ОООЈС!

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:162:"Штомислипремиерот?Декаспецијалниотобвинителеизбранзабркањекрадцинаќебапчиња?

    1. Олеснувачот во преговорите за решавање на политичката криза Питер Ванхауте, со пораки на листови се обиде да ни предочи што во политичката култура значи кога ќе се даде збор и што значи отчетност кај политичарите. Зошто? Изгледа затоа што мислел дека, како по обичај, нема да разбереме што сакал да ни каже, па за да биде сигурен дека сме го сфатиле сериозно, мораше и да ни нацрта. Како нагледно средство во настава за основци.
    Искрено кажано, кога се појави со она ливче на кое пишуваше: “Збор си е збор”, ме изеде срам кои луѓе нас нè претставуваат пред светот. Оти веднаш ми текна на една српска изрека, што со оглед на менталниот склоп во регионот лесно се преведува и на македонски – Човек се држи за збор, а стока за рогови.
    Не знам како нè гледаат однадвор, ама се погоди неколку дена подоцна и еден друг дипломат во неврзан разговор да ми објаснува дека не треба да бидеме многу нервозни, дека работите не се решаваат преку ноќ, оти мора да се поминат многу препреки, да помине време… И за да биде појасен во објаснувањето, не ми нацрта на ливче, ама многу описно ми раскажа дека тоа ти е како кога тераш стока. На пример, кога се водат говедата на пасење и се враќаат дома, не одат секогаш како по конец. Некогаш ќе се погоди денот, некое говедо ќе повлече, и сите одат по него. Ама некогаш се распрснуваат кое влево, кое вдесно. Кое говедо тргнало по вода, кое си легнало, кое настрвено заскитало во некое лозје… Па мораш да интервенираш. Со стапот прво по роговите да му тропне за да му текне. Ако не му текнува, ќе мора да изеде и два-три стапа. Малку од лево, малку од десно, колку да дојде до памет и да го доведеш во ред. Некогаш и стапот не е доволен. Мораш и да подвикнеш. Ооојс…
    Оти човек се одѕива на збор. А говедо реагира на оооојс…

    2. А што кажа Ванхауте? Дека “во Европа има систем на вредности”.И дека “еден од најважните во тој систем е отчетноста, а отчетност значи секој јавен службеник има должност да им објасни на граѓаните што работи”. И уште кажа дека “секој сомнеж дека можеби имало злоупотреба на моќта, злоупотреба на фондови, треба да се гони правно”.
    И заклучи: “Ова е клучната порака во врска со европските вредности, вредности за кои се надевам дека еден ден ќе бидат дел и од вашето општество”. Или преведено на нашки – “Ооојс…!”

    3. Да не беше многу груб Ванхауте? Да не ви звучи навредливо, како што многумина се навредија што странците ни избраа специјален обвинител. Демек, со тоа дефинитивно сме покажале дека не сме биле држава туку протекторат.
    А со што покажавме дека сме држава? Се прашувам дали покажавме дека сме држава на 24 декември 2012 година кога власта ги натепа опозициските пратеници и ги избрка новинарите од Собрание? Кога странците ни го кршат Уставот, тогаш е навредливо и сме протекторат. А кога сами си го кршиме Уставот, тогаш сме држава, не сме протекторат. Исто како што ни е навредливо кога странци ни го чистат ѓубрето. А не ни пречи кога сами си го фрламе и кога не го чистиме.
    Е па кога не можеме сами да се договориме што ни е државен интерес, државниот интерес ќе ни го дефинираат странците. Ама тогаш не тргаат од нашиот, туку од нивниот интерес. Па кога си на дереџе странци да ти се грижат за почитување на Уставот и на законите, на секои десет години ќе ни прават експерименти. Во деведесеттите години нè чуваа трупи на ОН. Ај тогаш беше регионална криза. Ама од 2001 година сме самостојни во кризата. Тогаш со експеримент се направи Рамковниот договор како модел за соживот. Петнаесет години подоцна, Рамковниот од Охрид се повтори како договор од Пржино. Исто за соживот. Само меѓу спротивставени политички партии.
    Западните сили не знаат што да прават со милионите бегалци, се спремаат да ја напаѓаат Сирија, се борат со џихадистите на исламска држава, Шенген системот им се распаѓа, Каталонија ќе се отцепува од Шпанија…Само се плашам дали ќе издржат и со нас да се занимаваат.

    4. Ванхауте можеби има висок личен морален интегритет да ни зборува за европски вредности. Ама и покрај неговата теорија, во практиката деновиве се изнагледавме и како тие европски вредности се спроведуваат на граничните премини на ЕУ. Со бодликава жица, високи огради, со затворени главни коридори кон Југоисточна Европа, борни коли, полиција, војска, водени топови, пендреци и солзавец. Сето тоа проследено со пропагандни говори на некои европски лидери за одбрана на етничката и верската чистота на Европа.
    Таа Унгарија, на чело со Орбан, кому му дадовме највисок државен орден, пред да ја примат во ЕУ пополнуваше прашалници? Во Брисел им отвораа поглавје по поглавје? Претпристапни преговори, пристапни преговори… Од сите успешни приказни за слободна и обединета Европа без граници, без расизам, без ксенофобија, за почитување на човековите права, за еднаквост на религиите, тие на дело ја покажаа само солидарноста. Сите со солидаризираа никого повеќе да не пуштат преку граница.
    А нас, како кандидати за ЕУ, заедно со Србија нè оставија да се докажуваме кој е поголем кандидат. Остана Балканот да ги брани европските вредности од самите членки на ЕУ.

    5. Претседателот Ѓорге Иванов изгледа не гледал вести, па не знаел дека на 15 септември ќе треба да потпишува некаков закон кој е еден од клучните за разрешување на политичката криза. Мораше баш тогаш да оди на форум за економска соработка во Црна Гора. Оти тогаш за него беше најважно да се промовираат економските можности на државата.
    За да го потпише законот за специјалниот обвинител, Владата мораше да го испрати законот на потпис кај Ѓоле со авион. Среќа што Иванов беше во Црна Гора, па евтино поминавме. Замислете да беше во Вашингтон на државничка вечера со Обама. Па ќе мораа да го бркаат по Белата куќа да потпише за Катица.
    А зошто Ѓоле едноставно не остави бланко потпис кога не е во земјата. И онака нема што не потпишал. Се покажа дена неговиот потпис е потребен само како форма. И не е израз на неговата волја, знаење, па конечно и позиција во државата. Во својот свет Иванов којзнае за колку битен претседател се смета. Си вика: “Ете, и со авионче ми праќаат закон да потпишам”.

    6. Премиерот Никола Груевски изјави дека нема страв да се соочи со специјалниот обвинител. И дека сега кога веќе Катица Јанева е избрана, тој ќе може да се посвети на неговите активности во економијата и создавање услови што ќе доведат до отворање на нови работни места.
    Што мисли премиерот? Дека специјалниот обвинител е избран за бркање крадци на ќебапчиња?

    7. Во студентскиот дом “Гоце Делчев” во Скопје паѓаат таваните. Кој му е крив што се вика Гоце Делчев? Да се викаше Тодор Александров ќе беше и реновиран и надграден. И во барокна фасада преслечен.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира