2. Портпаролот на Владата Сашо Чолаковски даде дефиниција за АНА. Тоа биле криминалци кои бидејќи фрлаат бомби се терористи, што самото по себе кажува дека се служат со екстремистички методи. Значи тие се криминалци, терористи, екстремисти. Исти, исти… Не се ОНА. Тие се АНА.
Или, како што би рекол неговиот шеф Бранко Црвенковски – нулта толеранција. Максимум заебанција.
3. Според рамковниот договор државата треба да вработи 500 Албанци во државните служби. Според ММФ договорот истата држава треба да отпушти од работа илјадници Македонци.
Кога ќе почнат Албанците веќе еднаш да прават нешто за оваа држава? На пример, за почеток зошто не излезат и не кажат дека не сакаат да ги командуваат и малтретираат криминални банди? Зошто никој од албанското население и интелектуалци не излезе лично и со име и презиме не се огради од сите тие разни команданти кои ги тероризираат луѓето заради својот криминален интерес? И конечно, зошто да мора полицијата да го убедува локалното население дека оди да лови криминалци и дека нема ништо “етничко” во нејзината акција, особено кога веќе има и мешани етнички патроли.
Според Рамковниот договор, до сега требаше да бидат вратени дома раселените Македонци. Зошто тогаш и оваа држава не почне конечно да поставува ултиматуми. За секој вработен Албанец во јавната администрација да се врати по едно раселено македонско семејство и да се предаде по еден Чакала.
4. Хари Костов барем го има на телевизија. Другите министри, на чело со Бранко ги нема ни на вести. И Чакала излезе од илегала. А министрите уште се во сенка. Го чекаат 15 септември.
5. Претседателот Борис Трајковски ги покани премиерот на Велика Британија Тони Блер и министерот за надворешни работи Џек Стро заедно да го гледаат натпреварот меѓу Македонија и Англија во Скопје. И двајцата биле зафатени и не можат да му прават друштво на нашиот претседател. Борис ќе мора сам да грицка семки. Ама, кога веќе не доаѓаат, Блер и Стро мораат да гледаат пренос од фудбалот на телевизија. Борис ќе им мавта.
За да го демонстрира пријателството меѓу двете држави, претседателот Трајковски вчера отиде на тренинг на англиската репрезентација. Борис го виде Бекам. Да провери дали му недостига нешто на англискиот капитен. Познато е дека тој позајмува обувки. Пред десетина дена во Охрид, на оперскиот пејач Борис Трајанов му ги позајми чевлите. На Бекам ќе му позајми копачки.
6. Министерот за животна средина Љубомир Јанев вели дека водата од јаловиштето од Саса не е загадена, иако во неа има 40 пати повеќе олово од дозволеното количество.
Бидејќи е така, на следната седница на Влада на министрите ќе им биде понуденат чиста вода од Саса. За да не уверат дека не е загадена ние сме подготвени да ги сликаме кога ќе ја пијат.
Во тек е кампањата на Министерството за економија со слоган: “Знаеш ли колку си зелен?”. Министерот за пример, прв покажа колку е зелен.
7. Во центарот на центарот на Скопје, среде плоштадот Македонија пред зградата на ЕСМ ќе се гради зграда.
Градоначалникот на Скопје Ристо Пенов не знае дека таму нешто се гради, оти пред неколку дена кажа дека на истото место се гради фонтана.
Градоначалничката на Општина Центар Виолета Аларова вели дека не знае што се случува на плоштадот.
Во која држава, во кој главен град градоначалникот не би знаел што му се гради на главниот плоштад?
Ама тие не се од овде.