ПАЛИ ГАСИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:37:""Немеоставајтесам"

    1 Откако почнаа да ги апсат блиските на Бранко Црвенковски, претседателот се сети на Киро Глигоров. Претседателите заедно ручаа и се сликаа. Не дадоа изјава. Имаше само соопштение дека зборувале за НАТО, состојбите во државата, потезите на Владата и апсењата за корупција.
    Што научил Бранко од Киро овој пат? Да знае кога е вистински момент да излезе и да каже: “Не ме оставајте сам”.

    2 Јавниот отчет на Владата по првите 100 дена откри неколку интересни работи кои не сме ги знаеле. За време на онаа голема телевизиска емисија на која главните уредници го прашуваа премиерот и неговите министри не дознавме ништо повеќе од тоа што веќе е објавено и што се врти на рекламниот спот.
    Ако досега не сме знаеле дали Груевски е тој што пали и гаси во Владата, по таа емисија знаеме барем едно. Не се знае кој пали, ама Груевски сигурно гаси. Тоа ни го потврди вицепремиерот Зоран Ставревски. Кога министерот Милошоски се пожали дека е доцна и мора да си оди, премиерот Груевски му дозволи да замине, ама рече дека тој ќе остане оти е навикнат да работи до доцна во ноќта. Тогаш вицепремиерот Ставревски потврди: “Да, претседателе, јас кога си одам дома во 11.30, гледам дека кај вас свети до 12.30”.
    Како може Ставревски да знае до кога свети кај Груевски ако си оди дома еден час порано? Или живее карши Владата или има доушници во Владата. Или, пак, во кабинетот имаат направено распоред: Никој не смее да работи повеќе од премиерот.
    На таа емисија дознавме и дека Груевски многу сака да ги дополнува министрите. Тие ќе зборуваат, ќе зборуваат, а Груевски ќе им се уфрли: “А ова заборавивте да го кажете. Ај сега кажете”. Само што премиерот не им помагаше на сите. Се однесуваше како Тарик Филиповиќ во “Милионер”. Кој му е симпатичен да помине во вториот круг добива мала помош.
    Многу ми е жал што таа вечер не прозборе министерот за странски инвестиции Глигор Ташковиќ. Му беше поставено прашање дали навистина Груевски му забранил да дава изјави оти тресе глупости. Ташковиќ не дочека да му го преведат прашањето, а Груевски веќе одговараше место него. Штета. Да смееше Ташковиќ да одговара, имав подготвено прашања за него. Дали при неодамнешната посета на Казахстан се сретнал со Борат? Дали притоа размениле визиткарти? Дали Борат ќе ја посети Македонија за да се увери во поволностите за странско инвестирање со воведувањето на рамниот данок? Дали ќе се појави на суд ако Есма го тужи што во филмот и ја користи “Чае шукарие”?
    Со внимание го гледав однесувањето на министрите. Кога зборуваат гестикулираат со рацете и прават некакви кругови, слични на потезите на премиерот Груевски што ги прави кога нешто објаснува. Само министерот за одбрана Лазе Еленовски не прави кругови. Тој ја стега шаката и чука со едната рака по масата. Исто како што чука Бранко Црвенковски. Лазе уште не може уште да се одлепи од идеолошката матрица.

    3 И опозицијата многу подготвено ги дочека 100те дена на Груевски. Рекоа дека сега жестоко ќе критикуваат. Излезе Радмила Шеќеринска и кажа дека “стоте дена биле шминка”. Пожестоко здравје.
    Како лидер на главна опозициона пратија очекував од Рада кога се појави, на податоците со кои Груевски се фали како успеси, таа да излезе со други податоци за да го демантираат.
    Дури и да е само шминка, како што жестоко вели Рада, Груевски барем седна и направи попис на работите што ги почна. А Шеќеринска не го направи дури ни тоа. Си читала весници, си гледала телевизија и излезе на пресконференција со кафеански муабет.
    Зошто да не му верувам на Груевски кога ти дава некакви податоци, а треба да ѝ верувам на Рада кога ми раскажува кафеански муабети? Од неа како опозиционен лидер очекувам кога ја критикува Владата да не млати празна слама. Таа уште мисли дека тоа што е од СДСМ е доволно за да ѝ се верува по дефиниција.

    4 Минатата недела некој директор на германска “Луфтхазна” слетал на Скопскиот аеродром без пасош. Нашите го пуштиле да влезе во земјата “за да не трпи бизнисот”. На полицијата ѝ било доволно некој телефонски да им се јави и да ургира да го пуштат.
    Во исто време Антонио Милошоски носеше некаква маица во Брисел на која пишуваше “Не визи за Македонија”. Тој требаше да ги убеди луѓето од ЕУ дека заслужуваме олеснување на визниот режим.
    Треба да ни веруваат дека ние ефикасно ги контролираме границите. Во ЕУ луѓето патуваат само со лична карта. Кај нас за да се помине граница не треба ни лична карта. Доволен е само телефонски повик.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира