ПАРТИСКА ЌЕЛИЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:26:"ШутканееХаг

    1. Лесно му е на Љубчо. Знае како да се однесува кога ќе се налути. Не си го признава сопствениот потпис. Не го признава Уставот. Не оди во Собрание. Најавува дека ќе прави бељи во државата. И очекува за сето тоа никој да не го апси.
    Туку, време му е да си признае дека ја згреши работата уште во предизборната кампања. Додека сечеше разни ленти и отвараше објекти, требаше да му текне во изборната еуфорија да потроши некој денар и за реновирање на затворите. Ем некоја вмровска градежна фирма ќе си добиеше работа, ем ќе останеа пари и за некоја провизиичка, ем тој ќе се сликаше уште еднаш со главата горе, ем сега неговите сопратијци ќе имаше каде достоинствено да ги поминуваат опозиционите денови и седејќи в затвор да ги штедат со мака спечалените пари.
    Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Марјан Ѓорчев веќе изјави дека ситуацијата со членството ќе им излезела од контрола и луѓето ќе преземеле радикални мерки за да се заштитат од тоталитаризмот на СДСМ. Активистите на ВМРО-ДПМНЕ ќе преминат во илегала. Ќе се формираат партиски ќелии. А најмоќната партиска ќелија ќе биде ќелијата во затворот во Шутка.
    Ѓорчев е голем борец за човекови права. Тој е толку голем демократ што за него дури и апсењето на луѓе кои го прекршиле законот е уривање на демократијата. На пример, власта не го почитува основното човеково право на семејството на Ѓорчев, да гради куќа во заштитен национален парк. Ако утре овие тоталитаристите од СДСМ решат да ја урнат и вилата на дедо му, изградена без дозвола на осамена плажа во Трпејца, тоа ќе биде не само уривање на демократијата, туку и злосторство против човештвото. Ама, Шутка не е Хаг.
    Освен, ако во меѓувреме, некој од катастарот и тоа државно земјиште не го препишал на приватно вмро-вско лице.

    2. Бидејќи работава со загрозувањето на демократијата во Македонија станува многу сериозна, Љубчо сериозно размислува да го повлече потписот од рамковниот договор. Тој рамковен договор беше основа и за промена на Уставот. Ај што Љубчо ќе си го повлече потписот, да го видиме и тоа чудо. Ама, знае ли тој кој гласаше за промена на Уставот. Со колку пратенички гласови можеше да се изгласа промената. Со чии гласови во мнозинство беше изгласана таа промена? Нема кај да бега. Во рамка е. Така што, можеби Љубчо не го признава рамковниот договор. Ама рамковниот договор го признава него.

    3. Али Ахмети се појави во Собранието за да му направел чест на претседателот Трајковски. Љубчо Георгиевски не се појавува во Собранието баш за да не му прави чест на претседателот Трајковски.
    Едниве радикални борци слегоа од шумата и седнаа во собраниски клупи. Другиве сега ќе се радикализираат и од собраниски клупи ќе одат во шума.
    Тоа кај нас се вика борба за човекови права. И светот тоа го наградува.

    4. Упорно се обидувам да го гледам она што колегите од телевизите го викаат “Бизнис вести”, или “Економија”. Во нашето економско секојдневие го имаме ова: Штрајкувачкиот одбор носи економски одлуки. Газдата да се истера. Директорот да се смени. На богатите да им се конфискува имотот…
    Таман се подготвувам да видам прилог како лумпен пролетеријатот ги крши и машините, кога оп – се појавува Радмила Шеќеринска и ги учи државните службеници како да не внесат во Европската унија.
    Што ги учи џабе. Нека гледат и тие вести. Се знае како. Со комунизам.

    5. Секогаш кога се враќам дома од некаде паѓам во депресија уште на скопскиот аеродром. Тоа чудо е најголемата брука за оваа држава.
    Никој не почитува жолти ленти, ниту пак полицијата ги почитува македонските граѓанин, кога не ни дава предимство на пасошката контрола. Насекаде смрди на пржени јајца и сите се душат во чад од цигари. Тоалетите се валкани и личат на полски ќенефи. Цариниците како локални шерифи шеткаат лево-десно и ги гасат цигарите со фрлање на догорчињата на подот, токму под знакот за забрането пушење. Сите патници се третираат како шверцери од прв ред, зошто институцијата зелен – црвен премин не постои. Количките за багаж ги нема оти надвор врне, па некому го мрзело да ги собере од паркингот. И на крај доаѓа задоволството да те нападнат милион таксисти на кои не можеш да им речеш “Не!”, оти ќе ти го скинат ракавот од палтото.
    И си велиш: Каде дојдов јас? Дома си дојдов.

    6. Баш ме интересира како ќе изгледа гламурозната прослава на Нова година на плоштадот Македонија. Дали организаторот предвидел тезга со гумени рибарски чизми, во случај да заврне дожд. Оти, не оди гламур со кал до колена на плоштадот, со чакал по главната улица и со барички вода и лизгалише на Камениот мост.
    И нека не мисли Пенов дека јас сум против него што не го средил градот. Јас сум против временските прилики.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира