ОП СКОК

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:147:"АкоАхметистанепоголемдемократодштоесега,покрајпушкатаќеизвадиибомба

    1. Како мисли Бранко да го победи Љубчо? На финта на популизам? Па Љубчо на популизам израсна. И не само тоа. Популизмот и го создаде.
    Видовте како го наседна СДСМ со расправата за границата кон Косово? Љубчо – оп, Бранко – скок. За да не излезат помали патриоти од ВМРО-ДПМНЕ и социјалдемократите му влегоа во шемата на премиерот.
    Или пак, на што личеше онаа изјава дека СДСМ му честита на синдикатот за извојуваните зголемени плати, ама ја критикува владата за поразот со ММФ. Бранко се пали на Љубчо, а тој жив среќен и насмеан. Му е гајле него што мисли Бранко за ММФ, кога си доби 70 илјади луѓе на кои им ја зголеми платата пред избори.
    Премиерот ни е алхемичар. Ем имаме повеќе навработени од вработени, ем лани имавме војна, а пред тоа бегалци, ем тој се фали дека во буџетот има многу пари.
    Се ми се чини дека Љубчо се подготвува да ги изгуби изборите. Ги троши парите за да му се одмазди на Бранко. Ако СДСМ дојде на власт, буџетот да биде празен.
    А што ако ВМРО-ДПМНЕ пак победи? А касата испразнета. Да не вади  Љубчо пари од своите сметки? Како да не.

    2. Што се однесува до резолуцијата за границата кон СРЈ за делот кон Косово, пратениците – Албанци и овој пат покажаа максимална лојалност. Кон Косово. Како впрочем и секогаш кога во Парламентот се гласало за интересите на Македонија. Како на пример, референдумот за незавосност, уставот, пописот…
    И сега ние треба да се чудиме што Али Ахмети со уште неформирана политичка партија веќе има парламентарна група. Феноменот Ахмети ќе се изучува како пример за нов вид на демократија. Тој со пушка не се избори само за половина држава. Со пушка влезе и во Собранието. Како што влезе, така со пушка ќе мора да ги натера пратениците – неалбанци да научат албански за да може да го разберат што зборува. Тој навистина има македонски пасош, ама не знае да зборува македонски.
    Замислете си парламентарна седница на која Андов со помош на обезбедувањето се обидува да го отстрани Ахмети од говорницата. Или Андов ќе биде херој, или Ахмети ќе го избрка Андов. Особено ако се занесе во демократскиот дијалог, па покрај пушката извади и бомба.

    3. Одбраната на границата кон Косово има силен адут. Министерот Чашуле е во Мексико.

    4. Министерот Новковски изјави дека учебната година нема да продолжи по 10 јуни бидејќи “благодарение на подобрениот образовен процес, усвоени се наставни програми и планови”. Плус, “наставата се одвивала мошне квалитетно”.
    Луѓето креди во школите немаат, на децата им бараат по пет денари да им купат свидетелства, а министерот Коперник се фали дека бил подигнат квалитетот на наставата.
    Оваа година, учениците завршија со голем одмор. Училишната година поради војната почна подоцна. Стегна зима, немаше греење. Имаше продолжен божиќен, продлжен велигденски одмор и два штрајка.
    Професорите шетаа по улици, учениците седеа по кафеани. Тоа се вика школо на животот.

    5. Кабинетот на претседателот ја продолжува автобуската турнеја. Им се погоди патот за Словачка, па сега првите луѓе на претседателот размислуваа со автобус да отпатуваат за Блед. Што убаво. Како на времето, екскурзиите низ Југославија. Плитвице, Тјентиште, Јајце, Петровац на мору…
    Сиромашкиот Борис. Тој авион бараше, а сега и автобусот ќе му го земат. Нека се зафркава со Чашуле и со акредитивите за Латинска Америка, па ќе мора на следната официјална посета да се вози на ролерки. Тие се побрзи од тротинет, а и Борис не мора да стои на една нога. Сепак, станува збор за претседател на држава.

    6. Им се извинуваме на добитниците на наградите “Сонце на годината”, затоа што не можеме да ги објавиме бидејќи не ни беше дозволено сликање на манифестацијата на Министерството за економија.
    Еден од оние со ниски чела и густи веѓи на нашиот фоторепортер завчера пред хотелот “Александар палас” му рекол: “Вие од ВЕСТ ве молам напуштете!”
    Кога се вози премиерот по улица, ни ги дигаат колите со пајак. Кога некаде оди во посета ги празнат паркинзите. Се прашувам кога ќе ни забранат да дишеме од неговиот воздух. Оти, кога ќе минуваат Љубчо и Снешка, треба и здивот да ни застане.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира