1. Во западна Македонија нема да има пукање. Ако, не дај боже, почнат престрелки меѓу тамошните Албанци и Македонци, војната ќе се води со – радиоактивно зрачење.
Радиоактивниот детектор по име Александар Писарев, од серијата “Слободанка експрес”, деновиве дојде до сензационално откритие. Како илегален дописник од Македонија на својот весник му го издиктира следниов текст:
“По вестите за повлекување на единиците на македонската милиција од Косово и соопштението на Извршниот совет на Собранието на Македонија дека милиционерите ќе бидат распоредени на вршење безбедносни задачи во својата Република, се слушна дека Туѓман му ги нуди на ВМРО озрачените “калашњикови”, за да ја тргне нуклеарната депонија од “лијепа наша”.
Пратеникот од ПДП Неим Селмани, кој на собраниска седница загрижено прашуваше дали вратените милиционери ќе бидт пратени во западна Македонија, за информација од прва рака ќе треба да му се обрати на детекторот Писарев. Тој веројатно има цврсти докази и за бројот на “калашњиковите” што ги договорил Љупчо Георгиевски со Фрањо Туѓман.
Бидејќи претседателот на Хрватска во моментов нема друга работа освен да бара жртви на кои да им ги подметне “калашњиковите”, зашто 50 од сто од редарствениците масовно му умираат, не е вишто чудно дел од контингентот да му бил понуден и на Невзат Халили. Тоа, за волја на вистината, детекторот Писарев не го открива, ама може да се претпостави. Инаку, што друго би работела “шиптарско-усташко-врховистичката коалиција, ако не се занимава со озрачување на паметот на агилните дописници.
Во озрачените глави веројатно е направено и сценариото за граѓанска војна во западна Македонија. Низ Тетово, Гостивар и Дебар ќе се водат улични борби со – зрачење. При поставувањето замки, Албанците на Македонците, или обратно, ќе си викаат: “Стој, ќе те зрачам!” И наместо цевките, кон непријателот ќе ги вртат кундаците на калашњиковите.
2. Од тотално уништување ќе нé спаси само војската. Како што предвидува Стојмир Цветковски, што во Собранието на Македонија се претставува како пратеник на преобразените комунисти, половината од населението од републикава ќе легне да ја бакнува земјата пред тенковите, кога ќе дојдат да нé спасуваат.
Кога почетната еуфорија ќе спласне, сите ќе почнат масовно да си бараат брачни другари од редовите на братските југословенски народи и народности. Затоа што и Стојмир, почитувајќи го југословенството, се оженил со Хрватка. Така барем се исповедаше пред македонскиот парламент и пред македонската јавност.
Озрачените Македонци и Македонки ќе се растурат низ цела земја за да прават Југословени.
3. Така високо контаминирани ќе пристапат кон СК – Движење за Југославија. Конечно, ќе соберат сила да го симнат од власт Анте Марковиќ, затоа што “води економска политика заснована на концепт на либерален капитализам”. И самите ќе го протераат американскиот амбасадор Ворен Цимерман, кој ја разбива државата, бидејќи “подолго време се однесува како Југославија да е негова фирма”. Па затоа бараат од СИС “најитно да ја предупреди американската влада на сите можни последици кои веќе се создадени и кои можат да настанат од таквото однесување”. Ако ништо друго, тогаш барем да го предупреди господинот Цимерман да не мрда од деконтаминираниот Белград, затоа што сé наоколу е веќе опасно озрачено.
4. Дека и во неозрачените бракови не оди сé како подмачкано, најдобар пример е двојката Слободан Милошевиќ – Мирјана Марковиќ. Изгледа дека другарката со цветот во косата не му шепнала на својот брачен другар какво соопштение подготвува нејзиното Движење за Југославија, па во понеделникот дојде до целосно разидување во ставовите на СК-ДЈ и ополномоштениот претставник за печат на Слободан Милошевиќ – претседателот на Претседателството на СФРЈ Борисав Јовиќ.
Како инаку можеше да се случи, во исто време кога Јовиќ на Танјуг му изјавуваше дека “Македонија и БиХ ги изложија своите ставови за можните функции на заедничката држава, кои, по моја оценка, не се разликуваат битно од ставовите на Србија и Црна Гора”, истата новинска агенција да емитува соопштение на Извршниот одбор на СК-Движење за Југославија, во кое, покрај заканите до Марковиќ и Цимерман се укажува дека “со отпорано искажаните сепаратистички тенденции на Хрватска и Словенија, дојдоа и слични претензии на раководствата на Македонија и Босна и Херцеговина”.