1. Ало! Има ли некој дома?
Претседателот Трајковски ги искара тие што гласале за него дека ако им дадел оружје да се борат, тие веднаш ќе избегале. Среќа што уште малку не замавна со прстот, ќе удреше некого по глава, па можеше некој и да се повреди. Ќе беше тоа прва колатерална штета од тетовската војна.
Премиерот Георгиевски ги искара Американците и Германците и ѝ се исповеда на цела Македонија за сите негови предавства. Среќа што тогаш уште ги немаше украинските хеликоптери, да им ги пушти во Вашингтон и во Берлин.
Министерот за одбрана Љубен Пауновски, како ликовен критичар му удри критика на цел свет и со плачење ни соопшти дека војната само што не започнала.
Министерката за внатрешни работи Доста Димовска пишува ултиматуми, а после се чуди што да прави, кога ќе им истече рокот. Може отишла да прави “ладна фризура”. Ама, некако ја нема да се појави, да ја видиме како изгледа нафрчкана.
Генералот на полицијата Александар Дончев е на боледување.
Државниот секретар на МВР Љубе Бошкоски снима акциони драми по тетовските улици.
Советникот за национална безбедност на Врховниот командант Никола Димитров учи да полага матура.
Само портпаролите Ѓорѓи Трендафилов и Стево Пендаровски се држат на позиција. Да не се тие, ќе мислевме сите се пријавиле за бегалци.
2. Кога човек малку ќе поразмисли – и ова е голем успех. Првата, Крушевската Република ни траеше само десет дена. Ехееј, сега имаме десет години. Се порадувавме малку и – доста ни е.
Тешко било да се прави држава. Да било лесно, ќе ја направеле и порано. Толку од нас. Сега малку ќе одмораме. Па следната држава ќе ни трае сто години. Може ќе биде помала, ама затоа ќе бидеме позбиени, поцврсти…
3. Претседателот Трајковски секоја ноќ ги собира лидерите на партиите да решат нешто значајно. Не сакам ни да мислам колку сме во очај кога баш од него чекаме нешто паметно да направи.
И, како во народната, сè што умовите навечер ќе изградат, будалите наутро ќе урнат. По секоја добра Борисова ноќ, доаѓа лошо тетовско утро.
Добро утро, војводи! Ве поздрави другар ви Хашим Тачи.
4. Последниот самит кај претседателот бил свикан зашто Албанците во Тетово што бараат човекови права носат мобилни телефони. Така рече потпретседателот на ДПА Мендух Тачи. Човек не може ни “аљо!” да рече, а да не го изрешета свирепата македонска полиција.
Среќа што оној што гаѓаше со мобилката не го погоди митралеското гнездо на полицијата. Едночудо зборови ќе се истуреа. А зборот, нели, најмногу боли. Пресилниот збор убива.
Убаво власта си ја имаше повлечено полицијата и од Танушевци и од Шара и насекаде каде што борците за човекови права се вознемирувале од униформираните лица на Република Македонија. Односите си беа релаксирани. Да не беше така, замислете колку мобилки ќе отидеа бадијала. И од каде ќе прислушуваше тогаш Доста. А, вака, си оди телефонист по селското џаде, го запира полиција и тој, вознемирен, буричка по џебовите. Вади мобилка и таа експлодира.
И овој тетовскиот телефонист имаше опасна мобилка. Каков дизајн! Бомба!
За овие простори препорачливо е во едниот џеб да се носи мобилка, а во другиот бомба. Зашто, бизнисот мора да врви. Со мобилка се договара зделка. А со бомбата се одговара ако не ти успее зделката.
5. За разлика од Тачи, кој се разбира во техника, Арбен Џафери е по политиката. Има непроменливи ставови. “Мени нога, мени збор”. Ќе даде изјава, па ќе се попишмани.
Ама, сепак, не смее никако да се дозволи ДПА да ја напушти Владата. Гледате што им порача Антонио Милошоски на терористите кои се македонски граѓани. Да се предадат, за да бидат кривично гонети.
Замислете ДПА да ја нема во Владата. Ако ги нема нив, ќе го нема ни министерот за правда Насуфи. Ако го нема него, кој ќе ги ослободува терористите?
6. Поради зачестените посети на странските делегации во Скопје, Владата му доставила на ЈП “Комунална хигиена” програма за спроведување чистење на централното градско подрачје.
Скопјани, инаку, не заслужиле чист град. Тоа го заслужиле странците што доаѓаат кај нив.
Покрај сè, Владата има време и капацитет да се занимава и со хигиената во главниот град на државата. Нема програма како да ја исчисти државата од терористите, ама има програма за чистење на улиците.
Кој за што го бидува.
7. Е па, драги мои, дојде време да се плати сметката. Колку чинеше “Хард рок”, кој го пушти Аце Циганот по првото гангстерско убиство во строгиот центар на Скопје, кој го правдаше трампањето на четворицата војници на АРМ киднапирани кај Танушевци со Џавид Асан, како Насуфи ги изгуби документите за екстрадиција на Фазли Велиу…
Кога криминалот се продава за човекови права, тогаш доаѓа ваква сметка. Дали ќе бидеме Босна, Косово, Либан, Талибан или Израел, веќе е сеедно. Сите сме заложници на криминалци. Само што ние ќе ја плаќаме сметката, а тие, веројатно, ќе избегаат. Само, каква среќа сме, ќе ни ги вратат назад.