1. Што се занесува оној европски дипломат Тешеира, па ни се заканува дека Европската унија ќе ни го одзела лидерското место во Западниот Балкан. Ќе нé преоценувале, зашто вакви избори не виделе во ни една земја што сакала асоцирање со ЕУ. Божем изборите не беа успешни. Никој не загина.
Да беше Западна Македонија некоја индиска провинција или некој резерват на племе во неразвиена африканска држава, сигурно ќе имаше мртви. Ама, ние не сме Африка и, за разлика од нив, сме ѝ припаѓале на Европа. Па имавме само расчукани глави. Зашто сме паметни. И зашто имаме демократска полиција. Тука ни нема рамни не на Западниот Балкан туку ни во Западна Европа. Во која земја на Запад имало толку полицајци вклучени во изборниот процес. И тие ќе ни зборуваат за демократија. Па нивните полицајци се глупави како цајкани кога не ги интересира како се гласа.
Со ваков развој на демократијата, ние и ќе го надминеме Западниот Балкан. Толку многу ни ја фалеа власта, па таа се занесе дека сé ѝ е дозволено. Си рекоа, Европа нé поддржува и зајдоа. Има право Тешеира. Не сме ние за тука. Ни за Балкан. Ама ни за Запад. Од нас што подалеку. Отаде Запад.
Среќа што си имаме претседател кој ни се претставуваше како европски човек. И што Европа го поддржува. Така се фалеше. И со него побрзо ќе сме влезеле во Европа. Туку, како тоа претседателот ни го сакаат, а нас не нé сакаат. Ами, ако толку многу го сакаат, што не си го земат кај нив.
2. Не знаеш што е поарно. Да ти го сакаат претседателот, а тебе да не те есапат за ништо, или да ти го мразат претседателот, а тебе да те почитуваат. Еве, на пример, Британците ич не го сакаат Слободан Милошевиќ, ама водат сметка за југословенските граѓани. А тука, многу го почитуваат Борис Трајковски, а за нас баш им е гајле.
Добро е, барем британската амбасада нé удостои со соопштение два дена да не одиме во Софија по визи, зашто ќе ја реновирале тамошната зграда. Ама затоа, пак, ќе можеме да вадиме визи во Белград, и тоа во некоја канцеларија на Британија во бразилската амбасада. Кај Милошевиќ немаат амбасада, ама, ако треба, и во гаража ќе издаваат визи, а тука имаат амбасада, ама ни случајно нема да згрешат во Скопје да почнат да издаваат визи за македонски граѓани.
И после британскиот амбасадор нека дава изјави дека не нé смета за привремена држава. Ќе му веруваме.
3. Бранко Црвенковски почна да ја спасува Македонија. За почеток, ги повлече приговорите на третиот круг од изборите. И така го добивме Борис Трајковски за претседател.
Ако имаше пак прегласување, ништо чудно Џафери да ни се налутеше. Па наместо да му бидеме должни, ќе ни речеше: “Дај вие Македонците, еднаш веќе изберете си претседател! Ако нé терате пак да гласаме, ќе си избереме наш!” Вака пак евтино поминавме. Сега нека пишува фактури. И нека му ги испорачува на Љубчо за наплата. Ако нема Љубчо да плати, ќе платиме сите. Долгот си е долг и мора да се врати. Туку, да го замолиме премиерот, сега додека е добар со Џафери, да го замоли да ни прости, па да не ни пресметува и казнена камата.
Баш е интересно како сега Бранко Црвенковски ќе го обединува патриотскиот фронт за спас на државата. Партизани ли ќе збира, во шума ли ќе оди, телефонски жици ли ќе сече по бандери… Или, ќе го праќа Бузле по кафеани, да го тепаат со лопати и камења. Не знам за Бузле, ама лопатата којзнае како поминала.
Само тоа му остана, оти приказната за уривање на Владата завршува во моментот кога ќе се сети како ја укина можноста за предвремени избори со собирањето потписи. Не бадијала се рекло, како ќе си го скроиш, така ќе си го носиш.
4. Единствена шанса му е премиерот да ја продолжи турнејата по европските скијачки центри. Малку му е Гармиш Партенкирхен. Замисли Бранко да го смени, а тој да не успее да ги види сите познати скокалници. Љубчо од Гармиш, да се пресели во Оберздорф. Па оттаму да тркне до Инзбрук. Па во… … …. И така ќе ја заокружи новогодишната серија на познатите скокачи. Ем премиерот ни е во европски тренд ем Македонската телевизија, наместо новогодишни честитки од времето на комунизмот, по вестите ќе ни ги емитира говорите на премиерот, како што е нормално во демократска држава. Зашто говорите на премиерот личат на бајки. Со нив малите деца полесно се успиваат.
Само, нека шета Љубчо по снеговите, ама нека гледа некаде кога ќе се запролети, да се врати дома. Тогаш се топат снеговите и може да го затрупа лавина. Ако не верува, нека праша некоја бајачка.
5. Претседателот на Државната изборна комисија остана докрај конспиративен. Не им откри на новинарите кој ја правел тортата. Да ја мателе Тања Каракамишева и Благородна Дулиќ, не ми се верува. Ќе се скарале во кујната уште при матењето на јајцата.
Сé ми се чини дека тортата беше подарок од Владата. Затоа беше во облик на срце. Затоа што ДИК ни беше срцка. И тоа, најверојатно, била производ на колективна активност на владините дами. Најтешката работа ја завршиле потпретседателките Радмила Кипријанова и Доста Димовска. Двете, сложно и заеднички, ги мателе јајцата. Едната ги матела жолчките, а другата белките. Е тука настанал коалиционен проблем. Шлагот никако да им се погоди. Па морала на помош да дојде Милијана Даневска. Таа има рецепт за развој. Се вклучила и Мерие Рушани, да даде научен пристап на целата операција. Ништо. Ни шлагот пораснал, ни тестото добро се испекло. И на крај ја избркале Радмила од кујната. Не може да има две матачки на јајца. Се знае кој најдобро ги мати работите во државата. И во иднина не мора да се јаде торта. Ќе се јадат туљумби.