ОПЕРАЦИЈА ЦЕСИЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:51:"БратЉубе,вратисисевоХаг

    1 Знам како ќе се реши кризата со “Свидмилк”. Операција “Цесија” може да почне. Доволно е само утре Зоран Ставревски и Ленче да направат вонредна емисија “Фармер”. И да ја репризираат петшест пати на А1 и А2. Во емисијата ќе го поканат Велија Рамковски. Ќе им црта пити со проценти. Само треба да побрзаат додека Велија е уште во фаза на аграрна реформа. Оти ќе премине во фаза на индустријализација и ќе ги изгради педесетте фабрики. И пропадна аграрот.
    Барак Обама може само да сонува да биде како Никола Груевски. Оти американскиот Претседател нема таков реформатор од калибарот на Велија, како што има нашиот премиер. Ова што сега го нуди газдата на А1 телевизија како начин за решавање на млечната криза е револуција во економијата. Нешто што е на исто рамниште како познатата “Нова економска политика” на Ленин. Или, пак, американската реформа “Њу дил” на Франклин Рузвелт.
    Може ли на некој што не е сериозен и “веома послован човек”, како што е Велија, да му падне таква генијална идеја долгот наместо да го платиш кон тој кај што си се задолжил, да го платиш на некој друг.
    Тој признава дека ѝ должи на млекарницата, ама не сака да и плати. Вика: “Нека направат список фармерите, јас ним ќе им платам”. Многу сериозно и “веома пословно” нема што.
    Многу ми се допаѓа идејата. Уште денеска ќе почнам да ја применувам. Ќе одам во самопослуга да пазарам и кога ќе дојдам на каса, ќе им речам дека не сакам да платам. Лебот ќе му го платам директно на “Жито лукс”, јајцата ќе му ги платам на селанецот што чува кокошки, за компирите ќе се раздолжам кога ќе одам во Пехчево, за детергентот ќе побарам реклама од ОХИС во “Вест”, а месото од фармата во Челопек ќе го компензирам со поддршка за брат Љубе… Проектот кој се покажа успешен дури и во Америка, познат како “пилешки копани за ТВкамери”, сега нуди спас за македонската економија.
    Тоа е дефиницијата за новата бизнис елита на Груевски. Ем да должиш пари, ем да не плаќаш, ем да бидеш голем газда, ем власта да те милува, ем опозицијата да ти се упикува.

    2 Независниот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов, кој во раните деведесетти беше дел од македонската пролет и пишувал книги за цивилно општество, првиот ден откако го кандидираа го натераа да оди по попови и оџи.
    Откако излезе од кај поповите, се збуни. И реши веќе да не зборува. Сега само шета. Како коледар е. Блазе си му. Којзнае колку календарчиња и тефтерчиња му дале по Нова година. И пенкалца. За да може да фаќа белешки за говори. Или ако не го избереме за Претседател, ќе пишува нова книга. Цивилно општество во тоталитарна држава. Или улогата на религијата во секуларната држава.
    Од кај поповите отиде кај стопанските комори. Рекоа дека бил за да се запознаел со состојбите во стопанството. Завчера го носеле на концерт на сериозна музика. Веројатно за да се запознае со состојбите во културата. Утре ќе го носат по болници. Да се запознае со состојбите во здравството. Кога ќе се појави на шалтер во банка, ќе се запознае со состојбите во финансискиот сектор. На фудбал ќе се запознае со состојбите во спортот. До 22 март мора да биде спремен за Претседател.

    3 За разлика од него, независниот кандидат на СДСМ Љубомир Фрчкоски никаде не го шетаат. Тој не треба да се запознава со никого. И со ништо. Оти општо е познато дека Фрчко сѐ знае. Уште од времето на првите демонстрации за Тетовскиот универзитет и атентатот врз Глигоров, па преку изборот на уметнички дела за МНР до доказите за продажбата на “Окта”.
    За Фрчко ќе се воведат нови правила за фер избори. Плукање во три дисциплини. Првата е плукање во далечина. Втората е плукање во лице. И третата, но наедно и најтешка, е плукање во височина. Со голема опасност да не ти падне плунката врз тебе.

    4 На ВМРОвскиот кандидат за независен претседател брат Љубе најдобро му е да си се врати во Хаг. Таму му беше поарно. Му пееја песни, му сликаа слики, се тепаа кој попрв ќе го посети, се фалеа кој се слушнал со него по телефон, држеа пресконференции…
    Сега не сакаат да го видат.

    5 Грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани беше во Ирак и на Ирачаните им ветила споменик на Александар Македонски. Оти на тие во Мосул само уште споменик, подарок од Грција, им фали.
    Ама и министерот Антонио Милошоски беше во Индија. Зошто и ние да не изградиме споменик на Александар таму? Зошто баш во Индија? Затоа што Александар таму најдалеку стигнал. Од таму почнал да се повлекува.
    Така пак ќе ја зафркнеме Грција. Ние ќе изградиме споменик на Александар во Индија. За да нема каде Грците подалеку да изградат споменик.

    .

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира